Без наслов, а со повод

03.04.2017 02:01
Без наслов, а со повод

ДПМНЕ излезе со МАНИФЕСТ за Единствена Република Македонија.

Основниот заклучок кој може да се изведе од читањето на „манифестот“ е дека ДПМНЕ се обидува да ги избрише изминатите 10 години (од историјата и од меморијата на луѓето), како никогаш да не постоеле и нуди визија за прашања кои требаа да бидат разрешени во изминатите 10 години на владеење на ДПМНЕ (ЕУ интеграција, попис, НАТО интеграција, воспоставување добрососедски односи, владеење на правото, одговорност, функционирање на институциите, образование, односи меѓу различните етнички заедници…). Со други зборови, сè она што требало да го направи ДПМНЕ во десетте години апсолутно владеење, а што не го направило, го нуди како нова визија за наредниот период. ЕДИНСТВЕН ЗАКЛУЧОК КОЈ МОЖЕ И ТРЕБА ДА СЕ ИЗВЕДЕ ОД ОВОЈ ДОПИС НА ДПМНЕ Е ТОЈ ДЕКА, БИДЕЈЌИ ЗА 10 ГОДИНИ ДПМНЕ НЕ УСПЕАЛО ДА ПОСТИГНЕ НИТУ ЕДНА ОД ПОСТАВЕНИТЕ ЦЕЛИ, ЈАСНО Е ДЕКА ЗА НИВНОТО ОСТВАРУВАЊЕ ВЛАСТА МОРА ДА БИДЕ ВО РАЦЕТЕ НА ДРУГА ПОЛИТИЧКА ГАРНИТУРА КОЈА МОЖЕБИ ЌЕ ЗНАЕ КАКО ДА ГИ ОСТВАРИ.

Што можеме да видиме во овој МАНИФЕСТ?

ДПМНЕ покажува апсолутна политичка незрелост бидејки предлага меѓународни односи базирани на принципот на наплаќање на дадена помош. „Памети кому сме му помагале во тешки моменти.“

ДПМНЕ покажува дека нема поим што се човекови права и не може да очекуваме дека ќе знае во блиска иднина да ги заштити и промовира, бидејки на ниво на петогодишно дете си мисли дека правата се заслужуваат и се наплаќаат. „Тие што го кршат ова право, не можат да ни го земат.“

ДПМНЕ сè уште не преминале од концептот НАРОД на концептот ГРАЃАНИН и сè додека не го направат овој премин нема да можат ни да бидат политичка структура која може да гради граѓанска држава на 21 век, туку можат да изградат само држава на 19 век. „Обединувањето преку нација, вера и култура е формула за европска интеграција, каде секој може лично да развива сопствени чувства. Тоа е и формулата која остава простор за јакнење на поврзувачкиот фактор во општеството.“

ДПМНЕ не го разбираат принципот на владеење на правото како систем во кој се применуваат законите, а не на воспоставена пракса надвор од законите (па дури и со прекршување на законите) „…важноста на праксата за т.н. коалицирање на победници од етничките заедници како фактор на дополнителна стабилност…“

ДПМНЕ не го разбира постоењето на правосудниот систем кој го санкционира прекршувањето на законите и повикуваат на политички линч или на линч на масата, односно, убивање на различните видувања и слободата на изразување.

ДПМНЕ ги отфрла како немакедонци сите оние кои немаат религиозни уверувања. „Верските заедници во Макeдонија се неотуѓив дел од македонскиот менталитет и македонското општество.“

ДПМНЕ не го разбира современиот начин на социјална поддршка базиран на еднаквоста на правата и човечкото достоинство, кој многу одамна ги надминал границите на религиозната помош „Солидарноста и подготвеноста да му се помогне на сиромавиот се во духот и на христијанството и на исламот и на јудаизмот.“

ДПМНЕ не нуди иднина туку отвора пат за минатото. „Потребно е да се оживеат старите традиционални вредности.“

ДПМНЕ бара апсолутна власт и унификација (базирана на племенско делење) наместо партиципација на сите граѓани и задоволување на потребите и интересите на различните индивидуи. „…бонус од 20 пратеници за победникот на парламентарни избори …“

ДПМНЕ нема намера да развие систем на контрола над власта. Највисокиот дострел кој формално го нуди е „отчетност“ на функционерите во власта, наместо одговорност и санкционирање на прекршувањето на законите.

ДПМНЕ нема поим што значи да се стане дел од ЕУ и бара забрана на „вмешувања во внатрешните работи на Република Македонија, од страна на странски политичари или држави …“

ДПМНЕ нема поим што значи работа на институциите и бара вонинституционална осуда на различните видувања. „Заедничко отфрлање на планови, платформи или агенди кои се надвор од нашето уставно уредување или се спротивни на македонските стратегиски државни интереси.“

ДПМНЕ спречува каков било напредок на системот и забранува воопшто и да се размислува за промени.

СЕТО ОВА ПОКАЖУВА ДЕКА ДПМНЕ Е НЕЗРЕЛА, НЕПИСМЕНА И ПАРТИЈА СО МНОГУ ОГРАНИЧЕНИ КАПАЦИТЕТИ. КАКО ТАКВА, ДПМНЕ Е МНОГУ ОПАСНА И ПРЕТСТАВУВА КОНТИНУИРАНО ДЕСТРУКТИВЕН ЕЛЕМЕНТ НА ПОЛИТИЧКАТА СЦЕНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

ВАКВА ПАРТИЈА НИКАКО НЕ СМЕЕ ДА ИМА ВЛАДЕЈАЧКА ПОЗИЦИЈА.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слика: Свирачиња