Изместени лостови

03.04.2017 00:46
Изместени лостови

Кога Манаки, по некоја случајност, би ја добил шансата да ни направи масовка, онака како што тоа го стори пред повеќе од еден век, кога со својата камера го ловеше помпезното пристигнување на султанот во градот на конзулите, неизбежно би ја овековечил кулминираноста на нашиот национален хорор. На трештеноста. На недоумието. На изгубеноста. На тоталната колективна дезориентираност. На подјарменоста. На подмитливоста и апатичноста.

Западнати сме во едено историско распаќе, кое не е по ниту еден основ совпадливо, или што би рекле некои, компатибилно, со крвната група на која ѝ припаѓаме. Неспоиво со генетиката на воспитната традиција - да се биде, пред сè и над сè, човечен и рационален. Добро ни е позната мудроста што ни ја оставиле предците, дека малоумна е логиката на оние кои поради една болва го палат јорганот. А ние, за божјо чудо и гротескна будалаштина, сме на прагот да го фрлиме во пламен и заедничкиот дом.

Почетната точка на генезата на овој политички разнебит, на оваа какафонија во сите сегменти на системот, чии потпирни лостови се тотално изместени, не е од вчера. Прагот на ирационалноста го минавме точно пред четвртина век. Присетете се. Зарем од тоа време не почнавме да ја вкусуваме гротескноста на драматиката од пулсирањето на еден идеолошки анахронизам. Исчекор без компас. Безмалку - лет во неизвесност и во празно. Недоволно профилирани идеолошки азимути. Премолчено, безмалку апатично дозволивме на мала врата волунтаризмот и шарлатанизмот да ни се востоличат како политичка доблест. На сцената ни истрчаа босоумници во улога на некакви лидери, со тешки анатомски, или попрецизно речено, ментални дефекти. Криминогена структура. Многумина од нив дури и со сомнителна изнијансираност на сопствениот национален профил, чија дегенерираност се обидоа да ја вградат во нашиот колективен код. Се обидуваа да ни ја препрочитуваат националната историја. Да ја редефинираат нејзината автентичност. Да ни ја сомничат изворноста на мајчиниот јазик, на самородноста на културата и фолклорната ризница. Да ги сквернават образите на националните достоинственици, оние кои ја втемелија државноста, ја профилираа спецификата на националната култура и како посебен и препознатлив субјект нè втиснаа на светскиот цивилизациски небосвод.

Денес ја доживуваме кулминацијата на таа историска политичка трагика. Со совршена прецизност е детектирано извориштето на таа гебелсова изродна структура, чија доктрина својата енергија ја црпи од идеологијата на милитантноста и до патолошки размери ги има развиено и усовршено вештините за криминал - во сите варијанти и во сите сегменти. На коцкарска маса таа хулиганска збирштина ја има ставено дури и опстојбата на македонската држава.

Кога веќе се разголени, разобличени и со спуштени гаќи притеснети од доказите за нивното децениско злосторничко дејствување, та дури и во интерес на туѓински каузи, нема алтернатива, освен изведување на завршниот удар за дефинитивна елиминација на тоа метастазично гангренозно ткиво, подло вклештено во националниот и државниот организам. Истечено е времето за јалови тактизирања и бесцелни мудрувања. А уште помалку ни е дозволено да се биде апатичен набљудувач на заканувачките тиради на нејзината аморална платеничка лајачка глутница.

Слики: ШкАрт