(Д)ебати парламентот

29.03.2017 11:25
(Д)ебати парламентот

Во целата очајна логореа што ја понуди таканареченото продолжение – всушност, повеќе од очигледна блокада – на конститутивната седница на парламентот, лесно може да остане незабележано дека беше изговорено и нешто важно, симптоматично, нешто од речникот на забранети зборови и изрази, што стапи на сила пред десетина години, заедно со промоцијата на сè уште актуелната власт. Тоа е поимот – дебата! Нејзиното производство и пуштање во промет беше казниво дело, забрането за употреба и во медицински, камоли во политички цели.

Од особен интерес е фактот што на дебата повика пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, поранешен директор на злогласниот партиски Центар за комуникации. Надлежен за доследно спроведување на директивата да се избегнува секаква јавна комуникација со тие кои партијата ги оценила за неистомисленици.

„СДСМ бега од дебата за платформата“, обвини Димовски, односно партијата, а најточно – нејзиниот лидер Никола Груевски. Тој што ниеднаш не се осмели да се појави на дуел со негов политички противник, па дури ни на интервју со новинар (и медиум), ако не е „негов“. Бидејќи дебатата е неодвоива од демократијата, му беше јасно – како и на секој диктатор – дека за да преживее тој на власт, таа мора да биде мртва. И беше. Прв чекор во секој од преродбеничките потфати беше да се замолчи различното мислење доволно добро за тоа да не може да се претвори во релевантна, аргументирана, расправа што може да фрли сомнеж или да го доведе во прашење планираниот проект. Сè беше сведено на спроведување на единствената платформа – безмилосна пропаганда, едноумие. Дебатата не беше усмртена само во узурпираниот медиумски простор, туку и во нејзиното родно место – парламентот. Обвинувањето на Димовски е само очаен обид да ја спречи промената.

Извор: Слободен печат
Слика: ШкАрт

ОкоБоли главаВицФото