Ќупот на Ѓорѓија

18.03.2017 10:33
Ќупот на Ѓорѓија

Поминував пред некој ден од Бит-пазар, по тезгите за цвеќе. Доаѓа пролет, треба да се наполнат саксиите, да се закитат дворовите, нели? Дали од мирисот на цвеќиња, дали од некој сликовен фрагмент за кој не сум била свесна, одеднаш ми се врати едно живо сеќавање од раното детство. Од оние убавите спомени, кои сме ги запретале во потсвеста со секојдневните проблеми и со другите натрупани сеќавања.

Мајка ми Драга беше хиперактивна жена. Не беше вработена, за да ме чува мене. Добро, и моите два брата, ама пред сè – мене. Целата своја енергија ја фокусираше во моделирање и ремоделирање на куќата. Кога некој од нејзините фамозни планови за реновирање ќе беше презентиран пред татко ми Стипе, тој ќе си ги подместеше наочарите, ќе го подисправеше весникот и со неговиот препознатлив сарказам ќе речеше - „Важи. Кога ќе го најдеме ќупот на Ѓорѓија“. Се разбира, тоа беше традиционален вовед во една многу побучна и пожестока дискусија меѓу нив двајцата, што би се рекло – партали летаа на сите страни. Не треба да нагласувам дека мојата Драга ќе си истераше по свое, ама многу скоро ќе ѝ дојдеше нова идеја. И повторно, и секогаш, сè почнуваше со тој ќуп на таткото на татко ми, дедо Ѓорѓија. Мене ми беше извесно беше дека тој и таков ќуп би бил решение за сите наши проблеми. И многу сакав некако да се пронајде.

Се сеќавам дека едно рано утро, Драга ми ја беше подместила перницата во нивниот кревет за да ја гушкам место неа. Ми беше страшно што немаше никој кога се разбудив и панично истрчав низ врата. Ја видов надвор, како го прекопува дворот и многу се натажив. Сирота мама, колку се мачи да го најде ќупот, си помислив.

И така, една сончева сабота (денот кога татко ми одеше на пазар), на терасата осамна тој. Ќупот. Онаков каков што го замислував. Висок, широк, глинен ќуп, со убави орнаментури. Се поткачив на столче да видам што има внатре. Малку ми беше чудно што беше празен. Мама рече дека утредента ќе го наполниме. Едвај чекав да го видам тоа. Очекував да се прелива од златници, ѓердани и круни, како во пештерата на Али Баба и не можев да заспијам од возбуда. Што беше уште поважно, на сите препирки по дома, конечно, им дојде крајот. Следното утро, мама ме однесе на тераса да видам што се случило со ќупот. Ми падна вилицата од изненадување, бес и разочарување. Олеандер. Во ќупот беше пресаден олеандер кој претходно живеел во некоја лимена канта за сирење. Се расплакав. Ништо од ќупот на Ѓорѓија. Ништо од богатството кое требаше да ни ги реши сите проблеми.

Низ солзи, се обидов да ѝ објаснам на Драга како и зошто пропаднале сите мои надежи. Драга се насмеа и ме однесе до една друга, помалечка саксија со цвеќе. Го извади цвеќенцето и ми ги покажа заплетените коренчиња. Ми објасни дека им треба простор да се прошират и да го нахранат цвеќенцето. Затоа му требал ќупот на олеандерот. За да му светнат ливчињата и за да процвета бујно и мирисно. За да расте и дише слободно. Затоа што нема поголемо богатство од слободата.

Посветено на сите оние кои теснеат во мали саксиички и кржлават во стеснет свет.

P.S. Инаку, ќупот на дедо ми Ѓорѓија никогаш не е пронајден и покрај сите мои големи детски очекувања.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
На сликите: Руби Робин, „накит со парчиња природа“

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото