Пред расцутување на фланбоајаните

16.03.2017 14:05

 

Саноќ плачеше земјата
сува и испукана како препечена погача,
саноќ дуваа пустински ветрови
и трупаа песок во пукнатините.
Од преслекувања океанот ги испокина сите модри кошули
а сепак не успеа да се смири.
Само небото остана спокојно и празно
како ништо да не се случува
како да не го гледа овој бродолом.

Саноќ урликаше земјата.
А можеби тоа беа жедните ѕверови
што лунѕаа низ саваните и шумите
умирајќи крај пресушените извори на вода.
А можеби тоа беа дрвјата што се свиваа до прекршување
и со лисјето ја лижеа сувата земја.
Само небото беше сурово спокојно и празно
како никому да не му е потребен дождот,
како да не го гледа овој бродолом.

Саноќ се грчеше земјата.
А можеби тоа беа луѓето што го чекаа дождот
како што се чека првороденче
згрчено во безживотна утроба.
Пред изгрев сè се измори и сè задрема таму кај што се најде
и луѓе и дрвја и ѕверови.
Врз океанот пливаа само парчиња од испокинатите кошули.
А со изгревот на сонцето како изгрев од раните на земјата
(црвени цветови и пожари, пожари во градот)
расцутеа фланбоајаните.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото