Русија и замките на теориите на заговор

23.03.2017 12:09
Русија и замките на теориите на заговор

Што е проблемот со Русија? Тоа е сериозно прашање.

Едно од нештата кои ги обединуваат претседателот Доналд Трамп и членовите на неговиот кабинет е склоноста за лажење. На сајтот ProPublica неодамна беше објавен список на лаги кои ги искажаа кандидатите на Трамп во интервјуата пред конгресот, главно под заклетва. Шефот на Агенцијата за заштита на животната средина Скот Пруит лажеше кога изјави дека не ја користел приватната мејл адреса додека ја извршувал должноста главен обвинител во Оклахома (потпретседателот Мајк Пенс го правеше истото додека беше гувернер на Индијана); секретарот за здравство и социјална заштита Том Прајс лажеше за сомнителното купување акции; секретарот на трезорот Стивен Мнучин лажеше за користа што ја имала фирмата од кризата на пазарот со недвижнини; секретарката за образование Бетси Де Вос лажеше дека не е вклучена во работата на фондацијата на своето семејство, која ја поддржува борбата против ЛГБТ организациите и која финансирала повеќе конзервативни тинк-тенкови (think tank) и колеџи, иако даночните пријави покажуваат дека била потпретседателка на фондацијата 17 години. И, како што дознавме неодамна, главниот државен правобранител Џеф Сешнс лажеше за контактите со рускиот амбасадор.

Лажењето пред Конгресот е кривично дело. Сепак, кандидатурата на Пруис беше прифатена со резултат 52-46, а за него гласаа и двајца демократи; Прајс помина со резултат 52-47; Мнучин со 53-47; дури и Де Вос, чие вчудоневидувачко непознавање на системот на јавното образование наведе некои од републиканците да гласаат против, се провлече со резултат 50-50 и одлучувачкиот глас на потпретседателот Пенс. Гласањето е извршено иако пред донесувањето на одлуката беше јасно дека кандидатите го довеле Конгресот во заблуда – и покрај фактот дека секој од нив застапува политики кои загрозуваат голем број Американци.

Лажењето за Русија е нешто друго. Советникот на Трамп за национална безбедност, Мајк Флин беше принуден да се повлече по помалку од четири недели од неговиот мандат, зашто се дозна дека се состанувал со рускиот амбасадор; сега и Сешнс се соочува со барања од двете партии да го направи истото, зашто е откриено дека го лажел Конгресот за своите контакти со истиот амбасадор.

Секако, само се преправам дека не знам зошто Русија е толку посебна. Веќе подолго од шест месеци американската имагинација се поткрепува со Русија. Кога треба да се објасни како е можно да ни се случи Доналд Трамп, се потегнува Русија. Во Русија веруваме и кога треба да се разбуди надежта, зашто кога рускиот заговор еднаш ќе биде разнишан, на оваа ноќна мора ќе ѝ дојде крајот.

Многу новинари и политички коментатори уште од декември се уверени дека зад сето тоа има руски заговор. Некои тоа го мислат од октомври, а некои уште од јули. Таквото уверување помага во „поврзувањето на точките“ кои во сè поголем број се појавуваат на површина. Секоја нова приказна го зголемува постоечкуит куп докази, дури и ако подоцна се покаже дека меѓу нив не постои никаква врска – како во случајот со експертите за сајбер безбедност кои ги уапсија руските власти во декември и ги обвинија за предавство. Како и многу други, Рејчел Медоу од Њујорк Тајмс во јануари пишуваше за руското хакирање на американските избори. Еден месец подоцна, Ројтерс извести дека апсењата се резултат на неповрзана истрага која траела седум години, но мал број медиуми го пренесоа тоа. Впрочем, рускиот правосуден систем е толку непроѕирен и толку корумпиран што е невозможно веродостојно да се знае што била причината за апсењето – но, и покрај тоа, овој настан стана важен дел од поширокиот наратив.

Основата на врските помеѓу Трамп и Путин е протекувањето податоци од разузнавачките агенции на кое му нема крај, и тоа е она што загрижува најмногу. Практично ништо од информациите кои протекоа не може да се верификува независно. Контекстот, редоследот и изборот на моментот кога информациите ќе стигнат до јавноста го одредуваат луѓе кои не ѝ се познати на јавноста, а од јавноста се очекува да поверува во приказните од анонимни извори; уште не добивме цврсти докази ни за замешаноста на функционерите на Трамп во заговорот. Уште во вториот пасус од анализата објавена во петокот во Њујорк Тајмс авторот забележува дека „голем број новинарски и медиумски организации известуваат за бројни контакти помеѓу луѓето поврзани со Трамп и руските граѓани поврзани со Путин. Имаше протоколарни повици, разговори за државните политики и деловни преговори, но во јавноста не се појави ништо што укажува дека зад контактите има злобна намера... Поранешните дипломати и експерти за Русија велат дека би било апсурдно и спротивно на американските интереси тимот на Трамп да избегнува контакти со Русите за време или после кампањата.“

