Пети Смит ја купи родната куќа на Рембо

25.03.2017 11:49
Пети Смит ја купи родната куќа на Рембо

Пети Смит е позната по нејзините стихови и во книгите и во песните, па не е големо изненадување што 70-годишната Смит, неодамна ја купи реконструираната куќа на францускиот поет Артур Рембо. Куќата, која се наоѓа во близина на француската граница со Белгија, во малото гратче Рош, е како повторно оживеана верзија на детството на Рембо.

Токму во оваа куќа, кон крајот на 19-от век, францускиот поет го напишал неговото ремек-дело „Престој во Пеколот“, кога имал само 19 години. Големата поема, долга околу сто страници, го означува заминувањето на старата поезија и отвори нов пат кон надреализмот.

Реконструкција на домот на Рембо последниве неколку години е предводена од Жаклин Краненвитер и Пол Боен, двајцата најжестоки поддржувачи на славниот поет од 19-от век. Во текот на последните неколку децении, куќата на детството на Рембо, која стана место за аџилак на обожавателите на писателот -почнала да се распаѓа. Изминатата година, Смит одлучи да влезе во игра. За време на неодамнешната посета на Париз, на доделувањето на Големиот Црвен медал (на церемонијата таа го споменала Рембо во нејзиниот говор), Смит дискретно ги потпишала документите за купувањето на овој нејзин симболичен дом. До денес, висината на сумата што ја платила не е објавена.

За Смит, купувањето на куќата на Рембо е остварување на сонот, но истовремено, за неа е и граѓанска должност да помогне да се сочува домот во кој настанала современата поезија. Всушност, оваа пејачка и поетеса ја сакала поезијата на Рембо уште од своите тинејџерски години. Во интервју за бруклинското списание „ BOMB“, во 1996 година таа вели: „Долго време моите фантазии како девојка беа посветени на Рембо. Тој ми беше како момче.“

Извор: Architectural Digest

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото