Танц на тврдокорните внуки

28.03.2017 09:15
Танц на тврдокорните внуки

Од лево на десно- внуките на Вангели, Мисирков и Гули

 

Груевизмот создаде две спротивставени страни, две класи, два народа. Тврдокорни и Шарени. Патриоти и Предавници.

Револтот, неверицата, доза на потсмешливост, тоа е она што го добиваат Тврдокорните од Шарените. Оние баби на улица што се прпелкаат пред Мисијата на ЕУ, кои го колнат, проколнуваат и пцујат Јоханес Хан, како и „старата бештија“ Европа, сето тоа оди на контото на едно ново време, една нова ера која е веќе преживеана во регионот, попозната како милошевиќевизам.

На Шарените им се сервираат сите нијанси на омраза, а Тврдокорните тоа го прават со особено задоволство, веројатно затоа што тоа е последниот спас за нивниот духовен татко, но за некои тој е и финансиски родител, Груевски. Комбинацијата во која се заплеткаа и упорно се втурнуваат е запалива и опасна, што веројатно им дава дополнителна сила за да ги слушаат слепо сите наредби на синот и отецот и светиот дух, амин, Груевски.

Тој пак, од бункерот од кој повремено излегува за да даде по некое интервју и да ги охрабри своите чеда за нови походи и разулавеност, мисли, о, колку многу греши, дека во таа братоубиствена војна кој тој ја распалува и посакува, тој мисли, копнее да се врати сè како порано.

Секако дека тој не посакува народ на улиците, дури и да се Тврдокорните, затоа што тоа се истите чеда кои се живи, разјарени, гладни, тие луѓе сакаат храна, да преживеат барем овој ден. Духовна, идеолошка, но и во буквална смисла храна.

Тие луѓе кои лелекаат и рикаат дека албанскиот јазик значи пропаст на светот, на нивниот живот, иако ако ги прашате, не знаат да објаснат зошто апокалипсата би ги погодила во тој неочекувано смртоносен случај за нив - употреба на друг јазик освен македонскиот.

Но, она што е важно е што тие луѓе, кои сега живеат по улиците, треба да се прехранат, а единствениот задолжен за гастрономската и нутриционистичка церемонија е нивната икона, Груевски. Не тврдам јас дека сите тие луѓе директно се и биле корумпирани со свежи пари, секојдневно, тајно, обилно или потценувачки.

 

Се разбира дека веројатно сите и не се клиенти, можеби не оние во последните редови, на кои единствената храна која им ја нуди Груевски е суров патриотизам, опасен национализам и ветување за чување на државата со сите средства.

Тие опасноста и не ја гледаат сосема јасно, пропагандата низ оваа деценија им го сомлела животот, таа била единствената храна додека крчат цревата на нивните деца, сега секако дека со вилите и мотиките тие се подготвени да маршираат, затоа што друго и нема повеќе што да се понуди.

Тоа е така откако душата им ја изгризал мизерниот, сиромашен живот, за кој мислат дека е судбина, проклетија која е резултат на пропагандата на Груевски за патриотизмот за името на државата, сега дојде на ред јазикот, самата држава тој ја става под прашање, за на крај да нема што да се стори, освен да се пенави за судниот ден, во кој ги втурнал наивните, преплашените, необразованите, слабите, сиромашните.

Но, разгледајте им ги досиејата на Тврдокорните говорници, потоа на пропагандистите од типот на Драган Павловиќ-Латас и Ивона Талевска, прочитајте ги добро, еден по еден, помислете малку за сите финансиски и други злоупотреби на ваши пари, споредете ги со минатите никакви задоволства на скапи часовници, душеци, долна облека, ставете го прстот на челото и сопрете го грашокот пот кој ќе започне да ви капе.

Освен тоа, во целата распалувачка машинерија, се раѓаат, негуваат и хранат нови ликови, нови рецитатори, нови спасители.

И така, по внуката на Мисирков, следеше внуката на Питу Гули, а потоа родена е една нова Жанета Вангели, почитувана уметница, професорка на Ликовната академија, сега Тврдокорна внука на еден од основачите на АСНОМ, непоколеблива во чувањето на македонскиот јазик во џеб, кој, како што е познато, и без да биде скинат тој џеб, јазикот може да биде украден или да се измлитави и како желе низ рацете да се растопи и да исчезне како никогаш да не бил.

Танцот на тврдокорните внуки наликува на оној танц на волците, подготвени да му ја распарчат утробата на секој оној што ќе помисли дека чувањето на државата подразбира стражарење кое би го спречило Груевски да оди во затвор.

 

Има две опции: можеби се крајно наивни овие внуки, и навистина не знаат што се случува кога Груевски на европратеникот Иво Вајгл, според зборовите на последниов, му рекол: „Ќе одам до крај, не мислам да одам во затвор“.

Или можеби се претвориле во чуварки на клучевите на груевизмот, подготвени да пропаднат заедно со него, во бесмислениот крај, кој да го знае?

Во целата таа глутница на Тврдокорни и преплашени од друг јазик, освен македонскиот, на Груевски му се потребни нови внуци, нови следбеници, нови задојувачи со омраза, нова војска која би го спасувала исклучиво него од мрачната иднина во која лебдат излупени, бар да беа златни решетки.

Нема понавредливо од тоа на еден народ да му кажете дека од секое племе не бидува држава. Но, уште понавредливо е еден народ да ја добие државата без капка крв да пролее и потоа, некое време потоа, да посака да докаже дека се претвора во племе, кое не заслужува држава.

Извор: НоваТВ