Кога ја сечеа шумата

31.03.2017 04:34
Кога ја сечеа шумата

Кога ја сечеа шумата

Од секој удар на секирата
јачеше гората, рикаше,
стенкаше како ранет човек.

И кога да видиш потоа само сосечени стебла
и една гола, пуста црвеница,
како рана на жив човек.

Ти доаѓа само да стегнеш заби
и само да мислиш:
колку брзо се сосече шумата
колку долго треба да чекаш одново да израснеш.


За стеблото

Рекоа, старо е стеблото.
Се измачува.
И го исекоа, го корнеа,
Со копачи, со сила.
Дојдоа потоа да го раскопаат дворот.
Го исчистија од плевел, од лишај,
Посеаја трева и никна тревата.
Озелени.
Само на местото
Каде што го сосекоа и корнеа стеблото
Не никна трева.
Одново раскопуваа,
Одново фрлаа семе.
Попусто –
Среде тревата остана една голема лузна.
Рекоа, земјата си ги памети сите свои рожби,
И не заборава таа
На нивните страдања.
Лузната остана за да ја прераскажува судбината на стеблото
Прерано сосечено.
Во него сè уште да ти имало живот.
Чиниш целата судбина на стеблото
Се читаше на таа голема лузна
Среде зеленилото.

 


Преполовен човек

Денес времето ќе биде сончево и малку ветровито
и едно стебло на патот нема да се заниша,
нема да потрепери,
зашто некој беше му налегнал со секира,
му се нафрлил и го обезличил.
Останал од таа висока става само труп,
половина бој од земјата нагоре.
Денес тука ќе биде убаво за прошетка
зашто сите ќе појдеме таму каде што стеблата се весели,
таму кајшто стеблата имаат здравје да се довикуваат со ѕвездите
и кајшто имаат сила да носат една човечка тежина
на себе.
Денес тука ќе биде убаво за прошетка.
Што бара преполовен човек крај преполовено стебло?


Враќање на правта

Како подовенат да си, рече едниот,
Ќе дојде време пролетва и да излезеш,
и да прошеташ, помисли другиот.

Ќе прошетам, помисли третиот —
изгорено, јагленосано стебло
за поубаво да се распознаваат другите.


Јагленари

Раскопавме длабока дупка, насобравме цер,
го сложивме во неа, го потпаливме. Кога разгоре
се нафрливме на огнот, го запретавме со пуза,
го задушивме со земја и — видовме:
земјата како му ја одзема силата на огнот
и не му дава да диши.

Огнот немаше сила да го догори дрвото —
дрвото немаше сила — одново да раззеленее.
Едното — в раце ја држеше душата на другото.
Тие низ смртта — ние низ нив,
така ја изучувавме љубовта,
така правевме јаглен од себеси.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото