Колку Европа

31.03.2017 11:02
Колку Европа

Месецов Европската унија слави 60 годишнина од својот основачки акт, Римскиот договор, со кој беше основана Европската економска заедница. Причини за славење има многу. После векови со војни, потреси и масовни убивања, денешна Европа е мирна и демократска. Европската унија во своите редови прими 11 земји кои му припаѓаа на советскиот блок и им помогна во посткомунистичката транзиција. Во ерата на раст на нееднаквоста, земјите членки на ЕУ можат да се пофалат со најмала приходна нееднаквост во целиот свет.

Но, сето тоа се успеси остварени во минатото. Унијата денес се соочува со длабока егзистенцијална криза која ја загрозува нејзината иднина. Симптомите се насекаде околу нас: брегзитот, застрашувачкиот стапки на невработеност кај младите во Грција и Шпанија, задолженоста и стагнацијата во Италија, подемот на популистичките движења, силниот отпор кон имиграцијата и заедничката валута. Сето тоа укажува на потребата за темелен ремонт на европските институции.

Оттука, може да се каже дека новата бела книга за иднината на Европа која ја претстави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, се појавува во вистински момент. Јункер скицира 5 можни сценарија, и тоа: продолжување со работа на досегашната агенда, фокусирање на единствен пазар, воведување можности некои држави да напредуваат кон интеграција со побрзо темпо од другите, редуцирање на постоечката агенда или амбициозно промовирање на поуниформна и поцелосна интеграција.

Не е тешко да се согласиме со Јункер. Во момент кога европските политичари се преокупирани со битките на домашен терен, а институциите на ЕУ во Брисел се на мета на гневот на фрустрираното население, повеќе од тоа не ни можеше да се понуди. Сепак, неговиот извештај е разочарувачки, зашто го заобиколува главниот проблем со кој мора да се соочи ЕУ и да го надмине.

Ако сакаме европските демократии да се консолидираат, економската и политичката интеграција мораат да се урамнотежат. Политичката интеграција мора да ја стигне економската или економската интеграција мора да забави. ЕУ ќе биде дисфункционална сè додека го одложуваме донесувањето одлуки за тоа важно прашање.

Соочени со таков тежок избор, државите членки веројатно ќе заземат различни ставови зависно од тоа каде се наоѓаат во континуумот на економско-политичките интеграции. Тоа значи дека Европа мора да развие флексибилност и соодветни институционални аранжмани за нивните потреби.

Европа од самиот почеток се градела во склад со „функционалистичкото“ начело: политичката интеграција ќе следи откако ќе се оствари економската. Јункер ја започнува белата книга со соодветен цитат од Роберт Шуман, основачот на Европската економска заедница (и премиер на Франција), од 1950 година: „Европа нема да се создаде одеднаш и според еден единствен план. Ќе ја изградат конкретни достигнувања кои прво ќе создадат вистинска солидарност“. Прво треба да се изградат механизми за економска соработка, што ќе го подготви теренот за заеднички политички институции.

Таквиот пристап во почетокот давал резултати. Тоа овозможило економската интеграција секогаш да биде чекор пред политичката интеграција – но, притоа да не отиде предалеку. Меѓутоа, во осумдесеттите години од минатиот век, ЕУ зачекори на непознат терен. Беше усвоена амбициозна програма за единствен пазар која ќе ги обедини европските економии и ќе се ослободи од националните економски политики кои го попречуваат економското движење не само на стоките, туку и на услугите, луѓето и капиталот. Еврото, со кое беше утврдена единствена валута за одреден број земји членки, беше логично продолжение на таа програма. Тоа беше хиперглобализација спроведена во европски рамки.

Повеќе фактори доведоа до усвојување на новиот план. Многу економисти и технократи сметаа дека европските влади постапуваат премногу интервенционистички и дека подлабоката економска интеграција и заедничката валута ќе ги дисциплинира. Од нивните перспективи, нерамнотежата помеѓу економскиот и политичкиот дел од процесот на интеграција претставува предност, а не недостаток.

Многу политичари знаеја дека таа рамнотежа би можела да создаде проблеми, но веруваа дека на крајот функционализмот успешно ќе ги реши: ако сме доволно трпеливи, квази федералните политички институции неопходни за функционирање на единствениот пазар ќе се развијат сами од себе.

Водечките европски сили имаа важна улога во тој процес. Франција веруваше дека префрлањето на економските надлежности на бирократите во Брисел ќе придонесат за раст на нејзината моќ и глобалниот пазар. Германија, на која ѝ беше потребна согласноста на Франција за обединување, се согласи да ги поддржи овие напори.

Постоеше и алтернатива. Европа можеше да дозволи развој на заеднички социјален модел паралелно со економската интеграција. Тоа би подразбирало интеграција не само на пазарите туку и на социјалните политики, институциите на пазарот на трудот и фискалните аранжмани. Разновидноста на социјалните модели во Европа и очекуваните тешкотии во постигнувањето договор за заеднички правила би делувале како природен регулатор на брзината и опсегот на интеграциите.

Така би се вовел корисен коректив кој би го обезбедил најпожелното темпо и размерите на интеграциите. Резултатот можеби би бил помала Европска унија, подлабоко интегрирана на сите нивоа, или ЕУ со еднаков број членки како денес, но помалку амбициозна во доменот на економската интеграција.

Денес можеби веќе е предоцна за обид за фискална и политичка интеграција на ЕУ. Помалку од еден од пет Европејци и понатаму го поддржуваат префрлањето на надлежностите од државите членки на наднационалните институции.

Оптимистите ќе тврдат дека причина за тоа не е аверзијата кон Брисел и Стразбур како такви, колку што е поврзувањето на понатамошното „јакнење на Европа“ со технократско фокусирање на единствениот пазар и остуството на попривлечни алтернативни модели. Можеби новите лидери и политички формации ќе успеат да развијат таков модел и ќе побудат ентузијазам за реформиран европски проект.

Од друга страна, песимистите се надеваат дека во далечните ходници на центрите на моќ во Берлин и Париз економистите и правниците веќе подготвуваат план Б за моментот кога понатамошното одложување на попуштањето на стисокот на економската унија веќе нема да биде можно.

Извор: https://www.socialeurope.eu