Промоција на романот „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски

15.03.2017 07:59
Промоција на романот „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски

На 15 март (среда) во галеријата на МКЦ со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на романот „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски, кој го објави издавачката куќа Или-Или од Скопје.

Книгата ќе ја претстави поетот, преведувач и критичар, Душко Крстевски низ разговор со авторот.

Давор Стојановски (1987, Скопје) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрира на Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се застапени во домашни и во странски антологии. Неговиот дебитантски роман „Ненасловена месечева соната“ (2013, Или-Или) влезе во потесниот круг за наградата Роман на годината на „Утрински Весник“.

За книгата, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска пишува:

„Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски е роман кој се совпаѓа со светскиот тренд на обновување на фактографската и реалистичната книжевност. Но тој е, истовремено, и едно типично ново егзистенцијалистичко писмо, кое македонската книжевна сцена го чека уште од времето по појавата на „Кратката пролет на Моно Самоникот“ на Димитар Солев. Моно на Солев еве конечно доби свој наследник во Јаков на Стојановски. За разлика од претходниот роман, приказната во овој се случува во Македонија, поточно во Скопје. И без никакво претерување може да се рече дека Јаков на Стојановски е всушност македонскиот Улис, поточно македонскиот Леополд Блум (38-годишен добавувач на огласи во весници), а во добар дел при скитањето во пределите на своето сеќавање израснува и во македонскиот Антоан Рокантен на Сартр. Со тоа, „Собирачи на пепел“ ги отвора вратите за темите на денешнината и тоа за вдоменоста и бездомноста, за чувството на недостиг, за чувството на осаменост покрај сите оние познати и непознати луѓе околу себе, за стравот од блискост, за потребата од далечност со своите и туѓите, за...

Извадок од романот можете да прочитате овде.