Чарлс Симиќ е добитник на Златниот венец на СВП за 2017

21.03.2017 16:56
Чарлс Симиќ е добитник на Златниот венец на СВП за 2017

Поетот Чарлс Симиќ од САД е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, соопшти денеска раководството на поетскиот фестивал.

Во одлуката за наградата на Советот и Управниот одбор на СВП се вели дека станува збор за еден оригинален поетски глас, кој во почетокот преку едно надреалистичко искуство постепено еволуира во карактеристичен забележувач на современието со изразени морални и филозофски прашања, исклучително јасен, сериозен, но истовремено и забавен. Тој е поет кој создава во „духот на мрачната имагинација и ироничниот хумор“, ќе речат неговите критичари и проследувачи и ќе додадат дека „многу е тешко да се опише, а тоа му е и едно големо признание. Делови од неговата поезија ги забележувате во соништата и заради тоа нивната реалност не комуницира со стварноста која ја гледаме со наши очи и уши“.

Неговата поезија се сфаќа како страсно и луцидно сведоштво на новото време.  Се среќаваат моќни асоцијации за новиот глобален план на песимизмот, за политичката неодговорност, за исчезнувањето на убавото во човекот, едноставно кажано: неговата поезија се нафрла на модерната стварност и на урбаниот поединец со сите негови доблести и мани. Поезијата на Симиќ го содржи искуството на секојдневието како простор во кој можат да се задоволат обредите на индивидуалното, да се ѕирне во сопствениот свет, да се откријат скриените простори, во обичното да се внесе возвишеното, но и да се сочува митската приватност.

Неговата поезија се одликува со впечатлива концизност. Со истенчен слух за ритам, со зачестено користење на римата, асонанцата, синтаксички паралелизми итн. Наизглед неговиот стил е „едноставен“, „провиден“, „разговорен“, но искусните љубители и проучувачи на поезијата знаат дека во овите поетски стапици и во самиот слободен стих има толку малку „едноставности“, произволности или слобода, посебно кога поезијата содржи доволно сугестии во оригиналноста на поетските визии и слики.


Роден е во Белград во 1938 година, во тогашна кралска Југославија. Toj е еден од најзначајните современи американски и светски поети и есеисти. Со семејството се сели во САД во 1953 година. Поезија започнал да пишува уште во средно училиште; на неговите поетски почетоци влијаеле американските поети: Волт Витман, Емили Дикинсон, Волас Стивенс… Неговата прва стихозбирка „Што вели тревата“ (1967) е одлично примена од страна на критиката која со право забележува дека авторот е свртен многу повеќе кон руралното и кон Европа, отколку кон својата нова татковина.

Како преведувач е особено значаен за популаризација на поезијата на значајни поети од јужнословенските земји. На англиски ги превел книгите поезија од: Васко Попа, Иван В. Лалиќ, Љубомир Симовиќ, Милорад Павиќ, Бранко Миљковиќ, Новица Тадиќ, Радмила Лазиќ, како и три антологии на модерна српска поезија, Славко Михалиќ од Хрватска, Томаж Шаламун од Словенија. На англиски јазик препеал и една збирка песни од Славко Јаневски (2002).

Од 1973 година е професор на Универзитетот во Њу Хемпшир, каде предавал американска книжевност и креативно пишување. Постојан критичар е на „New York Review of books“. Живее во Стафорд, Њу Хемпшир.

Член е на Американската академија за уметност и книжевност од 1995 година.
Најзначајни поетски збирки: „Што вели тревата“ (1967), „Некаде меѓу нас каменот фаќа белешки“ (1969), „Разградување на тишината“ (1971), „Бело“ (1972), „Враќање на местото осветлено со чаша млеко“ (1974), „Харонова космологија“ (1977), „Училиште за темни мисли“ (1978), „Класични игри од балската сала“ (1980), „Острини“ (1982), „Бескрајна тага“ (1986), „Светот не завршува“ (1989), „Книга на богови и ѓаволи“ (1990), „Светот не завршува“ (1990), „Хотел Несоница“ (1992), „Венчавка во пеколот“ (1994), „Шетајќи со црна мачка“ (1996), „Jackstraws“ (1999), „Ноќен излет“ (2001), „Гласот во 3 попладне: избрани доцни и нови песни“ (2003), „Moето немо страдање“ (2005), „Мајмуни околу нас“ (2006), „Таа ситница“ (2008), „Мајстор на метаморфози“ (2010), „Лудак“ (2015).

Автор е и на една збирка еротска поезија, на бројни прозни дела, како и на неколку збирки есеи: „Творечки чин“ (1983), „Четири преведувачки варијации“ (1992), „Алхемија на ситничарницата“ (1993, 2008), „Невработениот гледач“ (1995), „Метафизичар во мракот“ (2003), „И ѓаволот е поет“ (2006).

Чарлс Симиќ е добитник на бројни книжевни награди: Пулицерова награда, награда „Едгар Алан По“, награда на Американската академија, меѓународна награда „Грифин“ за поезија, награда „Валас Стивенс“, награда Poeta Laureatus на Конгресната библиотека во Вашингтон, награда на српскиот ПЕН центар за превод на српската литература, медал „Роберт Фрост“ за животно дело во доменот на поезијата, награда Вилчек за уметност и хуманистика, како и награда „Босански стеќак“ на меѓународната поетска манифестација „Сараевски денови на поезијата“.

На македонски го преведувале: Мето Јовановски (неколку песни во „Современост“ во 1973), Богомил Ѓузел (една збирка поезија) и Ристо Лазаров (збирка „Несоница“ со поговор, 2011, 2012).

Интригантна, провокативна, шокирачка, медитативна, полна со проблесоци на ироничен хумор, неговата поезија уште веднаш ќе биде препознаена како особен исчекор во современата американска поезија и високо вреднувана. Критичките согледувања на творештвото на Чарлс Симиќ секогаш ја вреднувале неговата оригиналност, способност со едноставни зборови и паузи да се создадат фантастични слики и длабоки значења. Таа способност на Симиќ да направи деталите од секојдневицата да експлодираат во симболи со философско значење постојано му обезбедува почит во критиката.

Неговото поетско творештво го одликува тоа што е лишено од непотребните украси, никаква непотребна екстензивност во изразот, но по диктат на една поетска интонација која стреми кон врвна звуковна ускладеност. Неговата поетика ја одликува стремеж за минималистички, лапидарен, речиси гномски израз на кој се сведува преку редуцираната синтакса. Токму употребата на поетската слика, на метафората, како што и самиот автопоетички ја одредува, ја донесуваат впечатливата концизност на песната на Симиќ.

Често тој тек на песната низ сликите е сосредоточен кон последниот стих, каде се случува пресврт, и тој кумулативен учинок на тие слики во песната се пресвртува во потполна спротивност, што е една од поетските стратегии преку кои Симиќ ја „онеобичува“ стварноста. Контрадикторностите со кои си поигрува служат за показ на комплексноста на постоењето. Песната често завршува со еден разорувачки хумор, кој заплиснува ненадејно. И во поезијата и во есеите, како да се исчекува моменот на тој црнохуморен излив, кој никогаш не е таков да насмее, колку да шокира. Неговата свесност за егзилот ѝ дава на неговата поезија специфична иронија и особено чувство на хумор. Иако често знае да го користи, сепак, анегдотското, сеќавањето, автобиографското никогаш не станува и исповедно, ниту провејува некаков патетичен призвук.

Да направиме еден брз преглед на творечките периоди на Симиќ, во обид да посочиме на некои особености на неговото творештво и развојните етапи.

Поетскиот развој на Симиќ може да се подели на четири дела. Првиот дел ги опфаќа годините од 1955 година па сè до објавувањето на допгата поема „Бело“ во 1972 година.  Овие години може да се сумираат како време на потраги и лутања. Овој период кулминира со откривањето и утврдувањето на неговата фундаментална идеја за „поезијата како сирак на тишината“. Во неговите први три книги Симиќ стреми кон обединување со надворешниот свет. Не само обид да се разбере природата, туку и тој се обидува и да ја разбере и смртта и насилството. Уште во оваа рана фаза од творештвото тој ќе зборува за неговиот поетски метод на едно мета-рамниште. Во неговата подоцнежна поезија многу поретко ќе се навраќа на ваков вид мета-објаснувања.

Вториот период го опфаќа периодот меѓу 1974 и 1982 , кога поезијата на Симиќ станува повеќе лична, и тој останува тивок посматрач на светот кој се обидува го држи објектот пред него. Војната и смртта како и обединувачкиот концепт на историјата стануваа доминантни во неговото творештво и тој почнува да пишува повеќе за социјални прашања. Тонот во овие песни сè уште открива дека Симиќ повеќе набљудува околку што отворено и опсесивно критикува. Песните помеѓу „Враќање на местото осветлено со чаша млеко“ (1974) и „Острини“ (1982) се истражувања и откривања на неговото минато. Симиќ се навраќа на спомените од детството. Идеите за војната, смртта, неизбежно се наметнуваат. Дури ги развива своите идеи за овие теми, тој постојано се навраќа на старите предмети на песните. За да го избегне повторувањето, ги збогатува со алузии на народното творештво или митологијата.

Во третиот период, од 1983 до 1990 година, поезијата на Симиќ станува стилистички порафинирана и драстично балансирана од употреба на впечатливи слики кои се комбинирани со фолклорни и џез елементи. Истовремено неговите песни се повеќе концентрирани околу тешкотиите на живеењето. Во овој период забележлива е постепена промена на тонот, кој е поагресивен.

