1014 hPa
73 %
18 °C
Скопје - Сре, 19.08.2026 04:07

Кула од Сини Коњи, Франц Марк, 1913.
Сликите на Ван Гог, Климт или Рафаел се некои од уметничките дела кои се украдени или уништени за време на Втората светска војна. Една од тие слики е и „Кула од сини коњи“ од Франц Марк, на која ѝ се посветени две изложби во Минхен и во Берлин.
Пред точно 80 години, во Минхен, исчезна една од најпознатите слики во Германија и деновиве еден од водечките музеи на модерната уметност во градот, направи изложба во чест на оваа слика.
Сликата „Кулата од сини коњи“ од Франц Марк е едно од најзначајните дела на германскиот експресионизам. Светот на уметноста сè уште жали за нејзиното исчезнување во 1937 година.
Пинакотеката на модерната уметност во Минхен го врати во живот ова изгубено ремек-дело, благодарејќи на стари фотографии, прелиминарни скици и нови интерпретации на современи автори.
Франц Марк беше водечки играч во „Синиот јавач“, динамичната група сликари, меѓу кои биле и Пол Кле и Василиј Кандински. Десетина години пред Првата светска војна, тие во Минхен го донесоа експресионизмот и апстракцијата.
Кога во 1914 година Германија влегува во војна, Марк се пријавил во војска. Загинал во битката кај Верден, во 1916 година.
Во текот на дваесеттите години на 20-от век, прогресивните слики биле омилени кај либералите и кај интелектуалците. Кога Хитлер дошол на власт, Марк бил еден од оние уметници чиишто дела нацистите ги нарекле „изопачени“. Неговите слики биле отстранети од германските галерии. Неговата слика „Кулата од сини коњи“ била вклучена во добро познатата изложба на „дегенираната“ уметност, со која нацистите во 1937 година ја оцрнувале авангардната уметност.
Вклучувањето на ремек-делото на Марк во оваа навредлива изложба предизвикала протести на ветераните од Првата светска војна. Марк го дал животот за татковината, да му се потсмевате на овој начин е срамно, рекле тие. Нацистите не биле многу вознемирени за чувствата на уметниците, но бидејќи не сакале да ги навредат воените ветерани, ја отстраниле сликата од изложбата на „дегенерираната“ уметност.
По иронија на судбината, да не протестирале ветераните, „Кулата од сини коњи“, веројатно сега би била изложена. Повеќето дела од изложбата на „дегенерираната“ уметност биле продадени на странски колекционери и многу од овие слики завршиле во музеите надвор од Германија.
Иако нацистите ја отстраниле сликата од изложбата, таа не била вратена во Националната галерија во Берлин, од кадешто била земена и во хаосот на Втората светска војна – таа исчезнала. Каде е сега сликата?
Германски кустоси веруваат дека „Кулата од сини коњи“ сè уште е тука некаде. Безбројни дела биле уништени во војната, но изгледа дека сликата на Марк, сепак преживеала. По војната била забележана на неколку места, првин во урнатините на Министерството за авијација на Геринг, а потоа во куќата на Валдзе, на периферијата на Берлин.
А потоа? Којзнае. Малку е веројатно дека е уништена. Надежите дека еден ден може повторно да се појави ги подгреа чудниот случај на Корнелиус Гурлит.
Таткото на Корнелиус, Хилдебранд, бил трговец со уметнички дела и близок соработник на нацистите. Во 2012 година, германската полиција влегла во неговиот стан во Минхен и скриени на тајно место пронашла повеќе од 1000 дела. Многу од нив таткото Хилдебранд ги купил од нацистите во времето на Третиот рајх. Меѓу нив имало и слики од „изопачената“ уметност и од Франц Марк.
Ако сликата на Марк „Пејзаж со коњи“ можела половина век да биде скриена во еден минхенски стан, можеби и „Сините коњи“ се некаде во близина?
Изложбата „Исчезнати – Кула од сини коњи“, отворена е и во Пинакотеката во Минхен и во Куќата на Валдзе во Берлин до 5 јуни, 2017 година.
Изгубени слики
Автопортретот на Ван Гог (1888)

Атмосферичниот автопортрет на Ван Гог познат под насловот „Сликарот на пат кон работа“, се наоѓал во Музејот на цар Фридрих (денес тоа е Културно-историски музеј) во германскиот град Магдебург. Се верува дека сликата изгорела за време на бомбардирањето на сојузниците. Френсис Бекон насликал своја верзија што денес се наоѓа во галеријата „Тејт“ во Лондон
Портрет на момче од Рафаел (1513-14)

Ремек-делото на Рафаел било украдено од страна на Гестапо за време на германската окупација на Полска. Последен пат сликата била видена во дворецот „Вавел“ во Краков. Нацистичкиот гувернер на Полска, Ханс Франк, ја зел сликата со себе кога од Црвената армија побегнал во Шлезија. Но кога бил уапсен од Американците во1945 година, немало никаква трага од сликата. Франк бил стрелан во 1946 година и изгледа дека тајната за сликата на Рафаел ја однел во гроб.
Право, медицина и филозофија од Климт (1899 – 1907)

Универзитетот во Виена му нарачал на Густав Климт три мурали што би ги претставувале филозофијата, правото и медицината, но кога Климт ги завршил, Универзитетот ги опишал како порнографски и перверзни и одбил да ги изложи. Сликите завршиле во дворецот Имендорф во долна Австрија. Таму, во 1945 година биле уништени кога германските војници го запалиле дворецот, повлекувјќи се пред Црвената армија.
Композиција 1 од Василиј Кандински (1910)

Оваа револуционерна апстрактна слика, завршена во 1910 година, била сопственост на Ото Ралф, германски колекционер на модерна уметност од Брауншвајг. Бомбардирањето на сојузниците во октомври 1944 година предизвикало огромни пожари што уништиле 90 отсто од средновековниот стар град. Во пожарот изгорела и куќата на Ралф и неговата збирка на уметнички дела.
Извор: BBC