Си го бараме ѓаволот

27.03.2017 00:02
Си го бараме ѓаволот

Во моментот кога, на крајот од двегодишната политичка битка против заробената држава, која обедини различни делови од македонскиот етнички мозаик околу идејата за слободна, демократска и правна држава, се појави платформата на албанските партии, масата беше поставена за поинаква игра – меѓунационалната.

Имено, Платформата, листа на индивидуални и колективни права за Албанците во Македонија, се закани да го „прегази“ СДСМ и неговата „граѓанска опција“ и да си го пробие патот до својот „природен“ соговорник – ВМРО и македонскиот национализам. Тоа не мора да беше сторено намерно за да се спојат претставниците на албанскиот и македонскиот национализам, туку едноставно затоа што е толкав демократскиот капацитет на албанските партии на кои етничките теми им се најблиски до срцата.

Теоретски гледано, решението за моменталната криза во конституирањето на институциите на политичкиот систем би можело да биде коалицијата која има мнозинство во парламентот да се обврзе дека во наредните година-две ќе се занимава исклучиво со документот на Прибе, а дури потоа да се оди на избори на кои ќе бидат понудени и големите национални теми. За жал, во вистинскиот живот тоа се чини невозможно. Албанските партии не се помалку „рогови во вреќа“ од македонските, а албанскиот национализам има и порадикални идеи од оние запишани во заедничкиот документ. Се плашам дека, ако се растури овој меѓуалбански договор кој содржи прилично умерени барања, издејствувани со ангажман на странски фактори, она што ќе следува се внатрешни несогласувања и националистички наддавања и меѓу Албанците. Дури, не ми е далеку од умот да замислам ситуација во која, во невозможност од согласност, би молеле некој однадвор да помогне. Имено, да го направи она што денес го осудуваме – заедничка платформа на скарани партии.

Сега откога е покачена емотивната возбуда кај македонското население со демонизирање на албанската платформа, повикот на водачот на македонските националисти веднаш да се оди на избори е рецепт за конфликт и насилство во еден кус период.

Одолговлекувањето на конституирањето на новите институции согласно изборните резултати, пак, создава услови за немири и нестабилност на малку подолг рок. Притоа, играта со вакво отворено поттикнување на национализмот од самиот врв на државата заради персонални причини, е една застрашувачка и досега непозната опасност. Можеби е време ЕУ и САД да почнат да се однесуваат кон македонските политичари барем онака како што се однесуваа кон Хајдер и неговиот национализам во Австрија.

Извор: Плусинфо
Слика: Александар Дојранлиев