Фушерски манифест

03.04.2017 11:02
Фушерски манифест

Уште патоказот непоставен, кога еве раководството на истиот производител ВМРО-ДПМНЕ (здружение осомничено за тежок криминал) се обидува на политичкиот пазар да пласира ново лажно средство за смирување со етикета „Манифест за единствена Република Македонија“. Станува збор за една полуписмена, очајна и контрапродуктивна самоделска направија, слична на оние рогови што со години ги продава како свеќи. Тие се спакувале според нивниот проверен рецепт, само што забораваат дека „пациентите“ сфатија дека тие и нивната терапија се најголемите причини за болеста на Македонија. Бидејќи сите слушнаа што правеле и гледаат што прават, многу поверојатно е дека ги плаши сознанието дека може слободно да (про)пишуваат што сакаат, но отсега натаму тоа никој нема да го есапи.

Значи, „реално“, стана невозможно ВМРО-ДПМНЕ да се повикува на кој било од четирите принципи во „Манифестот“: обединување околу националниот интерес; интеграција во едно општество; владеење на правото и, четвртиот, пазарна економија. Зашто, партијата е таа која во своето десетгодишно владеење националниот интерес го подреди на својот и на интересот на „фамилијата“ на власт; го дезинтегрира, го подели, го разедини општеството до степен непознат во историјата на земјата; го промовира принципот на неказнивост и највисоките функционери (државно-партиски) ги стави над законот и Уставот (последен, фрапантен, скандалозен пример е однесувањето на претседателот Ѓорге Иванов); партијата е таа што пазарната ја сведе на тендер-економија, а послушноста кон власта стана најконкурентна, најценета одлика во бизнисот (корупцијата и провизиите башка).

Оттаму, оваа манифестација нема никаква врска со нормализирањето на општеството, туку со барањето спас за „лудаците“, спремни да ги жртвуваат сите други. Државата, пред сè.

Извор: Слободен печат
Слика: Странски служби