За поезијата

21.03.2017 12:21
За поезијата

има неколку работи за кажување/
никој не ја чита многу/
од тие никој има малку/
целиот свет е засегнат од проблемот со светската криза/ и

со проблемот со секојдневно јадење/ се работи
за една важна работа/ си спомнувам
кога чичко Хуан умре од глад/
велеше дека не се ни сеќавал да јаде и дека нема проблем/

но проблемот се јави подоцна/
немаше пари за сандак/
и кога конечно помина јавното погребно возило за да го земе
чичко Хуан изгледаше како птичка/

луѓето од јавното претпријатие го гледаа со презир или подбив/ мрмореа
дека секогаш им додеваат/
дека тие беа луѓе и погребуваа луѓе/ а не
птици/ како чичко Хуан/ особено

зашто чичкото пееше пиу пиу целиот пат до општинскиот крематориум/
и тие гледаа на тоа како непочитување и беа мошне навредени/
и кога му удираа шлаканица за да замолчи/
звукот пиу пиу лебдеше низ кабината на возилото и тие чувствуваа
дека им пее пиу пиу во главата/

чичко Хуан беше таков/ сакаше да пее/
и не гледаше зошто смртта би била причина да не пее/
влезе во печката пеејќи пиу пиу/ излезе неговата пепел и пиукаше извесно време/
и општинските работници се погледаа во сивите чевли од срам/ но
да се навратиме на поезијата/

поетите сега живеат прилично лошо/
никој не ги чита многу/ од тие никој има малкумина/
професијата си го загуби својот престиж/ за еден поет секој ден е сè потешко

да ја придобие љубовта на една девојка/
да стане кандидат за претседател/ да му даде на вересија некој продавач/
некој воин да направи подвизи кои тој ќе може да ги опее/
некој цар да му плати по три златни монети за секој стих/

и никој не знае дали ова се случува бидејќи нема повеќе девојки
продавачи/ воини/ цареви
или едноставно нема поети/
или настанале двете работи и бесцелно
е да се чука главата мислејќи на оваа тема/

убавото е дека човек може да пее пиу пиу
и во најчудните околности/
чичко Хуан откако умре/ а и јас
сега за да ме сакаш/

Превод: Марија Петровска
Слика: Сара Ландета

Извор: Светоединение и други прашања, СВП, 2014.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото