1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
Се работи за еден познат роман на Хемингвеј (To Have and Have Not) од кој подоцна е снимен истоимениот филм со Хемфри Богарт и Лорин Бекол, се работи и за еден познат расказ од Момо Капор со истоимен наслов (Имати и немати), а всушност, се работи и за една испревртена македонска приказна во која тој што има сè, всушност нема ништо. Еве неколку примери:
-Во декември минатата година, Македонија имаше предвремени парламентарни избори, ама сè уште нема Парламент.
-Партијата на Никола Груевски има освоено најмногу мандати, ама нема мнозинство да формира влада.
-Бројот 67 е поголем од бројот 53, ама за овој математички факт нема согласност од ВМРО-ДПМНЕ.
-Зоран Заев има потписи за избор на претседател на Парламентот, ама нема мандат за составување Влада.
-Самиот Никола Груевски има формална власт, ама фактички не може да ја задржи.
-Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, има уставна обврска (должност) да му го даде мандатот на претставникот на партијата која составила парламентарно мнозинство, ама нема желба, интерес и три чисти да го стори тоа.
-Истиот Иванов има претседателски мандат, ама нема државнички капацитет.
-Бројот седум има поголема вредност од бројот шест, ама за тоа нема исто мислење Илија Димовски.
-Македонија има осум препораки од Европската комисија за членство во Европската унија, ама претседателот Иванов нема време да се сретне со еврокомесарот Хан.
-ВМРО-ДПМНЕ имаше желба, волја и подготвеност да ја прифати Платформата на албанските партии, ама нема желба, волја и подготвеност истото да му го дозволи на СДСМ.
-Груевски има потреба да остане на власт, ама нема интерес да одговара пред СЈО.
-Фамилијата има потреба да краде, ама нема храброст да одговара за тоа.
-Меѓу народот на улиците има загриженост за опасноста за опстанок на државата, ама нема информација од кого доаѓа истата таа опасност.
-Протестите имаат масовност, ама немаат спонтаност.
-Во државата има лаги, нема вистина.
-Има свест, нема совест.
-Има лудило, нема нормалност.
-Има екстремност, нема умереност.
-Македонија ја има, но и ја нема.
Во суштина, сè се сведува на максимата – или имаш, или немаш. Она што ме растажува и вознемирува е сознанието дека многу мои сонародници имаат очи, а не сакаат да видат што се случува околу нив, имаат уши, а не милуваат да чујат дека бранат криминалци, имаат полни усти за заедничка држава, а врескаат против предавниците, соросоидите и Албанците, имаат свест, а одбиваат да сфатат дека се изманипулирани.
И додека чекаме да се случи она што треба да нè врати во каква-таква нормала, реториката на власта, на нејзините медиумски комесари и на „спонтаните“ предводници на протестите, се заострува до границите на барање јавен линч. Смиреноста е заменета со хистерија, елементарната пристојност со најпогана вулгарност, здравиот разум со ирационалност, а во исто време на јавна сцена се истакнуваат милитантни иконографии кои неверојатно потсетуваат на некои дамнешни времиња исполнети со војни и насилство.
Ваквиот пат води само во еден правец – кон насилство и распад на државата. Ваквиот начин преку кој една мала криминална група се заштитува од правдата произведувајќи меѓуетнички конфликт, повикувајќи на одбрана на земјата од непостоечка закана, прогласувајќи ги за непријатели оние кои тоа не се, нè враќа на почетокот на текстот и на пораката произлезена од него: Бранејќи ја Македонија, ќе ја изгубиме државата.
Да не нè стаса еврејската клетва - Да имаш, па да немаш. Белки сме доволно мудри да не го дозволиме тоа.
Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Небојша Гелевски