Бидејќи целата приказна заедно ја лансираат разузнавачката заедница и медиумите, не треба да нè изненади тоа што секое наредно откритие создава впечаток како уште еден дел од сложувалката да си доаѓа на своето место. Настаните се нижат како во некоја старомодна ТВ серија поделена на неделни епизоди кои не можеме сите да ги изгледаме за еден викенд. Она што го памтиме од првите продолженија не се информации туку само општата атмосфера. Да ги земеме како пример првите објавени откритија: во коментар објавен во јули Вашингтон пост тврдеше дека кампањата на Трамп „зад сцената“ се обидува да спречи измена на партиската платформа со која би се дозволила испорака на помош за Украина во вооружување, вклучувајќи напредни системи, минофрлачи, ракетни фрлачи, муниција и останато вооружување. Статијата ги доведе читателите во заблуда: од неа би можело да се заклучи дека тимот на Трамп сака партијата да се откаже од одржувањето и зголемувањето на санкциите, како и од пружањето воена помош. Впрочем, делот што се однесува на санкциите остана неизменет, а испораката на вооружувањето никогаш не беше одобрена, дури ни кога конфликтот во Украина беше најсилен, во 2014 година. Тоа не е едноставно прашање: предлогот за пружање воена помош го поддржуваат мал број луѓе во Вашингтон, без разлика дали се демократи или републиканци.

Сега во центарот на вниманието е републиканската конвенција заради средбата на рускиот амбасадор и Сешнс, кој во тоа време беше советник на Трамп. Средбата се одигра во Кливленд, на дипломатскиот собир организиран паралелно со конвенцијата. На 2 март USA Today објави дека уште двајца претставници од кампањата на Трамп – Џ. Д Гордон и Картер Пејџ – разговарале со рускиот амбасадор во истата прилика. Кога Си Ен Ен ја пренесе приказната, беше објавено дека „Гордон рекол дека бил дел од тимот во рамки на кампањата на Трамп кој имал задача во републиканската платформа да вметне формулација со која се потврдува дека Републиканската партија нема да се залага за вооружување на Украинците во нивната борба против проруските сепаратисти“. Авторот Џим Акоста продолжува:

„Секако, тоа беше важно прашање во тој момент. И нивниот напор донесе резултати. Успеаја да вклучат таква формулација во платформата на Републиканската партија. Го прашав Гордон зошто сакале тоа да се внесе во текстот? Одговори дека така сакал Трамп и дека тоа го барал уште во март, кога се состанале во недовршениот Хотел Трамп во Вашингтон. Џ. Д Гордон вели дека Трамп изјавил дека 'не сака да започне трета светска војна заради Украина'. И, затоа, вели Џ.Д Гордон, на републиканската конвенција во Кливленд тој се залагал платформата на партијата да биде усогласена со ставовите на кандидатот Трамп.

Потоа, авторот кратко констатира дека Гордон тврди дека немало непристојни разговори помеѓу него и рускиот амбасадор.

Во статијата доминира општ тон на осуда за тешкото злосторство – освен ако читателот не знае дека „формулацијата“ која успеа да ја спомене Акоста дури четирипати за помалку од 30 секунди, воопшто не постои – луѓето од тимот на Трамп не вметнале ништо во платформата на Републиканската партија што се однесува на Украина. Ставот за кој во статијата му се припишува вина на Трамп, впрочем е став на американската дипломатија кој го застапуваше и администрацијата на Обама. „Состаноците“ кои толку злобно се прикажани во печатот се одиграа пред очите на јавноста на панел дискусиите и коктелите по дискусиите – што е во описот на работното место и на советникот во кампањата и на рускиот амбасадор. Но, вестите во петокот вечерта на Си Ен Ен и Ем Ес Ен Би Си беа интонирани токму како споменатата статија, во знак на поврзување на измислените точки кои зборуваат за тајниот заговор на рускиот амбасадор и луѓето од околината на Трамп на Републиканската конвенција. Си Ен Ен дури, без никакви докази, објави дека рускиот амбасадор е „шеф на шпионите“, што е невидено обвинување кое може да се спореди со руската пропаганда за амбасадорот на Обама во Москва, Мајкл Мекфаул.

