Контраспин: Маџунков заборава – мултијазичноста е уште од социјализмот

16.03.2017 11:46
Контраспин: Маџунков заборава – мултијазичноста е уште од социјализмот

Академикот и писател Митко Маџунков, на годишното собрание на Академијата (МАНУ), меѓу другото, го изјави и следново, кое го оценуваме како спин:

Спин: Сегашниот обид за воведување двојазичноста на целата територија води кон поништување на претежниот православен и христијански карактер на нашиот народ и кон албанизација и исламизација на нашата татковина.

[Извор: ТВ Нова, датум: 14.03.2017]

Контраспин: Академикот Митко Маџунков, кој е редовен член на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), во дискусија надвор од дневниот ред на годишното собрание на Академијата, побара МАНУ да ја отфрли и да ја осуди Платформата на албанските партии во Собранието на РМ. Притоа, документот го оцени како повик за редефинирање на државата и закана за унитарноста. Меѓу другото, Маџунков опасноста ја гледа и од барањето за воведување на албанскито јазик на целата територија на Македонија, што го сметаме за спин.

МУЛТИЈАЗИЧНОСТА Е УШТЕ ОД СОЦИЈАЛИЗМОТ

Маџунков би требало да знае дека Македонија е официјално повеќејазична, не отсега, туку уште од времето на длабокиот социјализам. Изминатите неколку недели по телевизиите со национални концесии во Македонија неколкумина политичари и професори Албанци од Македонија, ги покажаа нивните свидетелства и други документи издадени на два јазика, при што прво на албански па на македонски, а издавани уште од од крајот на педесетите години на минатиот век.

И со Уставот на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, па и во С.Р. Македонија, повеќејазичноста била официјално во употреба. Тогашните малцинства кои се викале народности, имале право на употреба на својот јазик и како службен.

Магистер Јован Близнаковски, програмски директор во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје, кој се занимава со области поврзани со мултикултурните и идентитетските политики, демократизација и добро владеење, го појаснува овој феномен. Тој наведува дека овие прашања се решени „на напреден начин“ уште со Уставот во СРМ од 1963 г. и реафирмини со измените од 1974 г. Во колумната за Дојче Веле Близнаковски вели:

Всушност, повеќејазичноста е предвидена во образованието и во комуникацијата со државните органи, веќе со Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1963-та година (и реафирмирана со Уставот од 1974 година) и тоа на доста напреден начин. Тогашниот Устав предвидува рамноправност со македонскиот јазик при употребата на јазиците на тогашните „народности“ (следејќи ја уставната терминологија) на подрачја на која живеат поголем број припадници од одредена група различна од македонската.

ДВОЈАЗИЧНОСТА Е УСТАВНА ВЕЌЕ 15 ГОДИНИ

Близнаковски дава краток осврт и на продолжување на континутетот и со Уставот од 1991 г., иако порестриктивен, како и со уставните измени од 2002 г., по што заклучува дека Македонија е двојазична земја веќе деценија и половина:

Следствено, Македонија е де факто земја со службена повеќејазичност и тоа со децении, а со службена двојазичност на национално ниво веќе 15 години.

Тоа e потврдeно и со Амандманот V на Уставот на РМ со кој беше заменет Член 7 од поранешниот Устав со кој се оопределуваше службеноста и употребата на јазиците во Македонија. Во еден став од амандманот се наведува:

Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.

Во 2008 г. е донесен нов закон за употреба на јазиците на оние граѓани чиј мајчин јазик не е македонскиот, (Официјалното име и целиот закон на следниов линк). Практичната примена на овој закон трае оттогаш (според Близнаковски во овој закон има порестриктивни одредби во однос на Уставните амандамни од 2002 г.), а во 2015 г., по сеопфатна анализа нарачана од Владата и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, констатирани се извесни слабости, по што Владата добила предлог за кој денес тврди дека не го разгледувала. Тој документ можете да го видите на следниот линк, а на веб страницата е насловен како Извештај за имплементација на сите политики што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор.

Поради сè погоре наведено, а пред сè, поради праксата и реалноста во која живееме со децении, тврдењето на Маџунков дека сегашниот обид за двојазичност на целата територија на РМ е опасност и за христијанскиот карактер на македонскиот народ и за исламизација и албанизација на нашата таковина, го сметаме за недвосмислен спин.

Платформата на партиите на Албанците застапени во Собранието не е ништо друго туку изјава, израз на политичка волја или намери кои се декларирани како прашања за дискусија со другите политички субјекти во државата, за што „Вистиномер“ веќе пишуваше.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Скулптури на сликите: Cao Hui