„Партизанување - траги на борбата“: Уметност против новиот фашизам

01.04.2017 09:44
„Партизанување - траги на борбата“: Уметност против новиот фашизам

„Комуњари смрт за сите вас!“, „Срам за женската раса, страшило комуњарско!“, „Сосе срце сакам главата да ви ја искинам на таквите гадови како тебе и да ви ја ставам во формалин!“, „Ама сте грди племе ви ебам комуњарско, ама ќе ви пљукнам еднаш во фаците проклети комуњарски!“, „Одиме на избори, најчисти досега, без комуњари!“, „Комунизмот и комуњарството најголемо зло на човештвото, па и кај нас!“, „После формирање на владата ќе ебам комуњари на мртво, смрт не им бега!“, „Македонија вечна, џабе ви е комуњари, ни со Албанците шверцерани не успеавте во вашите мрачни намери!“, „Боја сакаш да фрлаш, е па ќе скапеш во затвор, кучко една смрдена!“ – ова се дел од изјави и фејсбук статуси, што Филип Јовановски ги вклучи во перформативниот есеј под наслов „Предлог споменик за комунистичката курва“, во изведба на актерката Кристина Леловац. Освен говорот на омраза во секојдневниот живот и на разните социјални платформи, во есејот-перформанс беа вклучени и делови од улогата на Милена Дравиќ од филмот „Мистерии на организмот“ и од текстот на режисерот Владимир Милчин за забранувањето на неговата претстава „Свети Сава“ во „Југословенско драмско позориште“, во Белград 1990 година, презентирајќи една друга страна на читањето на НОБ и надоврзувајќи се на современите толкувања и вулгарности што произлегуваат од поврзаноста на комунизмот со НОБ и различните јазични и материјални манифестации во современиот македонски контекст. 

Едновечерниот настан „Партизанување – траги на борбата“, во четвртокот (30 март) се одржа во просториите на Градскиот одбор на Сојузот на здруженијата на борците од НОВ.

- Добредојдовте во просториите на градскиот одбор на Сојузот на борците од НОВ што е соодветно место на кое може да се образложи и да се изложи овој уметнички перформанс чија база е антикомунизот и да нè потсети на борбата, да нè потсети на партизаните. Минатото не може да ни ја обезбеди сегашноста, но од минатото може да извлечеме значајни поуки коишто ќе придонесат ние да бидеме поснаодливи и подобри во планирањето на нашите идни активности, рече Верка Бунтевска од Сојузот на борците.

Во перформатвното предавање „Сребрени соништа“ на Ивана Драгшиќ, авторката го презентираше личното доживување на Ацо Караманов, поет и учесник во НОВ, кој во својот 17-годишен живот (1927-1944) начнал многу современи теми и е можеби првиот модернистички поет во Македонија. Тој не објавил ниту една поетска или прозна книга, но колку што е познато, од него се сочувани 280 песни, неговите бележници, дневнички записи и писма. Темелно истражувајќи го делото на Караманов, како и она што е напишано досега за него, Драгшиќ го проблематизираше неговиот статус во современата македонска книжевна историја, на само „македонски Рембо“ и тоа што во досегашните анализи на неговото дело во книжевната теорија и историографија, во втор план или воопшто незабележни останале неговите идеолошки ставови и залагања. Караманов по еден месец од стапувањето во партизани, на денот кога го испеал и последниот стих „Ние кога умираме треба да пееме“, во престрелка со германските воени сили, ноќта меѓу 9 и10 октомври 1944 година, кај селото Смојмирово, Беровско, бил тешко ранет и масакриран по заробувањето.

Настанот во Сојузот на здруженијата на борците од НОВ во Скопје, вклучи дела на уметници од Македонија, Србија и Хрватска. Спојувањето на овие автори во една целина ги потенцира вредностите на народноослободителната борба против фашистичките тенденции и повикува на идентификување на современите манифестации, со скриена или јасна визија и апелира на нивна демистификација како и соодветна реакција. 

Културната политика на партизанската уметност и на народноослободителното движење како и културната политика на Југославија кон тоа наследство наспроти денешните форми на агресија и бришење е во фокусот на овие дела, но тие зборуваат и за начините на кои оперираат ревиозионистичките, националистички и капиталистички ориентирани влади за кои е многу важно подетално и покритички да се согледаат во овој контекст.

„Делата се обединети и во една именска изведенка – партизанување, од партизанува или партизан, уште еднаш посочувајќи на револуционерното минато но и на первертираните и силно политизирани приврзаници на партија кои криејќи се позади големи идеи кријат ситнопартиски интереси. Токму во оваа дихотомија постои денешното македонско општество“, велат авторите.  

-Ако се изгуби негувањето на традицијата од НОБ, сè ќе се изгуби, велат членовите на Сојузот на борците.

На овој настан беше промовирана и публикацијата „Предавања за одбраната: прилози за анализа на културната дејност на Народноослободителното движење“ од Мирјана Драгосављевиќ, Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ, во издание на здружението КУРС и „Роза Луксембург Штифтунг“.

Во книгата се изложени резултатите од истражувањето работено во 2016 година за културата и културната политика во партизанското движење, за време на Ужичката република и на првото и второто заседание на АВНОЈ, со цел да се преиспитаат современите културно-уметнички практики и кртички да се согледаат позициите на тие практики.

- Ние не сме теоретичари, ниту историчари на уметноста, ние всушност сме уметници и во еден момент сфативме дека треба да поминеме низ оваа тема за да може да разбереме како да придонесеме во борбата за зачувувањето на традициите на НОБ, но и во борбата за подобра денешница, за подобри услови за живот. Полето на културата е повторно ставено во функција на правење профит, а уметноста е сè повеќе отуѓена од поголемиот дел од населението. Културата се гледа како одвоена сфера на општеството, која е надвор од политичките текови и политиките што го регулираат полето на културата и денес сè повеќе се брише еманципаторскиот потенцијал на културата, рече Милош Милетиќ од здружението КУРС од Белград.

На крајот беше прикажан експерименталниот документарен филм „Споменик“ на хрватскиот уметник Игор Грубиќ, во кој на поетичен и суптилен начин, тој прави портрет на спомениците како кревки личности кои останале да сведочат за едни заборавени времиња.

Кураторката Ивана Васева потенцира дека културната политика на партизанската уметност и на народноослободителното движење како и културната политика на Југославија кон тоа наследство, наспроти денешните форми на агресија и бришење е во фокусот на овие дела, но тие зборуваат и за начините на кои оперираат ревиозионистичките, националистички и капиталистички ориентирани влади за кои е многу важно подетално и покритички да се согледаат во овој контекст. 

„Партизанување – траги на борбата“ како настан е продуциран во рамки на проектот „Траги на борбата“ во организација на Плоштад Слобода од Скопје и нивните партнери „Креативен синдикат“ од Загреб и „Теорија која хода“ од Белград, како и нивниот партнер Кооператива - Регионална платформа за соработка од Загреб.

ОкоБоли главаВицФото