Рубикова коцка во потрага по решението за себе!

30.03.2017 16:00
Рубикова коцка во потрага по решението за себе!

Добро организирана банда влегува да опљачка некоја банка.

Колку само филмови сме гледале со вакво сиже? Во некои стории бандитите ги легнуваат вработените и клиентите на земја и со шефот на смената одат во трезорот на банката; во други влегуваат ноќе, ги исклучуваат алармите и одат во магацините со пари. И во едниот и во другиот случај најчесто се случува некој од бандитите да ја заебе работата, да истрела куршум, да убие или да повреди некој од заложниците, да вклучи страничен аларм итн. И кога екипата ќе дојде на излезната врата натоварена со вреќи пари, надвор да ги чека опсада од полицајци и полициски автомобили, снајперисти, борбени возила и друга техника на слободниот свет.

Краткометражниот филм за големата пљачка на македонското национално и граѓанско благо е стопиран во тој кадар. Ние живееме во тој стоп кадар во кој бандитите ги чека меѓународна опсада од европски и американски дипломати, министри, агенти, безбедњаци, претседатели, премиери, со комплетната техника на дипломатската пресија, во очекување да им стигнат системите за финансиска, правна и друга пресметка со бандитите.


Бандитите наебуваат

Во меѓувреме во нашата банка се случува истата драма што се случува и во играните филмови. Дел од заложниците и на страната на вработените и на страната на граѓаните, се вознемирени до хистеризирани, други се мирни, трети се обидуваат да воспостават контакт со бандитите, четврти се подготвуваат за пресметка. Лидерот на бандитите и тука и во играните филмови е најбрутален, но меѓу апашите секогаш има по некој што сочувствува, со трудната жена што лежи на подот, да речеме, па ѝ додава зашеќерена водичка или со некој што вели дека ќе умре ако не му ги донесат апчињата од дома и во таа смисла добриот бандит се нафаќа да организира итна достава и сл.

Сите тие приказни редовно завршуваат така што бандитите наебуваат. Наебуваат во разни варијанти, со помалку или повеќе жртви на двете страни, со помала или поголема материјална штета - ама наебуваат. Досега не е снимен филм во кој лидерот на бандитите останал да биде директор на банката. Ниту пак се случило банката да ја снема и по таа основа бандитите да останат слободни зашто нема кој да ги обвини или бара. Особено, пак, не сме гледале филмови во кои бандитите ги известуваат полицајците дека влегле во банката за да ја спасат од клиентите и вработените, а полицајците да им викаат: „Браво!“ Не, такви филмови не сме гледале. Мислам дека нема да ги гледаме и во Македонија.

Наспроти драматичните предупредувања дека оттука ќе се запалел Балканот, јас мислам дека станува збор за инфантилно сценарио. Целиот режим беше бескрупулозен, но си го имаше мобилизирачкиот шарм на инфантилноста цело време. Кризата е вештачки предизвикана, луѓето што протестираат не се никакви патриоти туку разни ешалони во преторијанската гарда на Груевски, сите, можеби, не се криминалци, но сите се криминализирани и карикатуризирани, се однесуваат како манијаците што по парковите го отвораат мантилот пред случајните минувачки и свршуваат на шокот што го предизвикуваат кај луѓето. Особено кога не се голи туку носат гаќи од 500 евра!

Ќе имало последици! Се разбира дека ќе има, сите ќе завршат в затвор! Системот им е во фазата на интензивно распаѓање. Парчињата што се откачуваат во медиумската, судската и економската, дипломатската сфера, сведочат со каков монструозен режим сме имале работа и до кој степен е разорена и декапацитирана и десубјективизирана Македонија. Новите истраги на СЈО и навестувањата за уште понови, се како отворање на утробата на вмро во терминалната фаза на болеста! Но, би сакал да обрнам внимание на некои други аспекти.




Растурена коцка

Премногу сме окупирани со дневниот ритам на нештата. Тој ни го замаглува погледот кон историчноста на процесите. Кон нивните генези и проекции. Од друга страна, без поглед кон овие димензии нема никогаш да бидеме во состојба да ја откриеме и сфатиме вистинската природа на случувањата и секогаш ќе останеме на нивото на нивната појавност.

