170 пати „поуспешни“ од природата во менувањето на климата

29.03.2017 10:39
170 пати „поуспешни“ од природата во менувањето на климата

Човекот е 170 пати „поуспешен“ во менувањето на климата од природните сили, е резултат до кој дојдоа научниците Овен Гафни од Стокхолмскиот центар за отпорност и Вил Стефен од Австралискиот национален универзитет, преку формулата која ја нарекоа Формула на антропоценот. Во текот на 4,5 милијарди години постоење на планетата Земја, доминантните надворешни сили кои предизвикувале промени во системот на Земјата биле астрономски и геофизички. Но, во последните шест децении, влијанието на човекот поттикна исклучително забрзување во промените на системот на Земјата, истакнуваат во трудот објавен во февруари во списанието The Anthropocene Review.

Иако, и досега беше познато дека токму испуштањето отровни гасови и човечкото дејствување го поттикнуваат забрзаното менување на климата на кое сме сведоци, Гафни и Стефен први пресметале за колкаво точно забрзување станува збор и така дошле до оваа вчудоневидувачка бројка, вклучувајќи ги математичките пресметки за промените во атмосферата, шумите, мочуриштата и ледената покривка и биодиверзитетот.

„Сакавме да споиме огромна маса информации и да ги дестилираме во едноставна, мошне разбирлива форма. Математичката формула беше добар начин да го направиме тоа и таа јасно покажува дека човечките сили денес се доминантна сила која поттикнува промени во структурата и функционирањето на Земјиниот систем“, вели Стефен.

Споменатите природни сили во периодот до последната половина век предизвикале температурна промена од 0,1 степен целзиусов за еден век.

„Ако сакаме да го намалиме ризикот за излез од глацијално-интерглацијалниот циклус во кој се наоѓаме во квартарот и ризикот за навлегување во несигурна иднина, тоа ќе бара показателот за промени на системот на Земјата да се приближи речиси на нула“, укажува Стефен.

„Бројките се клучни за да покажеме дека не зборуваме за некои неодредени идеи, туку дека нашите анализи ги темелиме на добро втемелени, веродостојни забелешки. Не знам дали сведувањето на ситуацијата на конкретни бројки може да помогне во стимулирањето акции околу климатските промени, се надевам дека може, но бројките се важни за да ја истакнат величината на предизвикот со кој сме соочени“, нагласува Стефен, кој во претходен разговор за Гардијан истакна дека човечкиот придонес за промена на климата изгледа повеќе како удар на метеор отколку на постепена промена.

Вил Стефен

Впрочем, се работи за истражувања кои се потпираат на претходни истражувања во кои учествувал Стефен, а предизвикале голем интерес кај светската јавност. Во Планетарните граници 2.0 идентификуваше девет фактори кои придонесуваат за периодот на нестабилност на Планетата – намалување на количината на озон во стратосферата, губење на интегритетот на биосферата (губење на биодиверзитетот и изумирање на видовите), хемиско загадување и испуштање нови ентитети, климатски промени, ацидификација на океаните, трошење на водата за пиење и глобален хидролошки циклус, промени во начинот на користењето на земјиштето, проток на азот и фосфор во биосферата и океаните и оптоварување на атмосферата со аеросоли.

Сега процесите кои се вкалкулирани во планетарните граници се вклучени во формулата на антропоценот.

„Немаме доволно веродостојни долгорочни податоци за да ги вклучиме сите граници, но пет од девет се вклучени во формулата. Сите девет граници немаат 'точки на пресврт', но многу од нив имаат, на пример многу особини на климатскиот систем, намалувањето на количината на озон во стратосферата, умирањето на тропските прашуми каква што е амазонската, и веројатното оптоварување на атмосферата со аеросоли. Напредувањето на другите граници можеби нема да значи преминување преку точката кон која се движи рапидното забрзување, но сигурно ќе предизвика ерозија на отпорноста на екосистемот на Земјата“, истакнува Стефен.

Истражувањето е тесно поврзано и со истражувањето објавено минатата година, кое заклучува дека антропоценот е нова епоха, функционално и стратографски различно од холоценот.

„Првото истражување донесува докази, и од аспект на науката за системот на Земјата и од геолошка перспектива, дека антропоценот е реален и дека веќе се наоѓаме во него. Овој труд, пак, за равенката на антропоценот ја зацврстува улогата на луѓето во антропоценот, и уште поспецифично, нагласува дека човечкото влијание денес е многу посилно од традиционалните сили на промената на системот на Земјата – со астрономска, геофизичка и внатрешна динамика“, објаснува Стефен.

Уште пред две години, во разговор за планетарните граници, Стефен изјави дека бесконечниот економски раст веројатно води кон глобален општествен колапс. Во меѓувреме беше потпишан Парискиот климатски договор, во кој е препознаена потребата растот на температурата да запре на 1,5 степен што сега е речиси невозможно. Но, исто така, Договорот нема строги обврски за поединечни држави, а во прилог на сериозното намалување на емисијата не му оди ни доаѓањето на Доналд Трамп на претседателската функција во САД.

„Тешко е да се каже каде се движиме. Постојат некои позитивни знаци, како што е забрзаниот развој на обновливите извори на енергија и континуираните импресивни напори на Кина за намалување на емисијата, тоа ни дава надеж. Но, изборот на Трамп покажува дека доаѓаат и темни облаци. Особено сметам дека иднината сè уште е во рамнотежа“, вели научникот од Австралија, континент кој овој февруари се соочуваше со екстремен бран топлина, која некои делови од земјата ги претвора во практично ненаселиви.

„Последните бранови топлина, заедно со сериозните пожари во некои делови од Њу Саут Велс само придонесуваат за притисокот на крајбрежните рурални заедници и го забрзуваат трендот на зголемена миграција од руралните краеви во големите крајбрежни градови. Во игра се многу фактори, а сè потешката клима сè почесто е еден од нив. А, австралиската сојузна влада продолжува да ги поддржува индустриите на фосилни горива, иако некои покраински влади направија големи чекори во поддржувањето на обновливите извори на енергија“, опишува Стефен.

Австралија е добар пример за тоа дека целото човештво сè уште се однесува како жаба во лонец со вода што прелева. Иако, австралискиот континент во последните години го погаѓаат суши и пожари од невидени размери, земјата својата иднина и натаму ја планира со екстрактивните индустрии и фосилни горива, на пример, големо зголемување на извозот на јаглен, чие согорување ќе доведе до нови количини јаглерод диоксид во атмосферата, и уште ќе го подгрева котелот во кој се вариме.

„Треба да бидеме загрижени. Далеку од тоа дека живееме на длабочински отпорна планета, со чувствителен прекинувач. Индустријализираните општества го контролираат управувачот, со лажно чувство на залажувачка стабилност на холоценот, во последните 11 700 години. Вчудоневидувачки и случајно, ние го исфрливме системот на Земјата од интерглацијалната обвивка и се движиме кон непознати води“, заклучува, пак, другиот автор на истражувањето за формулата на атропоценот Овен Гафни во текстот за Њујорк Сајентист.

Извор: http://www.h-alter.org/