Балканските теории на заговор стигнаа до Капитол хил

29.03.2017 15:12
Балканските теории на заговор стигнаа до Капитол хил

Државниот секретар Рекс Тилерсон разгледува како да одговори на писмото доставено на 14 март од шестмина сенатори што бараат од него да ги истражи активностите на американски амбасади, мисии на УСАИД и дипломатски канцеларии што работат за поддршка на демократијата низ светот.

Првопотпишаниот републиканскиот сенатор Мајк Ли и другите сенатори несомнено шират лажни обвинувања во памфлет дистрибуиран до Конгресот од македонската група Стоп операција Сорос, формирана од Цветин Чилиманов, уредник во македонскиот државен сервис, а порано вработен во канцеларијата на претседателот. Писмото се фокусира на напорите на двајца американски амбасадори да ја поддржат демократијата во Македонија и во Албанија и се укажува дека нивните мисии се мешаат во локалната партиска политика за „заживување на политичката левица“. Се тврди дека Фондацијата отворено општество Македонија и Фондацијата отворено општество во Албанија, кои се поддржани од милијардерот и филантроп Џорџ Сорос, дејствувала како посредник во оваа операција.

Тилерсон треба да го игнорира писмото, бидејќи нема што да се истражи. Покрај тоа што во него се напикани неточни податоци за работата на фондацијата, сенаторите во стилот на Кремљ поддржуваат агенда на корумпирани и недемократски елементи во регионот.

Го знам ова, бидејќи јас сум директор на Иницијативата на отворено општество за Европа, формирана од Сорос. Јас исто така сум Македонец. Во 2015 година мојата земја беше втурната во политичка криза откако опозициска партија објави серија пресретнати аудио разговори. Во еден наводно се слуша како тогашниот премиер Никола Груевски охрабрува изборни функционери да поништат гласови против неговата партија. Други снимки откриваат општа корупција и програма за масовно следење со која се опфатени 20.000 луѓе. Како реакција, стотици илјади луѓе во 2015 и во 2016 година излегуваа на улица за да протестираат против владата, а специјално обвинителство почна истрага против Груевски, од кого Европската Унија побара да си замине. Изборите одржани при крајот на минатата година завршија без ниту една партија со доволно места за да формира нова влада. Груевски останува најмоќната сила во поделената Македонија.

Соочен со затворска казна, Груевски не сака да ја признае одговорноста за криминалот и политичката криза создадена поради истрагата. Под удар од ЕУ и во настојување да ја префрли виата, тој се чини ги позајмува своите зборови од Москва. Како папагал ја користи пропагандата на Кремљ, која ги етикетира критичките гласови како непријатели на народот. Сорос, кој заедно со други приватни донатори и ЕУ кофинансира независни организации, стана вообичаено „жртвено јагне“.

Во Конгресот на САД се смета дека поддршката на организациите на граѓанското општество низ светот не е партиска работа. Уште од времето на претседателот Роналд Реган, и двете партии великодушно ја поддржуваа работата за помош на земјите во транзиција од комунизам во демократија. Сепак, во своето писмо сенаторите бараат од Тилерсон да ја прекине промоцијата на демократијата „со која не се почитува националниот суверенитет“. Таквата интерпретација подразбира дека владите се недопирливи и суверени, а не гласачите што ги избираат, и дека здравото граѓанско општество го поткопува развојот на земјата.

Туркајќи ги овие тези, сенаторите несакајќи се внесоа директно во Капитолот авторитарниот наратив на рускиот претседател Вцладимир Путин. Со изрази слични на описите на руските државни медиуми за кризата во Украина, во кои сите народни негодувања се етикетирани дека се поттикнати од Западот, во писмото се обвинува УСАИД дека со барањето на судска реформа ја дестабилизира Албанија, поранешната комунистичка земја што стана сојузник на НАТО. Тие не нудат докази за да ги поткрепат своите тврдења, освен тоа што УСАИД ја финансира работата на Фондацијата отворено општество во Албанија, а дури ни тоа не е точно.

Спротивно на тврдењата во писмото од неименувани „почитувани лидери од Албанија“, Фондацијата отворено општество Албанија никогаш не прифатила ниту администрирала фондови од УСАИД. Таа не го создала Стратегискиот документ за судска реформа во Албанија, како што се тврди во писмото – тоа го стори албанската мултипартиска парламентарна комисија. Фондацијата го поддржа процесот финансирајќи ја комисијата и техничкиот тим за нејзина поддршка, но не учествуваше во создавањето на документот. Сенаторите, се чини, паднаа како жртва на политичките обиди да се дискредитира процесот на судска реформа и премиерот – што е иронично ако се имаат предвид нивната загриженост за стабилноста во земјата.

