Нарцизам со мали разлики

01.07.2010 11:04
Нарцизам со мали разлики

Анализирајќи го неодамнешниот излив на насилство меѓу узбекистанското малцинство и киргиското мнозинство во Киргистан, многу коментатори не успеаја да објаснат зошто овие два народа наеднаш се свртеа еден против друг.

Објаснувањата се движат од официјалното додворување на киргискиот национализам, преку полициската и воена бруталност до провокациите кои ги вршат паравоените формации во надеж дека ќе создадат нов Авганистан, но ништо од тоа не објаснува зошто меѓуетничките односи толку брзо се влошија.

Небаре целта на коментарите беше уште повеќе да ја заматат сликата, па новинарите во неколку извештаи ја истакнуваа суштинската сличност – етничката, јазичната, културната – меѓу Киргизите и Узбеците.

Но токму тоа би можело да биде објаснувањето. Во бројни случаи на етнонационалистички судири, најдлабоката омраза се јавува меѓу народите кои – според највоочливите одлики – покажуваат најмалку разлики. Тоа претставува една од големите цивилизациски контрадикции и еден од најголемите извори на незадоволство, а Сигмунд Фројд на оваа појава и’ го даде називот: „Нарцизам со мали разлики“. Според неговите зборови: „Токму незначајните разлики кај инаку сличните народи претставуваат основа за нивните меѓусебни непријателски чувства.“

На пример, поделбата на Индија и Пакистан, која е причина за еден од најдолгите и најотровни постоечки судири, пред сè, се сведува на поделбата на Пенџаб. Појдете во Пенџаб и видете дали забележувате некаква разлика меѓу луѓето од обете страни на границата. Според јазикот, етничката припадност, физичкиот изглед – тие се сосем идентични. Во овој случај религијата е она што го симболизира нарцизмот и ги истакнува најситните разлики.

Некогаш работев во Северна Ирска, каде верата е исто така значајна линија на поделби, и на почетокот не умеев на прв поглед да препознам кој е католик а кој протестант. По одредено време, можев сосем точно да одредам кој е кој, но повеќето граѓани на Белфаст тоа го правеа многу подобро, и тоа некако инстинктивно.

Всушност, таму постои одредена етничка разлика, бидејќи староседелците Гели се малку поцрномурести и пониски од главно русите Шкотланѓани кои дошле подоцна, но за странците тоа е незабележливо.

Исто е и на Кипар – тешко е да се разликуваат Грците од Турците. Овие два народа толку долго живееле заедно на истиот остров што страдаат од истото крвно пореметување наречено таласемија. Во една прилика разговарав со еден доктор кој се специјализирал за тоа заболување, и кој со сериозен глас ми рече дека од примерокот на крв не може да се заклучи дали давателот е Грк или Турчин. За малку ќе го прашав дали дотогаш мислел дека припадниците на различни националности се создадени од различен генетски материјал. Во пракса речиси не постои ниеден мешан брак меѓу грчките и турските Кипрани, и овој остров сè уште е строго поделен.

Во книгата „Воинска чест“, Мајкл Игњатиев се обиде да објасни што е тоа што ги натерало војниците во војните на Балканот – патем, физички сосем слични – на суровост и презир кон еден Србин, Хрват или Босанец.

Најчесто омразата произлегувала од големото провинциско и локално ривалство, а била поттикната од зависта поради наводно некои мали предности на оној Другиот. Се разбира, и овде имало латентни национални и верски разлики кои ја забрзувале омразата кога веќе сè останато ја достигнало точката на вриење, но главното прашање кое странците го поставуваа беше: „Како ли се препознаваат?“

Во Руанда и Бурунди, дури и доколку тврдењата на одредени колонијални антрополози да се точни – дека племињата Хуту и Тутси се разликуваат според висината и според тоа како се чешлаат – тоа, сепак, не делува како доволна разлика за предизвикување геноцид.

Во Шри Ланка, каде исто така ви е потребно многу време за да забележите дека Тамилците обично се малку пониски и поцрномурести од мнозинските Синхалези, тоа некако е најважната информација која тие ја знаат едни за други. Обично во разговорот со нив многу брзо ќе ви вметнат дека оние Другите имаат премногу деца, дека се мрзливи и деа не водат многу сметка за чистотата.

Мојот пријател Патрик Кокбурн во својата книга за Багдад пишува дека забележал дека секогаш кога некој ирачки шиит или сунит ќе каже дека верата не игра никаква улога, тој точно знае кој од присутните на која вероисповест и’ припаѓа. А доколку сакате да видите како изгледа расниот презир, кажете му на некој шиит од Иран дека мислите дека тој и ирачкиот шиит, во суштина, се браќа.

Следниот пример на оваа појава е еден од најсериозните, но и најмалку драматичните. Една од најбаналните разлики во светот – разликата меѓу говорителите на фламански и на француски јазик во Белгија – намерно ќе истакнуваат дека Белгија треба да се подели на два дела. Ако оваа поделба успее, тогаш седиштето на НАТО и ЕУ прилично нарцисоидно ќе престане да постои, бидејќи ќе го уништи една од најмалку замисливите разлики.

Затоа можеме само да ги жалиме Узбеците и Киргизите додека вжештено зјапаат едни во други, во ова време на немаштија и несигурност. Нивното заедничко страдање можеби допрва започнува. Во сето тоа има вистински елементи на трагедија – и иронија. Една од најголемите предности на хомо сапиенсот се неверојатно малите разлики меѓу различните „гранки“.

Откако ја напуштивме Африка, како вид речиси воопшто не сме се измениле. Да сме сите пци, сите ќе бевме од ист сој. Не страдаме поради огромните разлики кои ги одделуваат останатите примати, а да не зборуваме за останатите цицачи. Речиси како за инает на оваа природна предност, и за да ја расипеме можната сеопшта солидарност, успеваме да најдеме изговори за шовинизам и расизам дури и во најмалите разлики кои потоа ги преувеличуваме. Затоа осудата на фанатизмот и суеверието не е само морално прашање, туку и прашање на опстанок.

Извор: Slate

Илустрации: Josh Evans

Други текстови од истиот автор на Окно:

Коалиција на копачи

Дали на еврото му дојде крајот

Исланд - природата е главна

Она што се случи минатата недела во Иран не беа избори

"I wonder if other dogs think

"I wonder if other dogs think poodles are members of a weird religious cult."

Слични содржини

Активизам / Европа / Свет
Активизам / Свет
Активизам / Свет
Активизам / Европа / Свет
Свет

ОкоБоли главаВицФото