Јас мислам дека Македонија се однесува како растурена Рубикова коцка во потрага по решението за себе. Тој процес на саморешавање односно на хармонизирање со себе, со својата суштина, содржина, ресурси и меѓународни амбиенти, трае од пред формирањето на државата, но за потребите на овој текст ќе се задржам само на неколку понови аспекти.

Односите меѓу Албанците и Македонците се постојана битка во која Албанците настојуваат да излезат од статусот на привилегирано малцинство и да станат рамноправен државотворен и национален фактор, додека Македонците настојуваат да ја задржат својата супериорна позиција на газди, меѓу другото, и преку понискиот статус на Албанците како мерка на својата супериорност. Во отсуство на какви било други потенции. Во тој однос Македонците имаат чувство дека Албанците постојано добиваат, а тие губат, што е точно, ако како критериум се земе одбраната на статус квото, односно на минатото, а Албанците сметаат дека се уште се потценета категорија. Што исто така е точно ако како критериум се земе иднината, но не и минатото.

Наспроти општите впечатоци мислам дека тој конфликт се развива кон дефинитивно урамнотежување и со постојано подобрување на статусите и на двете заедници, ако оценката ја вршиме врз основа на перспективите што се отвораат. Македонците немаат други ресурси за политичка борба. Освен размената на своите ексклузивитети. Во таа смисла тоа што го имаат досега дадено е многу добра инвестиција во замена за тоа што го добиваат: мир, стабилност, хармонизираност, отсуство на војна, ризикот да исчезнат заедно со својата држава; а Албанците добиваат јасна перспектива на комплетната рамноправност.


Смирување на тлото

Се разбира, оваа историчност се темели врз конкретни жртви на незадоволни и несреќни луѓе на двете страни. Платформата на албанските партии е еден елемент кој е на линијата на таа хармонизација на решавањето на рубиковата коцка. Општествените конвулзии на кои сведочиме се опасни, но мислам дека во таа историска перспектива тие се тоа вртење на нивоата и на боите на коцката. Македонците се немоќни да го спречат тоа хармонизирање, немаат сила и енергија, немаат ресурси, немаат менталитет и политичка култура за тоа и немаат право тоа да го прават, а Албанците немаат причини да влегуваат во отворен судир, тие знаат или чувствуваат дека најдобро им е да чекаат Македонците да ги потрошат своите стравови, меѓу другото, и преку својата омилена забава: да се глупираат.

Второто ниво на хармонизација е политичката, плурална, на некој начин и историска хармонизација на Македонците со самите себе. Комунистичкиот подвиг е потрошен, меѓу другото, зашто не беше демократски. Демократската транзиција му пружи шанса на вмро, на десницата, неизбежна шанса. Денеска може да се каже дека и таа политичка артикулација на национот е потрошена и тешко и веројатно и неповратно е компромитирана во сите аспекти, вклучувајќи го и аспектот на отворениот и дури радикален антимакедонизам. Тие работи, се разбира, се драматични, но и тие водат кон хармонизација на Македонија и на Македонците со себе. Демистификацијата на вмро и потрошеноста на социјалистичка Македонија се на некој начин закономерни историски процеси кои носат ризици, но во крајна линија се океј.

Третото ниво на урамнотежување ќе биде расправата, судирот, филтрацијата, смената, како сакате, во политичките и во економските елити. Низ политички и правни процеси кои макар на моменти ќе се доближуваат до нивото на катарзата. Македонија ќе се ослободи од својот историски багаж, од својата провинциска напумпаност, од вишокот криминал и бесправност, од некултурата, од лошата култура, и ќе влезе, не во идеалните сфери на бесконфликтноста, туку во нормалните фази на нормалните конфликти во сите пристојни држави. Ова се ерупции и потреси кои се вовед во смирување на тлото, а не на ескалацијата!

Монтажи: Свирачиња (врз фотографии од филмот Bonnie and Clyde, 1967)
Извор: Слободен печат