Веројатно најмногу тревожи тоа што во писмото на сенаторите се изедначува барањето „прогресивна агенда“ со промовирањето „политичка агенда“. Тие, се чини, забораваат дека напредокот во владеењето на правото, демократијата и почитувањето на човековите права е хуман идеал вткаен во меѓународното право од владите од целиот политички спектар. Сенаторите тврдат дека критичката дебата и реформата, чија цел е да се оствари тој идеал, има „дестабилизирачки ефект“ во регионот.

Историјата покажува дека грешат. Не случајно најпросперитетните земји во светот (помислете на Германија или Холандија, да не го спомнувам САД) се полиња на енергични и различни политички дебати. Говорењето за проблемите на јавноста и соочувањето со нив создава долгорочна стабилност, а затскривањето само ги потхранува фрустрациите и ја зголемува веројатноста за нереди.

Не изненадува тоа што сенаторите го слушнале од лидерите вкопани во ров и кои го сметаат критичкото граѓанско општество за субверзивно. Политичарите не сакаат да бидат критикувани.

Но, истрагата што ја бараат би ја погодила работата на продемократските организации како Меѓународниот републикански институт, Националниот демократски институт, Националната фондација за демократија, Американскиот институт за мир и неброени други низ светот, врз основа на нешто што прилега на коментари на неколкумина своеглави политичари во двете земји. Да се прифати ваква истрага би било опасно вртење грб на повеќедецениската американска политика на промовирање демократија и човекови права низ светот, што го практикуваа и републиканските и демократските администрации. Тоа би било напуштање на сфаќањето дека интересите на САД најдобро се бранат преку односи со стабилни и мирољубиви земји што ги споделуваат истите демократски вредности.

Писмото, исто така, го игнорира фактот дека голем дел од работата на фондациите е посветен на поддршка на владините институции. Тилерсон треба да го има ова предвид пред да ја донесе својата одлука. Откако Сорос во 1979 година ги формираше фондациите Отворено општество, нашата дејност помогна да се подобрат животите на милиони луѓе низ светот.

Поддршката од Фондацијата отворено општество Македонија беше витална за опстанокот на земјата во нејзините рани години. Блокирана од соседите откако прогласи независност во 1991 година по распаѓањето на Југославија, фондацијата ѝ помогна на Македонија да ги одржи во живот здравствената заштита, носејќи лекови, лабораториска опрема, амбулантни возила и санитарии за 45 болници и клиники низ земјата. Во 1994 година, таа плати половина од сумата за 40 товарни летови до Словенија, за да можат македонските фармери да достават свежи производи на европскиот пазар.

До денес, Фондацијата отворено општество Македонија потрошила 171.500 долари повеќе од македонската влада за да овозможи правна помош за најсиромашните граѓани. Овие проекти нудат правна помош на секое лице или организација на кои им е одбиен пристап до информации за владини активности, како потрошени средства за локален инфраструктурен проект.

Фондацијата даде бесплатна правна помош за 100 жртви на домашно насилство. Таа ѝ помогна дури и на владата, плаќајќи за нов систем за дигитални картички за националниот систем за здравствена грижа, а го финансираше и создавањето на сајтот на Министерството за правда.

Фондацијата отворено општество Македонија помогна да се обучат повеќе од 2.000 инструктори да користат методологии за интерактивна настава и плати за обнова и опремување на амфитеатри, ходници, тоалети, мултимедиски библиотеки и училници во осум школи за просветни работници на четири државни универзитети. За време на економската криза од 2009 до 2011 година, таа користеше итни фондови за да распредели 1,9 милион долари до организации што обучуваат фармери и ситни стопанственици за финансиски менаџмент, за да можат да го задржат својот бизнис.

Фондацијата отворено општество во Албанија вложи повеќе од 58 милиони долари за изградба на 275 училишта и градинки низ земјата. Седумдесет проценти од населението имаше полза од овие училишта и во нив сѐ уште се образуваат деца. Програмата за интернет на Отворено општество ја отвори Албанија кон надворешниот свет, поставувајќи ја во 1997 година првата антена за интернет и помагајќи бесплатни интернет услуги да добијат библиотеки, универзитети и невладини организации.

Фондациите отворено општество се гордеат со својата транспарентност и партиска непристрасност. Ние долгорочно ги унапредуваме човековите права и основните слободи, без оглед кои се политичките лидери во секој момент. Ако лидерите со автократски тенденции ја отсечат поддршката за храбрите невладини организации што ги критикуваат, активистите ќе останат изложени на напади, заплашувања и насилства. Светот ќе стане понестабилен.

Државниот секретар треба да размисли долго и темелно за да застане зад меѓународните политички заложби на Америка. Ако ги напушти, ќе значи дека ќе ги одведе и својата земја и светот во друга, далеку потемна насока.

(Колумната на Горан Булдиоски е објавена во Foreignpolicy.com)

Извор: Плусинфо
Слики: Били Даркарт