Солипсистичката концетрираност на секојдневните предмети е напуштена и Симиќ усвојува порадикален пристап кон општеството. Тој е повеќе насочен кон историјата и општеството. Неговата поезија станува повеќе политички посветена. Тој размислува за историјата, социјалната нееднаквост и смртта која го води до прашањето за идејата за Бог. Религијата и мистицизмот остануваат дел од неговата поезија. Војната и историјата стануваат еден вид опсесија за Симиќ. Постојаните референци на војната не се постојано повторување на една идеја. Ако првите воени песни се однесуваат на неговото искуство за време на Втората светска војна, оние подоцнежните се реакција на војните во поранешна Југославија кои ќе започнат токму во тој период. Во нив Симиќ сака да го премавне апстрактниот дискурс на историјата и сака да ja покаже ранливоста на сите кои ги преживеале тие трагични настани. Сака неговите читатели да ги направи свесни за бруталноста и агресивноста на нашиот свет.

Од 1990 до 2015 година поетските стремежи на Симиќ се движат во две насоки. Многу од неговите песни во овој период може да бидат согледани како одговори на поранешните песни, но има помал број песни кои се помалку агресивни во тонот и недостигот на жива сликовност по која е познат. Другата насока опфаќа песни кои се подолги и кои се своевидни внатрешни монолози. Песните се мали философски расправи во бессоните ноќи.

Овогодишниот лауреат на наградата „Златен венец“ Чарлс Симиќ е награден за својот обемен опус во кој ингениозно го развива мајсторството на поетската слика во обработката на идеите за војната, историјата, индивидуализмот.

Во продолжение, го пренесуваме писмото на Чарлс Симиќ до раководството на Струшките вечери на поезијата, како и неколку негови песни.


До Струшките вечери на поезијата

Почитувани,

Радосен бев кога слушнав дека овој август ќе ми биде доделена наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Голем број од поранешните добитници беа мои пријатели и знам колку длабоко беа почестени што ја добија оваа награда, како што сум почестен и јас денес. Листата на вашите поранешни добитници е толку знаменита што јас не сум чул за друга поетска награда било каде во светот што може да се мери со неа. Имам убави спомени за Струшките вечери на поезијата од 1972 година и мојата посета на Скопје потоа, како и во една друга прилика во 1982 година. Со нетрпение очекувам да се сретнам со старите пријатели и да запознаам нови пријатели. Ви благодарам на сите.

Срдечно,

Чарлс Симиќ


Камен


Да влезам в камен
тоа ќе ми е патот.
Некој друг нека стане гугучка
или нека струже со тигрови заби.
Јас ќе сум среќен да сум си камен.

Земјата надвор од каменот е гатанка:
никој нема одговор за неа.
А внатре, мора да е ладно и тивко
иако крава го гази со сета тежина,
иако дете го фрла в река;
Каменот тоне, бавно, без возбуда
кон речното дно
каде што доаѓаат риби, тропкаат по него
и наслушнуваат.

Сум видел и како искри летаат
кога два камена се тријат,
така што сепак не ќе е темно внатре;
Можеби таму месечина сјае
од некоја страна, како од зад рид –
сосема доволно светлина за да се препознаат
необичните записи, ѕвездените карти
врз внатрешните ѕидови.

Превод: Зоран Анчевски


Мојот замор со епски размери

Ми се допаѓа
кога го убиваат
Ахил
па дури и другар му Патрокло –
па и оној Хектор со лута нарав –
сета грчка и тројанска
Jeunesse dorée
толку стручно сотрена
за на крајот
да завладее
мир и спокој
(Боговите во тој миг
замолкнуваат)
Може да се чуе
пој на птица
и како една ќерка ја праша мајка си
дали смее да појде до бунарот
секако дека смее
по тоа прекрасно патче
што кривулесто врвиниз маслиновата гора

Превод: Зоран Анчевски


Неделни весници

Колежот на невините
Никогаш не престанува. Само во тоа
Може да сме некогаш сигурни, драга,
Дури и посигурни од месото
Што сега го вадиш од рерна.

Недела е. Колоната од верници
Бавно излегува од црквата
Преку улица. Многумина
Држат библии в раце.
Нејасниот копнеж за вистина
И силниот страв од неа
Е тоа што ги тера да појдат
И покрај прекрасното пролетно време.

Во претсобјето, старата џукела
Само што беше доволно искрена
Да за‘ржи во својот лик во огледалото,
Пред тромо да се довлечка во кујната
Каде што јагнешкото стоеше
Во твоите подадени раце
Со мирис на лук и рузмарин.

Превод: Никола Ѓелинчески


За себе

Јас сум некрунисаниот крал на бессониците
Кој с
è уште се бори со своите духови со меч,
Ученик на тавани и затворени врати,
Кој се клади дека два и два не се секогаш четири.

Весела стара душа која свири хармоника
За време на ноќна смена во мртовечница.
Мува избегана од главата на некој лудак,
Која се одмара на ѕидот до неговата глава.

Потомок на селски попови и ковачи:
Безволен помошник на сцена на двајца
Прочуени и невидливи мајстори за илузија,
Едниот го викаат Бог, другиот Ѓавол, секако, ако се земе
Дека сум човекот за кој што се претставувам.

Превод: Никола Ѓелинчески

 

Есеи и статии од Чарлс Симиќ на Окно можете да прочитате овде.

 

Извор: www.svp.org.mk

ОкоБоли главаВицФото