Обид за непријателско преземање на фестивалот „Браќа Манаки“

23.03.2017 09:39
Обид за непријателско преземање на фестивалот „Браќа Манаки“

Додека гледаме кон Собранието во исчекување на барем минимална нормализација на општеството и ослободување на институциите од шепата на режимот, сосема на маргините на сè што се случува, Димитар Николовски-Таки прави обид за преземање на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“.

Досега, 37 години организатор на овој интернационален филмски фестивал беше Друштвото на филмските работници на РМ, кое сега е во шок, бидејќи од Агенцијата за филм, пари побарало и здружението „Центар филм-Битола“, кое вели дека ќе направело подобар фестивал, бидејќи минатиот бил „катастрофален“. Ова здружение на чие чело е човекот кој во 2015 година беше директор на фестивалот, но потоа Друштвото не му изгласа уште една година директорување, тврди дека брендот е регистриран во Државниот завод за индустриска сопственост и дека Општина Битола го поседува правото на ИФФК „Браќа Манаки - Битола“... и тука завршуваат аргументите на Николовски - Таки.

Филмаџиите сметаат дека клучна улога во ова „непријателско преземање“ имаат Агенцијата за филм и Министерството за култура, поточно Канческа Милевска и Мими Ѓоргоска Илиевска, инаку самата член на Советот на фестивалот - која им дава рамноправен третман на новото здружение и на Друштвтото на филмски работници на Македонија, кое постои 67 години, а 37 години го организира фестивалот.

Како ќе се изведе операцијата за преземањето на фестивалот Браќа Манаки?

На 1 март, кога се одлучувало за средствата на фестивалите чии пријави стигнале на конкурсот, а на кој ДФРМ ги доставил сите потребни документи како и минатата година, Агенцијата „се збунила“ бидејќи за организација на фестивалот се појавил уште еден кандидат „Центар филм-Битола“. На истиот датум му испратила допис на ДФРМ во кој бара документи што ќе докажат дека се легитимни организатори.

„Агенцијата за филм не е во можност да ги евалуира пристигнатите пријави за еден ист проект, пред да побара образложение за настанатата ситуација. Исто така, поради фактот што во претходните години, во континуитет, организацијата на фестивалот беше водена од страна на Друштвото на филмските работници, Агенцијата е изненадена од пријавата на овој фестивал на ова новоформирано здружение за филмска уметност...“

На 22 март, додека трае прес конференцијата на Друштвото на филмските работници на која тие апелираат да се зачува фестивалот од овој, како што велат, „срамен, тажен, подол, згрозувачки“ обид за преземање, Агенцијата испраќа уште едно писмо:

„Од една страна со години наназад организатор на Фестивалот е Друштвото на филмски работници на Македонија, а од друга страна апликантот Центар за филм Битола приложи Решение од Државниот завод за индустриска сопственост со кое се потврдува дека Општина Битола го поседува правото на брендот ИФФК 'Браќа Манаки', сметаме дека пред да започнеме со евалуација на доставените пријави, должни сме да ја запазиме правната процедура. Затоа неопходно е во најкраток можен рок и двата апликанти да достават соодветна дополнителна документација за основањето и основачите на ИФФК 'Браќа Манаки – Битола'“, се наведува во дописот потпишан од директорката на Агенцијата, Мими Ѓоргоска Илиевска.

Иако Статутот на ДФРМ и Правилникот за работа на фестивалот се јасни, со ова релативизирање практично се става под сомнение Друштвото на филмските работници, односно неговиот легитимитет како основач и реализатор на фестивалот и се отвора патот, тврдењето на Димитров за наводната правна нерегулираност, да стане валиден аргумент во операцијата на одземање на фестивалот од Друштвото и прифаќање на кандидатурата на Николов.

Со тоа уште еднаш, под превезот на „според Уставот и законите“, но само и кога тоа им одговара на вмровските министри, директори и нивните пријатели, можноста за злоупотреба и присвојување е повторно маскирана во легалистичка приказна за мали деца.

Што прават филмаџиите?

Претседателот на ДФРМ, Роберт Насков, заедно со сегашниот директор на фестивалот, Благоја Куновски и со поранешните директори, Томи Салковски, Лабина Митевска и Горјан Тозија, како и со дојаените на македонската кинематографија Владо Самоиловски и Драган Салковски, одржаа прес конференција на која остро се спротивставија на можноста на Друштвото да му биде одземено организирањето на фестивалот.

