Разговор со Ричард Ренгам - Преку изучувањето на шимпанзата, до Теорија за готвењето

04.05.2009 12:18
еволуција

Ричард Ренгам е приматолог и антрополог кој последните четири декади ги набљудувал дивите шимпанза во Африка, со цел од нивното однесување да научи нешто повеќе за праисториските човечки суштества.

Др. Ренгам (60) е роден во Британија, а од 1989 година е професор по биолошка антропологија на Харвард. Неговата книга, „Catching Fire: How Cooking Made Us Human,” ќе излезе на крајот на мај. Интервјуто кое следува е водено минатата зима, за време ручек (вегетаријански) во американската Асоцијација за напредувањето на науките во Чикаго, и подоцна преку телефон. Следува скратена верзија од двата разговора.
 

Прашање: Во вашата нова книга предлагате дека приготвувањето на храната ја овозможило еволуцијата од мајмун-човеколик во човек. Сè досега научниците се согласуваа дека изработката на алат и јадењето месо го овозможиле напредокот на човекот. Зошто тврдите дека всушност готвењето е најзначајната причина за еволуирањето?
 

Одговор: Сите работи кои ги споменавте биле дел од погонот кој ја придвижил еволуцијата на нашиот вид. Сепак, големината на нашиот мозок и обликот на нашите тела се производ на богатата исхрана која станала достапна откако сме почнале да ја готвиме храната. Наеднаш готвењето нè снабдило со потребната енергија која дотогаш, како собирачи на сирова храна, не сме ја добивале.
Ги следев шимпанзата и проучував што и како тие јадат. Современите шимпанза многу веројатно јадат храна каква што јаделе нашите предци. Тие би биле среќни доколку во дивината пронајдат вкусно овошје како на пример малини. Најчесто откриваат купче овошки кои се суви и со јак вкус како дренките, и ги џвакаат цел час. Шимпанзата го поминуваат денот во потрага и џвакање на мошне жилава храна.
Нивната исхрана е крајно незадоволителна за луѓето. Но откако нашите предци почнале да јадат зготвена храна – пред од прилика 1.8 милиони години – нивната исхрана станала многу помека, побезопасна и похранлива. Тоа го има поттикнато развојот на исправеното тело и големиот мозок кои ги асоцираме со модерниот човек. Првобитните човечки предци имале релативно големи стомаци, а сразмерноста на телото им била налик на мајмун. Хомо еректусот, нашиот непосреден предок, имал долги нозе и долг, енергичен чекор. Толку бил виток што денес би можел да влезе во која било продавница на Петтата авенија во Њујорк и да го купи костумот закачен на првата закачалка. Нашите предци еволуирале поради зготвената храна, која била побогата, поздрава и побарувала многу помалку време за преживање.
 

П: За да се приготви храната потребен е оган. Како стигнале предците до истиот?
 

О: Аустралопитекусот, предокот на нашите предци, живеел во саваните со суви висорамнини. Често наидувал на природно предизвикани огнови и храна во нивна близина која била подобрена од нив. Од исекотините пронајдени на стари коски знаеме дека нашиот далечен предок, Хомо хабилисот јадел месо. Со сигурност знаеме дека од камењата тие произведувале чекани, кои многу веројатно ги користеле за да го омекнат месото. Знаеме дека при удирање со чекан се произведуваат искри. Оттука е наполно разумно да се претпостави дека нашите предци јаделе храна подгреана од огновите кои ги запалувале додека го спремале месото.
Со тоа, одеднаш ги имаме комуналните огнови, околу кои заеднички готвеле. Со тоа на сцена стапила и калорично побогата исхрана – со ова се променил социјалниот свет на нашите предци. Наеднаш, откако единките биле привлечени од огништето, тие почнале да поминуваат многу повеќе време заедно. Очевидно ова е многу поразлична поставеност на системот од оној на скитникот кој во шимпанзо-стил спие кога сака, и кој може да ја напушти групата секогаш кога ќе се соочи со социјална расправија.
Одеднаш сме морале да научиме да се гледаме во очи. Одеднаш не можеме да реагираме импулсивно. Откако си седнал околу оганот, мораш да ги потиснеш реактивните емоции кои би довеле до социјален хаос. Околу оганот, човекот се скротил.
 

П: Критичарите велат дека имате фина теорија, но немате докази. Велат дека не постојат докази за постоењето на огништа пред 1,8 милиони години. Кој е вашиот одговор на критиките?
 

О: Да, постојат луѓе кои велат дека е потребен археолошки доказ дека човекот навистина произведувал оган пред 1,8 милион години. И да, вистина е дека сè уште немаме доказ. Пронајдени се докази во Израел кои сведочат за постоење на контролирани огнови пред 800 000 години. Би сакал да видам постари археолошки знаци. Сигурен сум дека кога-тогаш ќе ги пронајдеме.
Но, во меѓувреме, имаме непоколебливи биолошки докази. Нашите заби и нашиот стомак се смалиле пред 1.8 милиони години. Оваа промена може да ја објасни само фактот дека нашите предци почнале да внесуваат похранлива и помека храна. Ова е возможно само преку готвењето. Жилавата храна која денес ја јадат модерните шимпанза едноставно не била доволна за да го поттикне тој развој.

П: Слушнав дека во еден момент сте се впуштиле во авантура – сте јаделе исто како и шимпанзата? Какво беше тоа искуство?
 

О: Во 1972, кога го проучував однесувањето на шимпанзата во Танзанија, посакав да видам дали би можел да преживеам на храната која ја јадат шимпанзата. Ја замолив директорката на проектот, Џејн Годал, да ми дозволи некое време да живеам како шимпанзо. Откако таа се согласи, јас сакав целосно да се впуштам во природата и да бидам дел од дивината и се обидов да отидам чекор подалеку, „Сакам да живеам наполно гол“. Таа, тука ја стави кочницата: „Во најмала рака ќе носиш престилка на бедрата“, ми рече.
На крајот не го завршив експериментот во целост. И покрај тоа, постоеја долги периоди кога не појадував, а во текот на денот се обидував да прежиеам само на храната која ќе ја најдев во природата. Бев неверојатно многу гладен.
 

П: Што јадете обично?
 

О: Ох, вообичаена, западна индустријализирана храна. Не би јадел животно кое не сум подготвен сам да го убијам. Немам јадено цицач последните 30 години, освен два пати во деведесеттсите, кога јадев сиров мајмун кој го убија шимпанзата и го оставија зад себе. Ме интересираше вкусот. Месото на црно-белиот Колобус мајмун е жилаво и многу непријатно на вкус. Црвениот Колобус е посладок. Ми стана јасно зошто шимпанзата го претпочитаат.
 

П: Јадевте сиров мајмун во име на науката?
 

О: Да. Чувствувам дека влегувањето „под кожа“ на шимпанзата е единствениот начин да се продре во нив. Така и стигнав до разбирањето на улогата која ја има готвењето на храната.
 

П: Вие верувате дека праисториската сирова храна би го оставила модерниот човек гладен. Дали тоа значи дека ние сме прилагодени на храната која моментално ја јадеме – Мекдоналдс, пица?
 

О: Мислам дека сме прилагодени на нашиот начин на исхрана. Проблемот е што не е прилагоден и нашиот животен стил. Прилагодени сме во смисла дека нашите тела се конструирани да ја максимизираат енергијата која ја добиваме од храната. Значи, ние умееме да избереме храна која ни дава многу енергија. Меѓутоа, ние внесуваме многу повеќе храна одошто ни е потребна. Тоа не е прилагодување.
 

Извор: Њујорк Тајмс