Едновечерен изложбен настан: ПАРТИЗАНУВАЊЕ – траги на борбата

28.03.2017 10:03
Едновечерен изложбен настан: ПАРТИЗАНУВАЊЕ – траги на борбата

Место: Сојуз на здруженијата на борците од НОВ, Градски одбор Скопје (адреса: бул. Климент Охридски 58, кат3).
Дата: 30 март 2017 год.
Време: 19 – 23 ч.
Уметници: Игор Грубиќ (Загреб), Ивана Драгшиќ (Скопје), Филип Јовановски (Скопје), Здружение КУРС (Белград)
Кураторка: Ивана Васева (Скопје)

*Поради изведбениот карактер на делата, настанот почнува на време!

Распоред на прикажување на делата:

19:00ч./ перформанс – есеј „Предлог за споменик на комунистичката курва“/ Филип Јовановски

20:00ч./ перформанс на импресии „Сребрени соништа“/ Ивана Драгшиќ

21:10ч./ промоција на книга „Предавања за одбраната: прилози за анализа на културната дејност на Народноослободителното движење“/ Здружение КУРС (Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ)

21:45ч./ проекција на филмот „Споменик“/ Игор Грубиќ

 

„Во Преспанско сонце зајде
И мрак темен покров фрли,
a од мракот шум се дига
смрт лоша уста зина.“

(Спевал Васил Богоевски, с. Долно Дупени, Преспанско, во „Од борбата народни песни“, Собирал и редактирал Блаже Конески, Државно книгоиздавателство на Македонија, 1947)

Јас сакам да станам поет-динамит,
поет на борбата
со рафал во душата,
устремен напред
кон утрешниот ден,
со душа прекалена во тешки борби
во кои само љубовта кон робот татни.


(Поет, Ацо Караманов)

 

Занемарувањето, игнорирањето и негирањето на остатоците и наследството на народно-ослободителните движења за победа над фашизмот е една од заедничките црти на повеќето земји во поранешна Југославија. Формите на однесување и комуникација, односот на човекот кон просторот, колективната меморија, родовата сензибилизација, еднаквоста и солидарноста, па дури и првите модернистички струи во уметничкото творештвото се дел од антифштистичкото наследство кои треба да се потенцираат како придобивки на овој период и да им опонираат на денешните текови.

Идејата за создавање сопствена национална држава како и силниот индивидуалистички капиталистички поредок наспроти идеите за колективност и заедништво, се исто така заеднички на современите влади во регионот. Додека едни покажуваат почит кон антифашистичката борба, други целосно ја занемарувуваат, обидувајќи се притоа да ги скријат современите траги на агресијата и насилното одземање. Актуелните фашизоидни постапки на политичките и финансиски елити, скривајќи ја својата оргинална националистичка и пазарно ориентирана интенција, водат кон запоставување и уништување на револуционерното минато и згаснување на секој порив за враќање на ударот. Преку первертирањето и пропагандистичкото деполитизирање на идејата за народноослободителната борба до непрепознатливост, и прибирајќи ги сите современи механизми на конструирање, тие успеваат долго време да опстојуваат силно држејќи се на својата изградена структура.

Но. кои се тие современи форми на фашистичко однесување?

На што нè учи наследството од Народноослободителните движења?

Кои се современите облици на партизанството?

Изложба „Партизанување – траги на борбата“

ПАРТИЗАН –
(фр. Partisan)
1. Име со кое, во 1812 година, освојувачите на Наполеон ги нарекувале групите руски селани и патриоти што се организирале самостојно и со оружјето одземено од непријателот ја напаѓале и вознемирувале заднината на француската војска
2. Борец што води борба во заднината на непријателот, член на партизански одред
3. Војник на нередовна, герилска војска, герилец
4. Приврзаник на некоја партија или на некој човек
(Лексикон на македонскиот јазик)

Поставката во џебното кино на Младинскиот културен центар во Скопје вклучува дела на неколку уметници од Македонија, Србија и Хрватска.

Спојувањето на овие автори во една целина, на едно генерално ниво ги потенцира вредностите на народноослободителната борба против фашистичките тенденции и ги повикува на идентификување современите манифестации, со скриена или јасна визија и апелира на нивна демистификација како и соодветна реакција.

