Девет податоци за Документа 14

27.03.2017 13:45
Девет податоци за Документа 14

На помалку од еден месец пред почетокот, на четиринаесеттото издание на Документа, деталите за оваа престижна меѓународна изложба сè уште се мистерија. Традиционално таинствена околу имињата на уметниците што ќе учествуваат годинава, дури и со повеќе шпекулации околу претстојните изложби кои ќе се одржат од 8 април до 16 јули во Атина и од 10 јуни до 17 септември во Касел.

Изложбата „Документа“ трае 100 дена и се одржува на секои пет години во Касел, Германија, уште од 1955 година. Основана е од Арнолд Боде, „Музејот за 100 дена“, започна како изложба на современа уметност, која поствоена Германија требаше да ја донесе во чекор со меѓународната современа уметност, по годините кога нацистите ја нарекоа „дегенерирана“ и таа беше уништена во војната, продадена или изгубена.

Историски, секогаш досега се одржувала во „Fridericianum“ - првиот музеј во континентална Европа, основан во 1779 година, а подоцна за одржувањето на Документа биле избирани и други локации низ градот Касел, кој за време на Втората светска војна беше речиси целосно уништен од бомбардирањето.

Но, оваа година, кураторот Адам Шимчик воведе промени и ја подели изложбата помеѓу Касел и Атина, каде се подготвува проектот под наслов „Учиме од Атина“.

И покрај тајноста, некои податоци се потврдени и досега за Документа 14 познато е следново:

1. На Документа ќе учествуваат повеќе од 150 автори

Околу 150 живи уметници добиле писмена покана да изложат свое дело на Документа 14. Во најголем број случаи, уметниците ќе изложат свои нови дела, но ќе има и избор на постари значајни историски дела. Прв пат уметниците биле поканети во Атина, а потоа во Касел, а некои од нив ќе имаат изложба во двата града. Досега сите имиња на уметниците се држат во тајност, кураторот Шимчик, за „Дојче Прес Агентур“ изјави дека не сака однапред да ги открива авторите, бидејќи тие ќе имале свои очекувања пред отворањето на изложбата.

„Мислам дека изложбата треба да биде искуство. Искуство без големи очекувања, однапред програмирани“, рече тој.

2. Изложбата ќе се одржува на повеќе локации во два града

Во текот на својата историја, изложбата се одржувала во музејот „Fridericanium“, а од Документа IX, во 1992 година, се проширила во близина на Документа - Хале.

Оваа година, изложбата ќе ги заземе „речиси сите музеи во Касел“ како што изјави Шимчик за „Дојче Прес Агентур“, меѓу кои и музејот „Grimmwelt“, историскиот музеј „Ballhaus“ и поранешната пошта, која сега е фитнес студио. Плоштадот „Friedrichsplatz“, што се наоѓа околу музејот „Fridericianum“, исто така, ќе се „игра голема улога“.

Изложбата во Атина ќе го окупира Националниот музеј на современа уметност (EMST), како и изложбената сала на модерниот дел на музејот „Бенаки“ и други помали локации. Централно место на случувањата ќе биде Националниот музеј на современа уметност.

3. Ќе има размена меѓу музеите во Атина и Касел

Според соопштението за печат, избор на грчки и интернационални уметнички дела од колекцијата на EMST од Атина ќе биде прикажан во „Fridericianum“, со цел да се направи место за делата што ги избрал кураторот изложбата и да им се овозможи на Германците и на странските посетители да „учат од Атина“.

4. Шимчик сакаше во Атина да ја донесе колекцијата „Gurlitt“, но не успеа

Кураторот сакаше да да направи изложба со делата од клекцијата на Корнелиус Гурлит (Cornelius Gurlitt), голема ризница од повеќе од 500 уметнички дела, за кои се смета дека биле бесправно одземени од нивните сопственици во текот на Втората светска војна. Колекцијата содржи и платна од Матис, Курбе и Шагал. Кога беше објавена оваа вест, беше примена како контроверзна, но сето тоа сега е ирелевантно бидејќи „правни и политички ограничувања“ застанаа на патот на оваа идеја на Шимчик. Сепак, оваа идеја продолжи да биде инспирација за Шимчик и неговиот тим, особено во дизајнот на изложбата во „Galerie Neue“ во Касел.

5. Ќе има и обелиск

Една од работите што не може да останат тајна (Тешко е скриеш обелиск). Скулптурата ќе биде инсталирана на „Königsplatz“, во соседството на „Fridericianum“ во Касел. Портпаролот на Документа изјави дека изградбата е веќе започната, но не се открива ништо за уметникот што е автор на споменикот.

6. Документа 14 чини 34 милиони евра

Околу половина од овие средства се платени од буџетот на градот Касел, покраината Хесен, Германската сојузна фондација за култура и Министерството за надворешни работи на Германија. Втората половина од оваа сума ја обезбедува Документа преку спонзори како што се Фондацијата Шпаркасе и Фолксваген, потоа други приватни спонзори, поединци и фондации. На уметниците им се платени трошоците за продукција на делата и по завршувањето на изложбата, тие ќе ги задржат авторските права за своите дела.

7. Изложбата ќе биде партиципативна

Се очекува посетителите на Документа 14 бидат „активни учесници" во изложбата, а не само пасивни гледачи. „Постои голем неискористен потенцијал кога посетителите доаѓаат за изложба - политички потенцијал“, вели Шимчик.

8. Билети во Касел ќе чинат 22 евра

Најмалку 22 евра ќе чини влезницата за еден ден. Дводневниот билет во Касел ќе чини 38 евра, а билетот кој ќе важи за целото времетраење на изложбата ќе се чини 100 евра. Во Атина голем број места ќе бидат достапни бесплатно, но некои од партнерските институции ќе ги наплаќаат своите редовни влезници.

9. Посетителите ќе можат да летаат директно од Касел во Атина

„Aegean Airlines“ стана првата авиокомпанија партнер во историјата на „Документа“. Минатата година, авиокомпанијата објави дека со нова директна линија ќе ги поврзе Касел и Атина и линијата ќе биде пуштена на отворањето на Документа 14. Помеѓу двете локации ќе има два лета неделно и со брзо пребарување на интернет страницата на авиокомпанијата, може да се види дека има голем број места по разумни цени.

Извор: Art news

ОкоБоли главаВицФото