Икар

28.03.2017 11:05
Икар

ИКАР

во градината од небо ни падна човек

слично на оној мотоциклист
со црвен шлем и со црвена кожена јакна
кој лежеше на патот со раширени нозе

само овој без никаков шлем
едноставно во црвена тренерка

како се качил на небо?
вредеше ли да се качува толку високо за да падне?

лежи настрана со затворени очи
со главата во грмушката

а Икар со тоа нема никаква врска.


ЈОНА

Сполај му на телевизорот.
Терористите ја урнале кулата на Вавилонскиот трговски центар.
На концертот на Јерихонскиот дувачки оркестар во салата паднал покрив. Голем број жртви.
Геј-парадата во Содома е растерана од ангелите чувари на редот.
Претседателската пиар-кампања во Нинива, чиишто жители не умеат да разликуваат десна од лева рака, минала успешно.
Старците, кои ја ѕиркале Сузана, се упатени на курс по психотерапија. Тие веќе се излекувале и си го кратат времето во кафеанче
разгледувајќи ревии, каде што млади женчиња си ги покажуваат своите розови пукнатинки.
Соломон со Савска папараците ги отепале на хиподром.
Врнат дождови, се заканува потоп..

А мене ми е убаво тука во китот...


СМРТТА НА РЕГРУТ КАЈ УРУС-МАРТАН

во зборот „човек“
се заглавил зборот „куршум“


МАНСАРДА

задгробниот живот е можен

нели сме
според ликот и образот Божји

и исто така ги чуваме
своите стари играчки по мансардите и таваните

само да не Му текне
да се сели


Препев од руски: Тања Урошевиќ
Извор: Дванаесет руски поети, Поетики, Скопје, 2015.
Сликa: Herbert James Draper

Алексеј Давидович Аљохин (1949, Москва), поет, прозаист, есеист, критичар. Член е на Сојузот на новинарите, на Сојузот на руските писатели, на Сојузот на писателите на Москва и на Рускиот ПЕН центар. Тој е еден од творците и истакнати автори на рускиот слободен стих, а исто така и автор на голем број написи и есеи за проблемите на современата руска поезија. Основач е (1994) и уредник на списанието за поезија „Арион“. Има издадено десет книги поезија и поетска проза, меѓу коишто се „Записи на змејот од хартија“ (2005), „Псалм за машина за пишување“ (2006), „Со голи очи“ (2010), „Бумбаров лет“ (2011). Стихови и есеи на Аљохин се преведени на повеќе од петнаесет јазици.

ОкоБоли главаВицФото