Македонија е сè што имаме

17.03.2017 03:10
Македонија е сè што имаме

Почитувани мои сограѓани,

Дојде време да ја одбраниме државата. Да не дозволиме да биде променета. Да го зачуваме македонскиот идентитет и да не дозволиме да ни го одземат името.

За тоа се работи. Народот знае и препознава. И се дига како едно. Сите разлики се бришат кога треба да се застане во одбрана на МАКЕДОНИЈА!

Народот не може да биде излажан и изманипулиран. Неговата вековна мудрост и кумулирано знаење на генерациите од кои се недри се брана од секој оној кој ќе се обиде да го дефокусира од вистинските проблеми, да го поткупи со ситни придобивки и да го намами да ја напушти барикадата на која се брани оваа грутка земја која што ја нарекуваме татковина. Народот знае.

Залудни се сите обиди на непријателите на Македонија да ја прикажат како мала, слаба, незаштитена, неважна, сиромашна, и подложна на надворешни влијанија.

Народот знае колкава била и колкава треба да биде, народот ја знае моќта на империјата која се простирала на три континенти и која може повторно да биде воспоставена, народот ја чувствува во своите дамари крвта на загинатите борци за нејзината слобода независно од знамињата под кои марширале и војските во кои служеле, народот го чита нејзиното име во Светотот писмо и само незналици можат да помислат дека е тоа географска област, а не нашата една единствена држава, народот го чувствува нејзиното пулсирачко богатство кое само чека да биде откриено длабоко закопано под голата стена и народот не дозволува никој од надвор да решава за него дури ни тогаш кога мољака да влезе во нечие друштво.

Кај народот нема да им поминат лажни приоритети кои го одвлекуваат неговото внимание од единствената важна работа – одбраната на мајка Македонија.

Не е време сега да мислиме на умрените доенчиња и родилки, на редовните корисници на контејнерите за ѓубре, на шивачките врзани за машините, на работниците кои паѓаат од скелиња, на земјоделците со скапаните производи, на селата без вода за пиење и градовите без воздух за дишење. Нема да помине. Сега ја спасуваме Македонија, а после ќе ги решаваме ситниците. Секоја борба бара жртви, а ние сме научени да даваме жртви во крв. За Македонија.

Не можат да го залажат народот со западните толкувања на демократијата и владеењето на правото. Народот ја има прочитано лажливата Европа која се обидува да го замае со своите двојни аршини, со измислените објаснувања и со божемните анализи.

Народот знае што е демократија и што е владеење на правото и слобода на мислата и почитување на разликите.

Не е демократија да одлучуваш за сè и сешто и да ја контролираш власта и цело време нешто да бараш и да се буниш и да критикуваш. Демократија е да ги избереш најпаметните, да им ги дадеш на располагање сите пари и земја и сè, и да ги оставиш на мира да си ја вршат работата затоа што тие најдобро знаат што треба и како треба. Ако ти треба нешто ќе појдеш, ќе изразиш должна почит и сè ќе се реши.

Не е владеење на правото да ги малтретираш тие кои ги избрале илјадници луѓе и им ја дале својата доверба, да се правдаат цело време дали работеле или не според законите. Си има судии (мудри глави) и тие нека си ја бркаат работата. Ако мислат дека згрешиле сигурно дека ќе ги гонат, тие си знаат најдобро и нема што да им висиме на врат. Народот знае дека секој што ќе дојде на власт мора да краде. Така си е од века и така ќе биде. Важно е и да дава, а и крадењето со усул да го прави. Да остане малку и за другите. Тоа е правна држава, а не за сè и сешто да се скокало и рипало и викало.

Народот знае што е слобода на мислата. Да си зборуваш во кафеана, да ја пцуеш власта, гласно да си воздивнеш, да си кажеш некој виц. Не е слобода на мислата да одиш наоколу и да ја вадиш валканата облека сите да те видат дека си неиспран и смрден. Секој има некои валкани алишта и не е пристојно цело време да се зборува за нив. И не е слобода да се дискутира за сè и сешто. Си има теми за кои не се зборува. Не се расправа за свети нешта како историјата, или автомобилот на премиерот, или дебелите владици, или името на државата, или сиромаштијата, или химната на државата. Народот знае што е ред, а што не.

Народот знае што е почитување на разликите. Нам ли некој дојде да ни зборува за тоа. Па ние сме ги почитувале разликите уште од античко време. Ние сме го измислиле почитувањето на разликите. Ама сè си има ред и граница. За секое почитување да се каже фала, и да не се бара преку леб погача и да се знае кој е главен во Македонија, а кој е гостин и да не се измислуваат некои нови разлики и да ни го делат народецот. И народот знае, дека ако дадеш прст после и рака ќе ти побараат и цел ќе те лапнат. Народот знае што се крие во нивните глави и што мислат и што сонуваат и што сакаат. Еден сон имаат – да ни ја земат нашата мајчичка Македонија.

Немаме чист воздух, немаме пристоен стандард, немаме добро образование, немаме здравство, немаме социјална заштита, немаме судови, немаме контрола над власта, немаме заштита на работа, немаме сигурност, немаме иднина.

Македонија е сè што имаме. И мораме да ја одбраниме и зачуваме.

За да имаме каде да бидеме закопани.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слики: Александар Дојранлиев