Комунистите и вмровистите

25.03.2017 12:33
Комунистите и вмровистите

Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век, комунистите ги беа сфатиле пресвртните предизвици на времето и се откажаа од политичкиот и уставниот монопол, отворајќи ја Македонија за нови реализации во услови на демократија, право, приватна сопственост, во натпревар на политичките идеи и субјекти. Тие тоа не го направија затоа што опозицијата беше силна или затоа што кон тоа ги притискаше некаква силна дисидентска групација или внатрешните контракции во граѓанството, затоа што такви работи, просто, немаше, туку тоа го направија мирно, како нормална реакција на геополитичките, социјалните, културните и идејните промени по крахот на комунизмот претставен во падот на Советскиот сојуз и уривањето на Берлинскиот ѕид.

Тие тогаш не рекоа дека или ќе биде комунизам или Македонија нема да ја има. А предаваа во рацете на демократијата солидно изградена држава, со сите институции, добро капацитирана во сите области, од безбедноста, до здравството и економијата, го предаваа својот подвиг за паметење, зашто државата и, да не се лажеме, нацијата, беа изградени врз многу скромни, речиси непостоечки основи.

И не тргнаа да војуваат со светот, да се караат и да напаѓаат возачи на дипломатски претставници, да не ги примаат европските емисари!

Едноставно, сфатија дека нивното време е завршено.

Не, јас не сакам да го воспевам демократскиот инстинкт на комунистите и на тие што потоа ќе се јават како продолжувачи на нивната државотворна и политичка традиција во новите услови на демократскиот плурализам. Сите знаеме какви грешки и фаули направија од почетокот на транзицијата и дека и тие грешки се вградени во драмата низ која минуваме деновиве.

Но, нивната поставеност и разбирање на процесите се покажа како висока школа на националната одговорност и демократската култура воопшто, а во споредба со антинационалните, антидржавните и антидемократските позиции на ВМРО-ДПМНЕ, тие се јавуваат како академија на политичката култура.

Пред да полуди, Хорхе се занимаваше со овие процеси, можеби со некакви апчиња или физикални терапии може да му се обнови сеќавањето. Ако се сети можеби ќе може да ни објасни како Македонија во процесите на ослободувањето од комунизмот заврши во овој мрак, тоа е едното прашање, а второто е зошто и како една групација која успеа да се афирмира како неверојатно злосторничко здружување, мисли дека тој мрак е најголемото остварување во целокупната историја на Македонија и на македонскиот народ?!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Александар Дојранлиев