Трева на покривот: заштита на природата и штедење енергија

23.03.2017 11:51
Трева на покривот: заштита на природата и штедење енергија

Во Скандинавија веќе одамна се стандард, а во Германија тоа е вистински „бум“. Претворањето на покривите на зградите во тревници, па дури и во вистински мали градини, се шири сè повеќе и во остатокот од светот.

Јирген Квиндо во моментов не може да се пожали на недостиг од работа. „Семејни куќи, деловни згради, сали... денес секој десетти покрив во Германија со специјална изолациска обвивка, добива и земјен покрив“, раскажува овој мајстор за покриви. Има многу причини за овој тренд. Претворањето на покривот во градина е алтернатива која има смисла, особено во урбаните средини, а така се штеди и скап простор за градина. Кога секој покрив во Германија би се претворил во тревник, две третини од бетонираните површини би можеле да ѝ се вратат на природата, тврдат урбанистите, архитектите и заштитниците на животната средина. Освен тоа, зеленилото на покривите делува во текот на големите летни горештини, но и обилните врнежи. Јирген Квиндо е еден од пионерите на таквите градини во Германија. По студиите по хортикултура, почнал да сади кактуси на покривите, а потоа го изучил занаетот на правење покриви. „Ќерамидите и сличните вообичаени материјали никогаш не ме интересирале“, вели Квиндо.

Природен клима-уред

Денес подготовката на покриви за Јирген станала рутина. Најважна е специјалната фолија. Таа не само што мора да направи покривот да не пропушта вода, туку мора и да обезбеди корените на билките да не го пробијат таванот. Покрај сите веќе наведени практични предности кои ги донесуваат ваквите покриви, една е сепак пресудна - естетската. „Секоја градина е единствена и се разликува од покрив до покрив“, вели Јирген Квиндо. Секако, јавните вложувачи повеќе се интересираат за практичниот аспект - како да ја оправдаат повисоката цена. Покрај подобрата регулација на слевање на дождовите, зелените покриви делуваат и како природни клима-уреди. Покривите, особено оние постарите прекриени со катран, понекогаш се загреваат и до 80 степени Целзиусови. Кај градините на покрив тоа е невозможно. Температурите во просториите директно под покривите, се многу попријатни. Со тоа долгорочно се штеди енергија, што за градовите и општините е многу атрактивно. Најдалеку се оди во Хамбург, каде се планира озеленување на 70 отсто од покривните површини во градот.

Враќање на природата во градовите

Покривот ја штити и самата зграда и ѝ го продолжува векот на траење. „Рамниот покрив со слој чакал мора да се обновува по 15 до 20 години. Покривот-градина дури по 40“, вели Јирген Квиндо повикувајќи се на студија на Институтот Фраунхофер. По кратко време, дури и покривот со ниска вегетација, како трева или мов, се претвора во вистински мал биотоп со различни инсекти кои привлекуваат и птици. „Многу е интересно да се гледа како таквиот покрив брзо се развива“, вели Квиндо. Но, освен ниските растенија како трева или мов, што е и најповолна варијанта за градина на покрив, можни се и џбунови, па дури и помали стебла. Во зависност од длабочината на џебот и големината на покривот, можни се и комбинации на патеки и езерца, како во вистинска градина. Сепак, поледниот збор го имаат стручњаците за статика, кои мораат да проценат дали покривот може да поднесе толкава тежина. Имено, кај поголемите билки, тежината на покривката се движи и до 500 килограми по метар квадратен.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото