Валкана кохабитација

23.03.2017 11:14
Валкана кохабитација

Кога би говореле за оние средношколци, сè уште незрели и неискусни, со ум што лета на сите страни и се поведува по „советите“ на хушкачите да излезат и да протестираат наместо да прочитаат добра книга, можеби и јас, и повеќето од нас би нашле некакво оправдување за таквото нивно однесување. Чувството на неодговорност таму е пропорционално на неукоста и младоста (невоспитанието, неспособноста да се согледа пошироката слика, неинформираноста…) тоест на недостатокот на имагинација (Мураками). Односно, „одговорноста започнува во соништата“, вели Јејтс, а Мураками го парафразира и вели дека „онаму каде што нема имагинација, не може да стане збор за одговорност. Токму она што го гледаме кај Ајхман“. И не случајно го спомнувам тој монструм, зашто нè носи до Хана Арент – виртуозот на толкувањето на вината, соучесништвото и (не)одговорноста – а и Мураками на главниот лик во неговата „Кафка на брегот“ му ја става в раце токму книгата „Судењето на Ајхман“.

И ги спомнав средношколците, прилепски или други, кои и не мораат да ја знаат Арент – рано им е – иако би морале веќе да знаат што е тоа општествена одговорност. Но оние од МАНУ одамна не се средношколци (иако често така се однесуваат) и би морале, сите до еден, да знаат која е Хана Арент и да го познаваат нејзиното дело. Тоа би било најмалку што би требале да знаат, вчера и денес, овде, во оваа и ваква Македонија. Иако можеби и тоа се преголеми очекувања од нив, зашто очигледно и тие се луѓе без имагинација, и без многу други нешта, вклучувајќи ги тука и чувството за морал, за одговорност, за интегритет, па и идентитет, ако сакате. Зашто и кај нив, очигледно, владее идентитетот / интегритетот на толпата, на улицата, или можеби сите ги зафатила Александровата треска на херојство, моќ и надмоќ, по која што, очигледно не знаејќи што да прави со себеси и слободното време, трагаше еден нивни член. И иако не ги гледаме на улиците, барем засега, тие очигледно се таму – премолчено аплаудирајќи и одобрувајќи го натамошното газење на демократијата во оваа држава! Како да им беа малку изминатите единаесет години.

И упорно, и не само јас, се навраќаме и на почетоците на инсталацијата на овој автократски режим и поддршката што ја доби токму од (условно) респектабилните членови на ова општество – интелигенција, бизнисмени, уметници – вклучувајќи го тука и (по дефиниција) најреспектабилниот дел: Македонската академија на науките и уметностите! И нема да ја повторувам онаа мизерна епизода со помоцијата на магистерскиот труд на нашион шизоиден автократ, туку ќе речам дека и тие, меѓу другите, активно и своеволно (а богами и како перјаници!) учествуваа во распарчувањето на асномските идеали на македонската држава, на системот на вредности макотрпно граден од нивните претходници, слепо слугувајќи во инсталацијата на еден друг, ненароден и недемократски режим само и единствено заради лични интереси. Тие не само што молчеа, туку и благонаклоно гледаа, а некои и директно учествуваа во, како што вели Ивајло Дичев, „Отфрлањето на она што е сопствено како омразено, и присвојување на она што е престижно како странско“, во прекројувањето на македонската историја, во монтажата на нови национални „митови“ и национални „херои“ … И, попатно, но не и како помалку важно, во поддршката на локалната индустрија за производство на кич – не само во архитектурата туку и во македонската култура и уметност!

И, да бидам искрен, тука никако не мислам дека сите членови на оваа наша некогаш врвна научна и уметничка институција се верни поклоници / следбеници на овие режимски политики. Не, но токму тоа е уште поголемиот нивни проблем, па и грев, ако сакате. Зашто, (не само јас) имам чувство дека таму, во таа ладовита зграда покрај Вардар, извонредно добро функционира системот на премолчен договор – што, парафразирано, ни го потврди и нивниот бојадисан претседател – според кој тие не влегуваат во дебати или дискусии околу тие нешта, уште помалку во конфликти, тие одлично коегзистираат, или кохабитираат, тие не се покажуваат меѓу себе со прст. Уште помалку тоа го прават јавно! Тој тип валкана кохабитација им овозможува комоција, уживање на сите бенефиции во секоја власт, со тоа што само се менуваат улогите и главните миленици. Таквите игри беа на дело и во 2001 година, се играат и денес. Успешно, мислат тие. Ама проѕирно, до зла бога!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Узо Ким

ОкоБоли главаВицФото