Толку од нашата демократија, следува насилна борба за власта

15.03.2017 08:30
Толку од нашата демократија, следува насилна борба за власта

Кога, во предвечерјето на крвавите етнички војни, од Америка му се јавив на еден пријател во Скопје за да му ја пренесам веста од „Њујорк тајмс“ дека Југославија ја изодува последната милја до граѓанска војна, тој ми одговори дека ако не гледаш телевизија и не читаш весници ситуацијата со ништо не укажува на таквата можност. Се плашам дека и во Македонија денес некои од умерените луѓе мислат дека не гледајќи вести, не читајќи весници и не размислувајќи за политиката, ќе се спасат од она што следува.

Оние, пак, што станале дел од националистичките процесии, оставаат водачите да ја определат нивната судбина. Во такви околности, што следува? Следува, да се изразам сосема благо, немирен трансфер на власта. Претседателот на републиката, дефинитивно не мисли да го даде мандатот на водачот на опозицијата кој, заедно со албанските партии, го има мнозинството во парламентот. Така, тој го суспендира демократскиот процес и ја погази волјата на мнозинството на граѓаните на Македонија. Сето тоа е сторено во името на загрозената македонска нација. Како дебатата од правната држава и документот на Прибе, која што ја водевме цели две години, наврапито се префрли на етничката тема и Платформата на Албанците, предизвикувајќи жестока поларизиација на општеството, ќе каже историјата.

Она што го знам од искуство е дека после таквата поларизација следува целосна парализа на политичките институции, од типот каква што ја осетив во Сараево кога со претседателот Глигоров минувавме низ празните и тивки коридори на пат кон просториите на претседателот Изетбеговиќ, и каква што сите ја видовме во предвечерјето на етничкиот судир во Македонија во 2001 година. Затишје пред бура. Ја препознавам истата таа парализа и во актуелнава криза која ми дава за право, скоро со сигурност, да прогнозирам дека македонската политика веќе ништо конструктивно не е во состојба да произведе и дека работите ќе одат кон конфликт и насилство.

Инаку, упорното поистоветување на нашата криза со онаа во Србија, поистоветувањето на Груевски со Милошевиќ, поистоветувањето на методите на борба против „режимот“ со оние во Белград е погрешно затоа што не ја одразува на вистински начин специфичната македонска ситуација. Специфична ситуација? Во Србија, имено, Албанците „изолирани“ на Косово, не беа дел од формулата за борба против узурпаторите на власта. Во Македонија тоа драматично ја комплицира ситуацијата заканувајќи се кризата да ја претвори во „тробој“, како оној од прочуената сцената на филмот на Серџо Леоне „Грд, добар, лош“. Но, уште пострашно, кризата се заканува да почне да се прелева низ порозните граници со Косово, во кое сѐ уште има вооружени групи вон контрола на централната власт. Најмрачното сценарио ми вели дека во таков случај околните балкански држави, би влегле на територијата на Македонија за да создадат одбранбени тампон зони подалеку од своите граници...

Во 2001 година, не верувајќи во очекувањата од Западот дека македонските политичари се способни да се справат со кризата, на мојот американски пријател му напишав дека САД и ЕУ треба да испратат свои специјални претставници. Мислам дека е повторно време некој да напише писмо, зашто работите сигурно нема да одат на подобро туку на полошо. Само, постојат ли сè уште на Запад кандидати спремни да нѐ спасуваат од нас самите или ни истече времето?

Извор: Плусинфо
Слики: Свирачиња