Македонската алтернативна порака за Светскиот ден на театарот

27.03.2017 16:12
Македонската алтернативна порака за Светскиот ден на театарот

За тоа кои сѐ квалификации треба да ги поседува авторот на една ваква порака, ве молиме, пресудете веднаш зашто ниту нам не ни се познати. Она што ни е познато, не е ниту малку лесно сами да ја напишете пораката што сакате да ја слушнете, односно, пораката што ви треба.

За нас, театарџиите, Светскиот ден на театарот е голема работа. На овој ден ние го пресоздаваме театарот, а на тој начин се пресоздаваме и себеси; одново му ја даваме смислата на театарот, која (во текот на претходната година) некаде ни се подизгубила, сме ја подзаборавиле или ни била одземена. А за тоа дека самите можеме да му ја одземеме смислата на театарот сме на далеку прочуени! Ете, токму затоа, сметаме дека македонската порака по повод Светскиот ден на театарот треба да биде и балканска порака за Светскиот ден на театарот.

Овој ден, како што споменавме, е голема работа за нас зашто на овој ден, свечено, небаре со чаша вино во раката и додека си ја префрламе марамата на уметноста (оној брош, значка што ја закачуваме на денот кога стануваме уметници) преку рамо, ние долго зборуваме за уметноста и театарот, за нашите искуства, одиграни ролји, сработени претстави; се присеќаваме на студентските денови; се сретнуваме со нашите колеги со кои не сме се виделе со години; си прозборуваме едни на други и (само за миг) се сплотуваме.

Ова се сите прашања за кои сите од театарот сакаме да зборуваме и само да зборуваме:

„Ама кој е он да пишува?“
„Што се замислува бе овој!?“
„Што има бе сработено овој у животот, работел ли некогаш у театар?“

Токму поради гореспоменативе мисловни конструкции на читателите ќе се осмелиме да прашаме (ако смееме да прашаме, смееме!?) дали ни е дозволено да зборуваме за ролјите и претставите кои никогаш не се ни случиле (секако, нѐ понесува една наша колешка – театарска режисерка – која можеби со својот дипломски труд воведе една нова изведбена форма на полето на театарот, токму на оваа тема!) Да, го поставуваме прашањето дали, всушност, им е дозволено да зборуваат на оние кои можеби имаат повеќе претстави кои не се случиле од некој со претстави што му се случиле!? Во ред, тогаш уште еднаш, овој пат навистина многу едноставно: дозволено ли е да зборуваат луѓето кои никогаш не работеле во театар, а сакаат да прават театар?

Велиме „не работеле во театар, а сакаат да прават театар,“ наместо „не работеле во театар, а сакаат да работат во театар“ зашто она кое постојано го слушаме наоколу (особено од младите генерации на театарџии) е дека веќе не сакаат да работат во театарски институции зашто условите (просторните, ресурсните, односот со колегите) се разочарувачки. Неблагодарно е да ги посоветуваме да си дадат отказ (отфрлете ја таквата помисла како реакција).

Ако дел од вработените во театарските куќи се незадоволни, постои ли простор за незадоволство кај оние кои воопшто не се вработени или пак, чекаат конкурс за вработување?

Еве дел од сликата на макеоднската театарска стварност:

-млади и квалитетни кадри тетарџии се гушат на несоодветни работни места зашто постабилната егзистенција, која се стекнува со вработување во театар, е луксуз кој го живеат несоодветни кадри со несоодветно образование;

-млади и квалитетни кадри на театарџии заминуваат на дообразование не за да станат поквалификувани за македонските театарски куќи, туку зашто нивната театарска смисла не може да ја врати ниту еден 27 март

-македонската театарска критика ги фали сите можни претстави што ќе се појават на репертоарите на македонските театри (негативната критика е ретка како оаза среде пустина)

-македонска театрска критика не постои

-голем дел од театарските продукции не се ни македонски – проектите ги потпишуваат странски режисерски имиња зашто македонски нема, одамна се иселиле

-мецени не постојат и независните продукции затоа немаат никаква поддршка (просторна, финансиска)

Бесмислено е, имајќи го ова предвид, кој било да изјави дека македонската театарска стварност не е во криза.

Пораката, која ние како театарџии треба да ја испратиме, е дека сите имаме подеднакво право на здрава театарска средина, без протекции, со квалитет и без преповторување на театарски дефиниции од учебникот од типот „театарот е огледало;“ „театарот е чекан...“ Театарот е наш и треба да си го вратиме, но не следната година. Па, да ги одврземе марамите на уметноста, колеги.

м-р Милош Б. Андоновски
професор по театарска уметност

 

Слики: Шарлот Керон

ОкоБоли главаВицФото