Курт, бог на гранџот

02.07.2010 13:44
Курт, богот на гранџот

 

Јас навистина немам искусено возбуда во животот. Толку нешта постојат кои би сакал да ги сторев наместо да се жалев околу тоа дека животот ми е досаден.“
 
Курт Кобејн

 

Насловена едноставно Курт, изложбата која се одржува деновиве (од 13 мај до 6 септември 2010) во Музејот на современа уметност во Сиетл ги претставува делата на триесет уметници посветени на Курт Кобејн. Изложени се околу 80 дела: од слики, скулптури, видео записи, фотографии и колажи до музички записи кои ги истражуваат темите слобода, губење, желби, потрага, збунетост, оттуѓеност, осаменост, изгубеност, депресија, смрт...

Оние кои веќе ја посетиле изложбата велат дека го почувствувале внатрешниот свет на Кобејн, тоа чувство на изгубеност и осаменост, депресијата и големата душевна болка.
 
Повеќе дела потекнуваат од 1994 година и нешто подоцна. Иако од неговата смрт поминаа 16 години, приказната за Курт Кобејн сè уште е битна, значајна и интригантна како и неговата музика која стана глобален феномен.
 
Изложбата првин ја отворија делата на уметниците кои лично го познавале: Алис Вилер и Чарлс Питерсон, а потоа и на останатите.
 
Можеби највпечатливото дело на изложбата претставува морбидната и огромна глава на Кобејн направена од тврд картон, на уметникот Скот Фајф, без наслов. Импресивна и застрашувачка во својата величина, со закрвавени белки и очи кои зјапаат во нас, целата е прошарана со дупки од куршуми.
 
 
 
 
Интересна е и скулптурата Dead Star Memorial Structure на Банкс Вајолет кого го нарекуваат Мајстор на мрачната уметност. Тоа се црните и блескави уништени тапани, истите оние кои можат да се видат на зголемената фотографија на Чарлс Питерсон, на која Курт лежи преку нив.
 
 
 
 
 
 
Даниел Гузман ги вкомпонира стиховите на Кобејн „Сега ми е досадно и стар сум“ од песната Serve the Servants во цртеж, а Гречмен Бенет во својот цртеж успеала да го фати духот на Нирвана, ничијата земја која чека на нас. На сликата до непрепознавање се наѕира сликата на Кобејн и синиот автомобил кој го чека.
 
 
Џек Питерсон искомбинира зборови од метал, пластика и дрво и создаде уценувачко писмо. Идејата му е да ги претстави носталгијата, меланхолијата и очајот во опркужувањето во кое живеел пејачот и гитаристот на Нирвана.
 
 
Автопортретот на Даглас Гордон како Курт Кобејн со русокоса перика потсетува на автопортретот на Енди Ворхол, чија изложба, во исто време и на исто место, се одржува заедно со изложбата за Курт.
 
 
 
 
Џо Мама-Нитцберг и Марк Свонсон завиткаа букет во дел од кошулата на францускиот дизајнер кој му бил омилен на Курт.
 
 
Покрај импресивната и морбидна скулптура на Фајф, на изложбата се изложени и платната на Џордан Кантор, инспирирани од оригиналните фотографии од полицискиот извештај; уметникот во низа слики го нацртал безживотното тело на Кобејн од увидот на местото на самоубиството.
 
 
 
Тука е и цртежот со молив инспириран од филмот Last Days на Гас Ван Сант, од Гречен Бенет, кој ги прикажува контурите на Курт Кобејн во искрите на јавноста, осветлен од рефлектори.
 
 
Графиката на Слејтер Бредли е насловена Silver I Love You So Much It Makes Me Sick, а тоа се, всушност, стихови од песната Aneurysm.
 
 
Скулптурата од пена, графит, хартија и гипс е дело на Еван Холовеј. Курт страдал од неосновани болки во стомакот и грбот, па често бил подгрбавен додека свирел. Еван Холовеј верно ја пренел неговата состојба, објаснувајќи ја подгрбавеноста на Кобејн поради болките, а не поради музичкиот занес.
 
 
Изложена е и елегичната инсталација, Aberdeen од 1998 г. На скулпоторот, филмски уметник, иноватор, следбеник на Марсел Дишан, рок пејач и текстописец Родни Грахам. Прикажано е родното место на Кобејн, Абердин, напуштено, без знаци на живот. Место во кое повеќе не се менуваат денот и ноќта, каде колите никаде не стасуваат, а момчињата никогаш нема да го завршат средното училиште. Тоа сега е место во кое ништо не се случува.
 
По смртта на пејачот на Нирвана, Алис Вилер почнала да собирал сè што оставило трага врз младите со појавата на Нирвана и Курт Кобејн. На сликата се наоѓа момче кое ја обоило косата со руса боја и носи фланелска карирана кошула. Успеало да стигне до Сиетл, кој се гледа во далечината.
 
 
И на крајот, невозможно е да се раскаже приказната за Кобејн а да не се споменат Кортни Лов и Дарио Роблето. Во 1998 г. Роблето претворил две винил плочи во слушалки; едната била излиена од албумот во живо From the Muddy Banks of the Wishkah, а другата од Live Through This од Кортни Лов и нејзиниот бенд Hole. Делото го нарече It Sounds Like They Still Love Each Other to Me.
 
Извор: P.U.L.S.Е

ОкоБоли главаВицФото