Вложување добра волја

18.03.2017 12:27
Вложување добра волја

„Планираме да ја тргнеме секоја пречка за изговор на Ѓорѓе Иванов околу доделување на мандатот“. Тоа е здраворазумско дејствување на г-динот Заев и СДСМ, според потребите кои ги наложува ситуацијата. Тие го приложија својот конструктивен влог: Програмата на новата реформска влада. Граѓаните најмногу од сè посакуваат така транспарентно да практикуваат и власт. Ако нема што да се крие, значи нема криминал, а со тоа довербата расте.

Но, дали и другите кандидати за партиципација во идната влада вложуваат нешто во самиот почеток? Аналитичарот Џ. Хајредини и ДУИ ја обвинува како причинител на кризата. „Ахмети е виновен колку и Груевски!“ Како би можела таа партија сега да придонесе за излез од кризата? Токму затоа, и уште повеќе, за да влезе во Новиот процес како фактор на стибилност и како вистински реформатор, г-динот Ахмети треба да покаже добра волја во овие најтешки моменти, со тоа што ќе направи нешто конкретно позитивно, ќе се истакне со некаков чин, влог. Негативните оценки кои ги добија од своите гласачи на минатите избори за претходното владеење треба некако да се поправат. (Да не мислат дека со Платформата го подобруваат имиџот пред своите гласачи?) Негативната спирала во која сè уште се вртат поради соучесништво во криминалното владеење на ДПМНЕ, мора некако да се сврти кон позитивно. Барем да се стигне до нулата, како некаков неутрализирачки почеток. Затоа, потребен е влог! Се доаѓа до логички заклучок дека главниот влог или заложувањето за посветла иднина на оваа земја е да се стави мораториум на Албанската платформа, или барем на дел од неа - оние точки кои се иритирачки за Македонците.

Повторно го потенцирам ова барање од неколку причини. Се наоѓаме во деликатна ситуација бидејќи пропагандата на врхушката на ДПМНЕ која сите овие години беше многу влијателна, а сега е многукратно засилена, создава паника и смут. Албанците не знаат за што станува збор, немаат такво искуство. Преку нивните телевизиски канали не се спроведува ваква опасна пропаганда која ја искривоколчува стварноста, како што е случај со неколку македонски канали кои така го моделираат мислењето на еден дел од македонското население. Затоа, сите согледби водат кон таквото решение како излез од овој ќорсокак во кој сме заглавени. И не само ДУИ, туку и другите албански партии треба да се сложат со оваа одлука за мораториум. Тие се должни, како чин на добра волја и како влог за свртување во позитивна насока, како начин да се создаде пријателска атмосфера, и да се добие силен импулс за движење напред, да ги неутрализираат оние злобни хушкања, заговори за Голема Албанија, за војни и нестабилности и што ли не, да не зборувам за паранојата која кликата на ДПМНЕ ја шири од внатре, кои како темен облак висат над Македонија.

Како што СДСМ се отвори потполно, така и албанските партии мораат некако да придонесат конструктивно, со гест на добра волја. Во овој момент и во оваа политичка констелација, тој гест е откажување од таа фамозна Платформа. И, подобро е тоа да го прифатат како сугестија од внатре, отколку како притисок од надвор. Така, барем, ќе докажат и тие и сите ние како држава дека имаме капацитет за промени, дека одговорно донесуваме клучни одлуки во клучни моменти, дека сме зрела и стабилна нација која може да се справи со екстремистичките и шовинстичките елементи на тој начин што сите поводи за нив ќе ги елиминира. Така ќе се отстрани големиот изговор на некои структури „од внатре“ да дејствуваат како што дејствуваат сега и „од надвор“ за хушкање и дестабилизација и кочење на реформските процеси.

Слики: Били Даркарт