„Членовите на Собранието на ДФРМ го разгледаа овој допис од Агенцијата и згрозени сме, но не и изненадени. Одлучивме пред македонската јавност да ја обелодениме намерата на одредена група луѓе да го преземе фестивалот. Со оглед на тоа што 'Браќа Манаки' се финасира од буџетот на РМ, односно од граѓаните, сакаме да ја информираме јавноста дека ова е напад врз Друштвото на филмските работници на Македонија и напад врз македонската филмска уметност. Нашата порака е дека ние, оваа генерација македонски филмаџии, нема да дозволиме да му се наштети на фестивалот 'Браќа Манаки' и на оваа културна традиција со највисоки вредности, која ја негуваме веќе 37 години, рече Роберт Насков, претседател на ДФРМ.

Актуелниот директор на фествалот, Благоја Куновски-Доре рече дека во фестивалот, кој во себе го носи предзнакот интернационален, не смее да се меша политиката.

„'Браќа Манаки' е аполитична република на филмот која е посветена на филмаџиите. Не можат случајни луѓе, искористувајќи ја ситуацијата, да наследат такво богатство какво што е фестивалот 'Браќа Манаки', кој во овие изминати 37 години беше домаќин на најврвните имиња на светската кинематографија. Погледнете кој сè е во Клубот на великаните, погледнете што објави октомврискиот број на влијателното британско списание 'Кинематографер' и ќе ви стане јасно за какво непроценливо богатство станува збор. Фестивалот не смее да се политизира. Се надевам дека ќе надвладее разумот, но и оваа министерка за култура и оваа директорка на Агенцијата за филм и оваа влада и сите идни креатори на културната политика треба да сфатат дека се тука во служба на фестивалот и финасиски да го помагаат, затоа што тоа не се нивни пари, туку пари од буџетот, од граѓаните кои сакаат културни вредности како што е фестивалот 'Браќа Манаки'“, рече Куновски.

Томи Салковски, продуцент и поранешен директор на фестивалот појасни дека организатор на фестивалот „Браќа Манаки“ е ДФРМ, кое е правно лице што го организира фестивалот. Самата манифестација не е правен субјект, тоа стои во сите правни акти и во статутот на ДФРМ. Тој мисли дека ова е „смут“ на Агенцијата која застапува некои скриени намери, наместо ова да го пресече во корен.

Лабина Митевска, пак, смета дека ова е скандалозно и насилничко однесување од страна на човекот на кој пред две години Друштвото му изгласа недоверба.

Горјан Тозија вели дека е недозволиво некој што до вчера бил во градежништвото, а сега добил порив да биде продуцент да му наштети и да профитира од фестивалот.

Според Влатко Самоиловски, Министерството за култура е тоа што треба одговорно да ја разреши ситуацијата.

Во меѓувреме, роковите за потпишување договор за финансиска поддршка за годинешното издание на „Браќа Манаки“ се поминати. Од ДФРМ потсетија дека поради ниски удари, и минатата година задоцни финансирањето речиси до самиот почеток на фестивалот.

Филмаџии и контрафилмаџии

Димитар Николов-Таки тврди дека во неговото здружение не членува битолскиот градоначалник Владимир Талески, со него биле само големи пријатели. Но, пред неколку месеци, регионалниот филмски фонд „Балкан синема ситис“, чиј претседател е токму Николов-Таки, потпишал меморандум за соработка со Општина Битола за заеднички настап пред европските фондови за филмски проекти.

Режисерот Сашо Миленковски, пак, уште еден од членовите на здружението, треба да режира документарен филм за Битола од 2005 до 2017 година, периодот на трите мандати на градоначалникот Талески.

И како што имаме реалност и вмровска парареалност, а во македнската култура, како и во целото општество сè е поделено на „наше“ и „предавничко“, не е за изненадување посегнувањето по уште еден сладок залак – фестивалот „Браќа Манаки“. Тој, минатата година со буџет од околу 200 илјади евра, прв пат со донација од европската програма „Медиа“ од околу 40 илјади евра и со долга историја полна оскаровци и славни имиња, е привлечна мета.

И да не се лажеме, како што велат некои филмаџии, тука не се работи ниту за суета, ниту за локал патриотизам туку за најобично, просто мафијашко присвојување на богатство што е државно, на сите граѓани.