Следниот дел од загатката, кој во меѓувреме стана нејзин камен темелник, е заедничкиот извештај на разузнавачките служби за мешањето на Русија во кампањата кој беше објавен во декември, а, кој, најкратко кажано, е смешен. Дали е можно да постојат куп доверливи информации кои сè уште не протекле, а докажуваат дека постоел руски заговор и дека бил успешен во манипулирањето со резултатите на американските избори? Да, можно е. Исто така, дали е можно помал или поголем број припадници на разузнавачките служби кои, природно, биле навредени заради обвинувањата на Трамп на сметка на разузнавачкиот естаблишмент и исплашени од она што би можел да направи од земјата, се обидува да го поткопа неговиот кредибилитет со инсинуации и недоволни докази? Да. Но, не може да се негира дека играта за точките кои ги поврзуваат Трамп и Путин доби размери на теорија на заговор. Тоа не значи дека не постои заговор. Но, самата можност за нејзино постоење не може да го оправда прифаќањето на таквиот начин на размислување.

Најубедливиот дел од приказната е хакирањето на Демократскиот национален комитет, кое наводно го објавија луѓе поврзани со руските разузнавачки служби. Хакирањето, објавувањето на електронската пошта и ширењето дезинформации веќе долго се стадарден дел од руската стратегија. На домашен терен таквите постапки се користат за да се дискредитираат противниците на режимот. Во меѓународната арена истите техники повеќепати се користени во европските земји и САД за да се разниша довербата во западната демократија. Таа стратегија е постара од електронската пошта и интернетот, па дури и од современа Русија – и достигнува во минатото до периодот на студената војна, кога Советскиот сојуз сееше информации и градеше сојузи со маргинални политички актери – не затоа што тие беа најкорисни за создавање пречки, туку затоа што единствено тие беа отворени за соработка со руските шпиони.

Во поголемиот дел од историјата единствен резултат и стратегија било колосалното расфрлање со пари и човечки ресурси, веројатно зашто советското разбирање на западните политички системи било мошне неразвиено. Судејќи според мемоарите на оние што бегале од Русија, нивните господари го замислувале Западот токму онака како што го прикажувала советската пропаганда. На пример, во популарната руска мини-серија од 1984 година, „ТАСС објавува“, офицер на КГБ херојски разоткрива американски шпион во Москва, чиј шеф Џон Глаб не само што организира проамерикански државни удари во малите африкански земји, туку и шверцува хероин во телата на мртвите бебиња кои ЦИА ги купува од сиромашните семејства и ги убива. Модерните руски мајстори на шпионажата своите претстави за Западот ги добиваат директно од Западот и веруваат дека американскиот политички систем најдобро е прикажан во серијата House of Cards. Ако руските напори за време на изборите во 2016 беа поуспешни од претходно, причината не е тоа што руските служби се усовршиле во својата работа или стекнале софистицирано разбирање на американската политика – туку тоа што американската политика сè повеќе личи на сопствената карикатура од руските ТВ серии.

Трамп и целиот негов тим од кампањата и натаму се оние истите маргиналци со кои традиционално соработува Русија, досега без воочливи резултати. Дури и инсајдерите во тимот на Трамп не се инсајдери. Колегите од сенатот секогаш го сметале Џеф Сешнс за ексцентрик и екстремист во поглед на имиграцијата и другите прашања; генералот Мајк Флин е отпуштен од администрацијата на Обама заради инсубординација и склоност кон теории на заговор. Другите, како Картер Пејџ, советник за надворешна политика, досега не извршувале никакви важни функции. Пол Манафорт, поранешен менаџер на кампањата, и покрај бројните референци од Републиканската партија и Вашингтон, во основа е платеник кој ќе работи за секој измамник кој ќе му понуди работа. А, Стив Бенон ја претвори позицијата аутсајдер и маргиналец во професија.

И потоа, победи тимот составен од маргиналци, а теориите за влијанието на Русија врз исходот од изборите – иако, според сè, Кремљ сметал на победа на Хилари Клинтон – толку се рашириле што водечките членови од конгресот побарале специјален истражувач да отвори истрага. Ако постои причински однос помеѓу руското мешање во кампањата и победата на Трамп со 70 000 гласови и три држави разлика, веројатноста тоа да може да се докаже е занемарливо мала. А, ако тоа не е можно, за што ќе послужи таквата истрага? За да се покаже дека соработниците на Трамп лажеле за контактите со руските претставници – како што по навика лажат за многу други нешта. Зошто лагите за Русија се полоши од другите лаги?

Интуицијата може да понуди некои одговори: републиканците во претставничкиот дом и сенатот едноставно немаат сила да ја обвинат администрацијата на Трамп за останатите лаги – дури и ако е прекршен законот. Ќе направат сè што е во нивна моќ за да избегнат таква можност, зашто колку и да е грозен Трамп, неговата администрација најпосле им пружа прилика да ги остварат сите свои политички цели, од укинување на здравствената заштита до намалување на даноците и отповикување на реформите на банкарскиот сектор. Исто така, го избраа нивните гласачи, а Трамп на секој знак на недоволна поддршка, реална или привидна, ќе одговори со бура на Твитер. Од друга страна, стравот ќе изгледаат како да ја занемариле најголемата закана за националната безбедност и дека не ѝ се доволно лојални на татковината, би можел да ги принуди сепак да реагираат на обвинувањата, ако продолжи притисокот од медиумите.

