Нема дебата со фашистите

17.03.2017 05:18
Нема дебата со фашистите

Глобалното засилување на фашизоидните тенденции засега, освен во законодавното назадување, највпечатливо е во традиционалните медиуми, преку кои се пуштаат во јавна дебата и чиишто комуникациски протоколи ги искористуваат екстремно десните коментатори и претенденти на парламентарни и извршни политички функции. Тоа за нив е само едно од скалилата на патот кон воспоставување на режим во кој повеќе нема да има дебата.

Авторот прашува колку комуникациските практики што се темелат врз рационалноста, претставувањето на докази и соочувањето на аргументи, добронамерност во интерпретацијата, како и конструктивните намери на сите вклучени, се доволни кога се работи за соговорници како што се Мило Јанопулос, Доналд Трамп, Мари Ле Пен, кои јазикот го користат како повик на војна – интерпелативно средство, на спротивната страна од фактичноста или внатрешната кохерентност на исказот.

 

 


Жално е да се живее во време кога „Хафингтон пост“ ја проверува „вистинитоста на изјавата“ на Мило Јанопулос. Се чини дека американските медиуми, сепак овозможувајќи го доаѓањето на власт на Трамп (пред суетно самите себе да се наречат „движење на отпорот“), одлучија дека овој тупав социопат треба да се сфати сериозно. Барем додека не ја оствари својата цел да стане Цезар Фликерман (ликот на водителот во серијата „Hunger games“, кој на сè гледа позитивно), во комбинација со Доналд, како евтина инкарнација на претседателот Сноу (безмилосен тиранин од серијата „Hunger games“).
 
Кога се работи за Трамп, Банон, Спајсер, Конвеј, Милер и целата оваа непристојна екипа, утврдувањето на вистината на некое тврдење – сè повеќе ја промашува целта. Единствената цел за која тие го користат јазикот е демонстрација на моќ – се работи за конотативна, а не за констативна намера. Да се изјави дека „трансродовите луѓе имаат ментално растројство“ не е дескриптивен исказ, тврдење кое претендира на вистинитост, туку чин на говор. Се работи за метод на разгорување на разговорот за да се предизвика физичка пресметка, главно насочена кон трансродовите луѓе. Се разбира, при секоја реплика може да се укажува на потребата за разјаснување на „фактите“, какви и да се тие. Но, освен што „уништувањето“ на Јанопулос во „The Daily Show“ предизвикува само воздишка на очај, тоа едноставно е неадекватно и вреди да се разгледа врз основа на она што се чини дека е адекватно.

Проблемот делумно лежи во фактот што оперативните либерални политички теории за „говор“ – без оглед дали „веруваме“ во нив, или не, а кои доминираат со човечките постапки и реакции – доцнат со векови зад степенот на знаењето за функционирањето на јазикот. Сè уште се претпоставува дека јазикот, во принцип, е неутрален канал преку кој се пренесува значењето од едно до друго место, наместо да се согледа дека јазикот делува врз нас. Се смета дека значењето е содржано во јазикот, како нешто што може да се расчлени и промисли - наместо како облик на насочување, нешто што делува врз нас со самата материјалност на јазикот и што активира нешто во нас. Ако јазикот дејствува врз нас, ако утврдиме дека несогласувањето не е адекватен одговор, ако заради тоа посакаме да кренеме рака, или цигла, тогаш сигурно тоа е така затоа што сме нежни цветчиња и не можеме да се соочиме со аргументите.

Фашистите на ваков терен се во предност затоа што се однесуваат како да водат дијалог. Свесни се дека фрлаат вербални тули и дека, кога за тоа ќе дојде времето и во околности што самите ќе ги изберат, ќе фрлаат вистински тули и куршуми.

 

Во меѓувреме, ги користат комуникациските протоколи на мејнстрим медиумите за подобрување на нивниот досег, без да влезат во каква било сериозна дискусија со своите противници. Апологетите и портпаролите на администрацијата на Трамп не се секогаш најдобриот пример за овој вид дејствување, бидејќи се недисциплинирани и некомпетентни. Меѓу нив има фашисти, но немаат фашистичка организација.

Марин Ле Пен и нејзиниот Национален фронт се на подобар пат. Ги избегнуваат печатените медиуми, а нивните телохранители ги претепуваат новинарите, затоа што финалната верзија што ќе се објави секогаш ја контролира некој друг. Но, целосно ги искористуваат аудио-визуелните медиуми, особено директните преноси, притоа спокојно газејќи ги сите дискурзивни пречки што им се на патот, наместо да влезат во дискусија со своите соговорници.

За време на познатото интервју одржано на Денот на сеќавањето, Ле Пен на нож го дочека својот домаќин Ендрју Мар, знаејќи дека не е дојдена во емисијата за да се впушта во дијалог. Мар и неговата сорта, за Ле Пен се непријателскиот табор – тие се препрека што треба да се заобиколи, а не потеницијални соговорници. Нејзината задача беше, со својот глас, физички став и израз да ја отелотвори страста за она за коешто зборува, да ги одбегне очигледните замки и да ја пренесе пораката на што е можно понезаборавен начин. Кога Ле Пен ќе изјави дека „Англосаксонците се будат“ не станува збор за дескриптивен исказ чијашто вистинитост може да се утврдува или да се оспори во дебата. Тоа има исто толку смисла како да поченете да ги утврдувате фактите во некоја реклама.

Се работи за перформативна изјава со која се воспоставува дистинкција меѓу пријателот и непријателот. Ле Пен се појави во таа емисија за да ја интерпелира својата публика, да им се поклони на одредени поединци, да ги заведе неопределените и симболички да ги згази сите останати. И успеа тоа да го постигне.

Се разбира, не треба да ме потсетувате дека ставањето на Мар во редот на тешкашите, има смисла колку ветрушка да ставите во тешка категорија. Можеби некој друг ќе го водеше интервјуто со свесност за што зборува, или би бил повеќе загрижен заради самиот фашизам, отколку заради потенцијалната закана за „безбедноста на Западот“ и на европските институции. Вистина е дека форматот на таквите емисии е насочен кон тоа кандидатите да ги изложат своите ставови и заради тоа е невозможно да дебатирате или да се конфротирате: ако фашистката го подигне гласот и тргне агресивно да гази по сè што ќе кажете, не сте во можност да ѝ одговорите со иста мерка.

Возможно е да се замисли поинаков формат, кој би бил посоодветен за „разоткривање“ на фашизмот. Но, основната идеја дека „разоткривањето“ им пречи на фашистите и тие имаат цел да го избегнат тоа, се базира на сосема погрешен концепт, според кој тие влегуваат во комуникација за да слободно ги соочат своите идеи, да дискутираат и логички да ја бранат вистинитоста на различните тврдења. Имено, тие не би се појавиле во вашата ТВ емисија, или не би се труделе толку да го зајакнат својот публицитет, кога би биле загрижени дека ќе бидат „разоткриени“. „Проверката на фактите“, и ох-толку-умното „уништување“, во крајна линија, се базира на истата логика.
 
Приоритетот треба да биде опозицијата, а не разоткривањето. Не барам ограниченост на тактичката акција. Може да постојат околности во кои има смисла да се дебатира со фашистите. Веројатно, постојат и околности во кои би било полошо да се одбие дискусија со нив. Но, тука нема простор за дијалог, провокацијата на лигавите „alt-right“ тролови, содржана во приговарањето на противниците дека одбиваат да влезат во дискусија, е составен дел на тоа тролање.

Извор: Slobodni Filozofski

ОкоБоли главаВицФото