Најголемата инсталација на Веивеи изложена во Прага

18.03.2017 10:48
Најголемата инсталација на Веивеи изложена во Прага

Како и голем број од неговите претходни дела, така и најновата монуметална инсталација на славниот кинески уметник и активист Аи Веивеи се занимава со бегалците. Неговата најголема инсталација досега е претставена на изложбата во Националната галерија во Прага.

Во средата, во Националната галерија во Прага, беше отворена првата самостојна изложба на кинескиот уметник и дисидент Аи Веивеи во Чешка. Изложбата е насловена „Закон на патувањето“ и ќе трае до 7 јануари 2018 година. Инсталација се состои од 70 метри долг гумен чамец со 258 предимензионирани фигури без лица.

Музејот ја опишува изложба како „повеќеслојна, епска изјава за човечката состојба: уметникот изразува емпатија и морална загриженост во лицето на континуираното, неконтролирано уништување и крвопролевање“.

Локацијата на оваа изложбата, исто така, има сопствен мрачен историски долг: Во текот на Втората светска војна, зградата на Националната галерија во Прага служела како собирен центар за Евреите пред нивното депортирање во концентрациониот логор во Терезин, во периодот меѓу 1939 и1941 година.

Изминатот период, Аи изведе многу впечатливи инсталации инспирирани од судбината на мигрантите, како што беше онаа кога уметникот ги покри столбовите на зградата на „Konzerthaus“ во Берлин, со 14.000 портокалови спасувачки елеци од Лезбос.

Тој, исто така, целата измината година ја помина посетувајќи околу 40 бегалски кампови и премини - во САД, Мексико и турско-сириската граница, каде го снимаше документарниот филм „Human Flow“. Филмот премиерно ќе биде прикажан во текот на летото, 2017 година.


 
„Нема бегалска криза, има криза на човештвото... Во справувањето со бегалците изгубивме многу основни вредности“, рече Аи на отворањето на изложбата во Прага.

Кинескиот уметник во моментов живее во Берлин, а има студио и во Пекинг.

Извор: Deutsche Welle