Културната политика на партизанската уметност и на народноослободителното движење како и културната политика на Југославија кон тоа наследство, наспроти денешните форми на агресија и бришење, е во фокусот на овие дела, но тие зборуваат и за начините на кои оперираат ревиозионистичките, националистички и капиталистички ориентирани влади за кои е многу важно подетално и покритички да се согледаат во овој контекст. Делата се обединети и во една именска изведенка – партизанување, од партизанува или партизан, уште еднаш посочувајќи на револуционерното минато но и на первертираните и силно политизирани приврзаници на партија кои кријеќи се позади големи идеи, кријат ситнопартиски интереси. Токму во оваа дихотомија постои денешното македонско општество.

Она што ќе се одвиткува пред публиката не е класичен изложбен формат во „бела коцка“, туку излегувајќи од овие рамки се обидува да покаже една жива, трансформативна и процесуална идеја, која се проследува директно во моментот и пред „учесниците“ во неа. Публиката е вклучена активно во процесот на поставување прашања и тези – која е националната борба и за кого е наменета и се соочува со две контрадикторности – која е националната борба во минатото и сега. Таа исто така, на еден поетичен и суптилен начин, потсетува на вредностите на народноослободителната борба кои се одразуваат и во самите почетни цитати.

„Партизанување – траги на борбата“ е едновечерна продукција во перформативен формат. Во една целина се поврзани културните придобивки на народноослободителната борба – Ивана Драгшиќ зборува за трагичната, но уникатна личност и поет Ацо Караманов, здружението КУРС (Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ) зборуваат за едно важно поглавје од историјата на српското народноослоботелно движење со фокус на три посебни епизоди, додека Грубиќ зборува за поетичноста, грандиозноста и велелепноста на спомениците од југословенскиот модернизам кои ја чествуваат народноослободителната борба. Авторот Филип Јовановски, пак, презентира една друга страна на читањето за НОБ т.е. се надоврзува на современите толкувања и вулгарности кои произлегуваат од толкувањето и поврзаноста на комунизмот со НОБ и различните јазични и материјални манифестации во современиот македонски контекст.

*Плакатот е фотографија на графит во Битола. Името на авторот на графитот е непознато.

Овој едновечерен изложбен настан е продуциран во рамки на проектот „Траги на борбата“ во организација на Плоштад Слобода од Скопје и нивните партнери Креативен синдикат од Загреб и Теорија која хода од Белград како и нивниот партнер Кооператива Регионална платформа за соработка од Загреб.

 

Кратки биографии


Игор Грубиќ (Загреб) е активен како мултимедијален уметник од почетокот на 90-тите години. Неговата работа вклучува сајт-специфик интервенции на јавен простор, перформанси, фотографски и видео дела. Познат е по својот активизам и обѕирност кон јавниот простор како средство за изразување. Во 2000 година почнал да работи како продуцент и автор на документарни, телевизиски репортажи и општествено ангажирани реклами. Неговата работа била изложувана во повеќе меѓународни институции и на различни уметнички и културни настани. Бил наградуван повеќе пати. Изложувал на Манифеста 4, Франкфурт; Тиранско биенале 2; 50. Октобарски салон, Белград; 11-то Истанбулско Биенале; 4-ти Фотофестивал, Манхајм; Манифеста 9, Генк; Слатка роса – од 1980 (Sweet Dew – since 1980); 20-годишнина од Гуангџуско биенале, Специјални проекти; Нулта толеранција во МОМА ПС1, Њујорк; 5-то Солунско биенале.

Ивана Драгшиќ (1982, Скопје) е социолог, граѓанска операторка и културна менаџерка. Таа е активна во рамки на Плоштад Слобода, организација која се занимава со теми за јавниот простор, добро владеење и промоција на commons, како нов модел на владеење. Драгшиќ е истрајна критичарка на проектот „Скопје 2014“, кој е манифестација на напад на commons на сите нивоа. Таа исто така пушта музика на радиото Канал 103 и во клубови. Дипломирала на Факултетот по социологија на УКИМ во Скопје, а исто така престојувала и на колеџот „Бард“ во Њујорк. Досега изложувала во културниот центар „Точка“, Скопје; културниот центар „ЦК“, Скопје; Музеј на град Скопје; Stedefreund Gallery, Берлин; мултимедијален центар „Мала станица“ и др.

