Мис Пиги го победува Трамп во новата драма на Елфриде Јелинек

01.04.2017 09:06
Мис Пиги го победува Трамп во новата драма на Елфриде Јелинек

Пораката на претставата на нобеловката Елфриде Јелинек е јасна: „Кралот е виновен“. Австриската уметница си поигра со поп културата на премиерата што се одржа во родниот град на Трамп – Њујорк.

Мис Пиги никогаш не повредила некого

Но, еве ја, со русата коса, големата муцка и очи што крвават - на големо платно во театарот на Менхетен, таа е главен симбол на најновото театарско дело на австриската писателка Елфриде Јелинек.

Во претставата на Јелинек, смешниот лик од „Мапетите“ станува еден вид трагична фигура. Вака трансформираната Мис Пиги е една од многуте алатки, што добитничката на Нобеловата награда во 2004 година ги користи за да го произведе сакракстичниот и горчлив коментар за победата на претседателот Доналд Трамп, насловен „На кралскиот пат: Бургер крал“

Во малиот универзитетски театар „Мидтаун“, во понеделникот се одржа светската премиера на претставата во која игра само една актерка. Целосната постановка претставата ќе ја има наесен на премиерата во театарот „Deutsches Schauspielhaus“ во Хамбург.

Пренамената на Мис Пиги

Шокантниот начин на кој Јелинек го употреби омилениот симбол на американската поп култура, е пристап што се разликува од оние што ги видоа Американците по победата на Трамп во ноември.

Досега, уметничките одговори на Трамп, во Њујорк и остатокот на земјата, во голема мера беа во форма на графити, перформанси и уметнички протести. Минатото лето, понижувачка гола статуа на Трамп се појави на „Јунион сквер“ и го привлече вниманието на меѓународната јавност.

Наспроти ова, во најновиот драмски текст што се занимава со политички теми, претставата за Трамп, пристапот на Јелинек е ерудитски и саркастичен.

„Оставете ме, зашто јас сум болна и не разбирам што сум нарачал овде. Дали е тоа куќичка за птици или гаража?“, кажува на почетокот на претставата неименуваната говорничка облечена во црно. Потоа, таа одеднаш вели: „Не сакам да зборувам за мојата мајка. Никогаш. Не ми е воопшто грижа, сè додека со мене е сè во ред!“

Тоа е тонот на претставата што трае околу еден час, во која говорничката, што ја игра Маша Дакиќ, рецитира размислувања, тиради и апели од различни перспективи. Таа е како хорот од античките драми, но составен само од една личност - со шизофренија.

Авторката Елфриде Јелинек не беше присутна на премиерата на претставата

Враќање на античкиот хор

Меѓу различните перспективи има и една на исплашениот имигрант или бегалец: „Ние сме Американци, но сега веќе не“, кажува Дакиќ на крајот на реченицата за Трамп и неговиот предлог за изградба на ѕид на границата.

Потоа, коментараат поддржувачите на Трамп: „Сите го велат тоа што тој го кажува. Секој, секој го навредува тоа што тој секогаш го навредувал.“

Во претставата преку овие и други гласови, Јелинек ги допира и Стариот завет, историјата на германската мисла, фројдовата психологија, зголемувањето на цените на становите во САД и големите банки, а истовремено успева да ја вметне и сугестијата дека Трамп е импотентен.

Седумдесетгодишната Јелинек е најавтентична кога во „На кралскиот пат“ алудира на злосторствата на Австрија и Германија во Втората светска војна, една од главните теми на нејзините романи, песни и есеи.

„Кралот е виновен“

„Кралот е виновен за падот на градот“, вели Дакиќ во еден од потрезвените делови од претставата. „Кралот е виновен и ние го знаеме тоа. Сега ние сме одговорни“.

Пресудата потсетува на она што многумина го чувствуваат во врска со Австријците и Германците кои го поддржаа Хитлер. Звучи како Јелинек да ја применува истата пресуда за поддржувачите на Трамп, а можеби и за сите Американци.

По претставата, актерката Дакиќ, режисерот Стефан Џепароски и долгогодишната преведувачка на англиски јазик, Гита Хонегер, одговараа на прашања од публиката, која броеше околу 70 луѓе. Не е за изнедаување што секој што сака да се идентификува како поддржувач на Трамп го избегнуваше малиот театар среде либералниот Менхетен.

Хонегер, која комуницираше со Јелинек во текот на поставувањето на „Кралскиот пат“, ја потенцираше директната споредба на Трамп со Хитлер.

Режисерот Стефан Џепароски, преведувачката Гита Хонегер и актерката Маша Дакиќ одговараат на прашања на публиката по претставата.

„Растејќи по војната и слушајќи ги приказните за Вајмарската република и тој човек – Хитлер, не сакам да правам глупава споредба. Но, Јелинек зборува за тоа како интелектуалците не веруваа дека е воопшто возможно некој со ваков ум, однесување и толку празен може да стане претседател, за тоа и ние зборуваме во претставата“, рече Хонегер.

Модернистички „мапет“

Потоа, тука е Мис Пиги, која со крвавите очи гледа надолу кон публиката. Понекогаш, во текот на претставата, таа се обраќа или се појавува преку ликот на Дакиќ. „Нејзината коса е чудна како на Трамп“, збележува посетителката Марлин Бар.

„Кога Јелинек ја користи Мис Пиги, дали ја изедначува со Трамп? (...) Трамп најмногу од сè мрази да му се смеат. Дали е ова „Schwein“ исмевање на Трамп? “

„Мислам дека ја разбравте Елфриде“, одговори Хонегер со насмевка. „Таа секогаш сака големото да го направи мало – да го намали. Таа го издигнува Трамп на нивото на Едип, но потоа го прави помал од сите.

„Елфриде дури призна дека и самата се идентификувала со Мис Пиги. Таа зборува од пиедесталот на уметникот и е многу свесна за тоа.“

На домашен терен на Трамп

Одлуката за премиерно прикажување на претставата во родниот град на Трамп, се чини како став по себе... Јелинек, која, како што рече организаторот, ја гледала „Кралскиот пат“ преку стрим во живо и ги има предвид сите аспекти на нејзините настапи. Познато е нејзиното откажување на претстава во Австрија, кога во 2000 година, партијата на екстремната десница влезе во парламентот.

„Една од должностите на уметникот е понекогаш да го впери прстот таму каде што боли најмногу, да оди длабоко во таа рана и да притиска сè додека не прокрвари“, вели Џепароски во едно интервју.

„Ќе истече и добра крв, ќе излезат и некои грди работи, но потоа телото ќе биде прочистено како во катарза. Тоа е она што ни треба.“, вели тој.

Хонегер рече дека детали за претставите во Хамбург ќе бидат објавени на прес конференција следниот месец.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото