1022 hPa
66 %
11 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 14:59
Разорна војна, крах на институциите и глад – тоа е сликата на Јемен две години од почетокот на саудиската интервенција против бунтовниците во земјата. Саудиска Арабија ја предводи коалицијата на мнозинските сунитски земји во кои се и Обединетите Емирати, Бахреин, Кувајт, Катар, Египет, Јордан, Мароко, Сенегал и Судан. Борбата против бунтовниците од редовите на Хутите – милитантна шиитска секта – најпрвин имаше наводна цел на власт да се врати претседателот Абед Мансур Хади.
Но, ни пред две години, кога во Јемен паднаа првите бомби, не беше потребна голема мудрост за да се заклучи дека Саудијците во јужното соседство повеќе сакаат да го запрат влијанието на Иран и да ја потврдат доминацијата на Арабискиот полуостров. Во меѓувреме, граѓанската војна, какви што Јемен се изнагледа во последните години, прерасна во регионален конфликт на Ријад и Техеран.
„Ова го гледаме две години и сега делува најверојатно дека и следните две години ќе гледаме континуиран конфликт во Јемен“, вели Адам Берон од Европскиот совет за меѓународни односи, труст на мозоци со седиште во Лондон. Јемен, додава, е најголемата хуманитарна криза, а „сè укажува дека ќе стане уште полошо.“
Најсиромашната арапска земја е речиси целосно разорена со неселективно ракетирање – пред сè од арапската коалиција. Уништени се инфраструктурата, болниците и училиштата. Организациите за заштита на човековите права ги обвинуваат сите страни за воени злосторства. Околу седум милиони луѓе можат да умрат од глад во наредните месеци доколку не добијат хуманитарна помош. Помош е потребна за вкупно 19 милиони луѓе што е дури две третини од популацијата. Околу три милиони лица се раселени, 8 000 загинати, а 42 000 луѓе се ранети.
Лабавите врски со Иран
Хутите се една третина од населението во Јемен и долго се бунтуваа против дискриминацијата во земјата. Организирани истапуваат од деведесеттите години, како одговор на сè посилните струи на политичкиот сунизам. Од 2004-2010 Хутите поведоа дури шест вооружени бунтови против поранешниот претседател Али Абдула Салех. Арапската пролет во 2011 го тргна Салех од власта и Хутите најпрвин беа еден од важните фактори на транзицијата. Меѓутоа, од 2014 година повторно незадоволни коваат пакт токму со Салех и паравоените единици кои му се верни.
Целиот хаос во Јемен го искористија и Ал Каеда од Арабискиот полуостров која контролира делови од земјата, како и Исламската држава.
Колку се тесни врските на бунтовниците во Јемен и шиитскиот режим во Техеран? Додека Саудијците сметаат дека Хутите не се ништо друго освен продолжена рака на иранската власт – слично со Хезболах во Либан – соговорниците на Дојче Веле велат дека моменталниот пакт на Хутите со Техеран повеќе е изнуден: „Тоа што Хутите негуваат односи на меѓусебно разбирање со Иран не значи дека се иранска марионета“, вели Берон. Се верува дека постојат испораки на оружје од Техеран, а нема сомнеж дека Хутите уживаат медиумско-пропагандна поддршка.
Али Фатолах-Нејад, експерт за Иран од Германското друштво за надворешна политика, вели дека не може да се негира тоа што иранската власт повеќе од една деценија се обидува да влијае во Јемен кој го дели широката граница со Саудиска Арабија. „Иран се обидува да ги навлече Саудијците во јеменската кланица“, вели за Дојче Веле. Но, сепак, влијанието не е толкаво како што тврдат во Ријад. Саудиска Арабија намерно го преувеличува значењето на Техеран за да ја „оправда својата желена тупаница“ во Јемен.
Повеќето експерти не веруваат дека интерниот конфликт во Јемен на некој посебен начин би ѝ се заканувал на Саудиска Арабија. Велат дека улогата можеби ја одиграло и доаѓањето на младиот министер за одбрана Мохамед бин Салман, втор во редот за тронот на саудиското владејачко семејство. Тоа се совпадна со напорите на Иран да излезе од меѓународната изолација со таканаречениот нуклеарен договор. Првото што го направи Бин Салман беше започнување офанзива на Јемен.
Што ќе направи Трамп?
Контроверзна е и поддршката на САД кои учествуваат разузнавачки, логистички и ја снабдуваат коалицијата со оружје. Според Амнести Интернешнел, САД и Велика Британија само од март 2015 година – кога почнаа нападите на Јемен – на Саудијците им продадоа вооружување за пет милијарди долари. Амнести Интернешнел смета дека тоа придонело за хуманитарната катастрофа.
Хутите ги гледаат САД како завојувана страна. Дали Пентагон отворено ќе се вмеша во војната со оглед дека администрацијата на Доналд Трамп најави пожесток однос спрека Иран? Уште во октомври, значи за време на Барак Обама, американската војска соопшти дека Хутите со поддршка на Иран гаѓале еден американски воен брод во Црвеното море. На тоа американската морнарица одговорила со напад на радарите на бунтовниците. „На Иранците ништо нема да им е помило од тоа да ги вовлечат САД во Јемен“, вели Берон.
Администрацијата на Доналд Трамп засега се ограничи на напади на Ал Каеда на Арабискиот полуостров. Освен воздушни удари – во кои, според извештатите, настрадале 30 цивили – американската војска изврши и копнена операција. Наводно се убиени 14 терористи, а настрадал и еден американски командос.
Извор: http://www.dw.com