Русија стана универзално реторичко оружје во американската политика. Повиците да се објават даночните пријави на Трамп – за што претставниците на групата Граѓани за одговорност и етика во Вашингтон (CREW) се надеваат дека ќе обезбедат судски налог по тужбата за кршење на уставните одредби за корупција – сега се толкуваат во светло на потребата да се разоткријат финансиските врски на Трамп со Русија. А, претседателот на Твитер ја репризира познатата сцена од дебатата во која одговара „Не сум марионета. Ти си марионета“ и се обидува демократите Чарлс Шумер и Ненси Пелоси да ги поврзе со Русија.

Зад хистеричната опсесија со Русија стои надежта дека со текот на времето околу Трамп ќе се создаде облак сомнеж доволно мрачен да го принуди конгресот да најде сила и да создаде основа за негова смена. Ако се случи тоа, тоа пред сè ќе биде резултат на медиумските кампањи кои ги оркестрираа припадниците на разузнавачката заедница – со што се воспоставува опасен политички преседан кој ќе ја корумпира јавната сфера и ќе предизвика параноја. И тоа во најдобар случај.

Сепак, многу е поверојатно дека обвиненијата кои го поврзуваат Трамп со Русија нема да доведат до негов пад. Тој можеби ќе жртвува уште некој соработник, како што го жртвуваше Флин. Истрагите можат да се развлекуваат со месеци и патем на маргините да истиснат некои други, поважни прашања. Најпосле, републиканците во конгресот ќе заклучат дека врските на Трамп со Русија не се доволно важни за нивните гласачи за да им се исплати поради тоа да го рушат републиканскиот претседател. Во меѓувреме, додека Русија доминира на насловните страни, Трамп ја продолжува својата војна против имигрантите, намалувањето на буџетите за сè што не е војска и составување на кабинетот со презрени. Шест демократи гласаа за именувањето на Бен Карсон за шеф на управата за домување, а десетмина ќе гласаат за именување на Рик Пери за секретар за енергетика. Изгледа дека според планот на Трамп секој од неговите кандидати има задача да ја уништи агенцијата што му е доделена – да го извршат она што Стив Бенон го опишува како „растурање на административната држава“. Кога станува збор за Сешнс, во првиот говор кој го одржа на новата функција вети дека ќе ја стесни примената на законот за граѓанските права, а веќе ја запре постапката на секретаријатот за правосудство за оценката на дискриминаторскиот тексаски закон за идентификација на гласачите. Но, новинарските наслови упорно ги повторуваат само обвинувањата дека лажел за контактите со руските официјални лица.

Но, фокусирањето на Русија донесе и некои неочекувано позитивни резултати. По оставката на Флин, на местото советник за национална безбедност Трамп го постави генералот-потполковник Х. Р Мекмастер, промислен и уважен воен стратег. Исто така, се очекува дека Фиона Хил, веројатно најголемиот американски познавач на Русија на Путин, ќе биде надлежна за Русија во Националниот совет за безбедност. Таа е доследен и прониклив критичар на Путин и заговорник на продолжувањето на санкциите кои САД ги воведоа по инвазијата на Украина. Двете именувања – и фактот дека санкциите и понатаму се на сила после шест недели од молскавичниот мандат на Трамп – се во спротивност со приказите на Трамп како „марионета на Путин“ (како и фактот дека руската внатрешна пропаганда веќе се заврте против Трамп). Но, теориите на заговор не посветуваат многу внимание на фактите.

Замислете кога исто толку внимание би се посветило на некои други проблеми – како што е забраната за влегување на муслимани во земјата. Така, нема да се ослободиме од Трамп, но можеби ќе можеме да ја ограничиме штетата што ја предизвикува. Тој ги уништува американските демократски институции и начела така што претседателската функција ја претвора во машинерија за стекнување профит за себе и своето семејство, тој ја труе политичката култура со полуписмена реторика полна со омраза и лаги, ја поткопува јавната сфера со напади на новинари и демонстранти и се подготвува да ги демонтира сите сегменти на федералната администрација чија цел не е водење војна. Аферата со Русија само му помага во тоа – така што го пренасочува вниманието од реалните, докажаните и документирани проблеми и разгорува масовна ксенофобична теорија на заговор чија единствена цел е еден ксенофобичен теоретичар на заговори да се тргне од функцијата.

Извор: http://www.nybooks.com

ОкоБоли главаВицФото