Филип Јовановски (1979, Битола/ Скопје) е визуелен уметник и граѓански активист. Тој е магистрант на Факултетот за ликовни уметности, отсек – сликарство во Скопје, а дипломирал на Факултетот за архитетура на УКИМ во Скопје. Јовановски учествувал на повеќе групни изложби во Скопје, Загреб, Познан, Сараево, Тирана, Риека, Њујорк и др. Имал самостојни изложби: Одлука (2010), Glotzt nicht so romantisch (2011) Прима Центар Берлин, Три лесни парчиња: Предлог за опера во три чина (2012) Центар за Култура Битола, Силата на Спартактистите или Моќта на љубовта (2014) Отворено Графичко студио –Скопје. Јовановски е добитник на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник до 35 години. Неговите дела се на полето на интердисциплинарните истражувачки проекти кои користат кураторски пристап и претставуваат трансформација на политички и општествени категории во просторни слики. Тој изработил околу 20-тина сценографии за театарски претстави, видео и документарни проекти, а е добитник и на наградата за најдобра сценографија на фестивалот Војдан Чернодрински во Прилеп (2010). Тој е претставник е на Македонија на Прашкото квадриенале за сценски дизајн и простор (2011).

КУРС е основан во 2010 година во Белград. Во нивната работа тие се фокусираат на теми како што се: проблеми на работниците во културата, уметниците и студентите и критички се однесуваат спрема процесите на историскиот ревизионизам, прекаријатот и флексибилизацијата на работните односи. Во продукција на делата се користат со архивски материјали кои ги комбинираат со современиот контекст преку што одредени теми дополнително би ги актуелизирале и би ги приближиле до публиката. Членови ан КУРС се: Тања Увериќ, Јелена Грујчиќ Готје, Мирјана Радовановиќ и Милош Милетиќ.

Ивана Васева (1984, Скопје) курира, организира, менаџира и координира програми и активности поврзани со современата визуелна уметност, но често и мултимедијални и интердисциплинарни проекти. Во интерес на нејзината кураторска работа и истражувања се различните формати на претставување во современата визуелна уметност, како и колаборативните практики кои би ја потенцирале потенцијалноста и политичката моќ на уметноста во различни контексти. Во 2016 година, заедно со Биљана Тануровска-Ќулавковски го започна истражувањето за културни работници кое препрасна во иницијатива за менување на Законот за култура во РМ. Досега ги спроведувала проектите„ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓански непослушност“, големите истражувачки проекти СКОПЈЕ: ВРВНА КОЛЕКЦИЈА НА ЛИЧНИ СЕЌАВАЊА 1960 – 2010 вол. 1, „Уметникот и Диктатурата“ и др. Заедно со Филип Јовановски е добитник на наградата „Ладислав Баришиќ“ на АИКА – Македонија за истражувачкиот проект „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“. Досега ги курирала изложбите You made me so sad. Now, that doesn’t have anything to do with you, МСУ има магарешки уши, ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА и др. Васева завршила студии на Факултетот за историја на уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје а била една од учесничките на Кураторската програма (2011/2012) на de Appel arts centre во Амстердам, Холандија.

Плоштад Слобода е организација за активизам, теорија и уметност формирана во 2010 година како реакција на уништувањето и менувањето на јавните простори од проектот Скопје 2014. Како одговор на националистичките, шовинистичките и етатистичките аспекти на проектот, Плоштад Слобода низ годините има организирано протести, јавни собири, трибини, работилници, изданија, пописи на зеленило, вело-тури, набљудување на избори итн. Некои од подолгорочните проекти се: „Граѓански активатор“ и „Активни заедници“, а работи и со малите организирани заедници во Карпош 4, Дебар Маало и др. Плоштад Слобода е основач на домашната асоцијација за независна култура “Јадро”, како и Регионалната платформа за култура „Кооператива“. Во својата историја организацијата има учествувано и во други формални и неформални иницијативи како „Мрежа 25“, „Граѓаните за Македонија“.

Слични содржини

Фотографија / Култура / Уметност / Настан / Око

ОкоБоли главаВицФото