Спиј

03.04.2017 12:41
Спиј

ДРУГАРКА

Јас и дечкото сме во странство. Ми кажува дека ќе излеземе со некоја негова другарка, која има некое егзотично, лелеаво име, нешто што завршува на –ела. Се среќаваме во кафуле. Таа доаѓа и ја гледам: има свиленеста светлокафеава коса, тркалезно лице, огромни, живи очи, совршено порцелански тен, голема блескава насмевка. Ведра е и весела. Ситна е и тенка. Носи кратко бундиче, и кога седнува на столчето пред нас забележувам дека гаќите ѝ се златни. Тој ја гушка, но раката ја задржува подолго отколку што треба на нејзиниот грб и насмеано ја гледа, а таа се шегува со него. Одеднаш ни ги покажува хулахопките и вели, ех, како сум можела да облечам ваква бапска шара! Си ја погледнувам кошулата – тоа е истата шара што ја носам јас. Се прашувам дали да направам шега и да речам ех, да, јас сум тука бабата, тоа е, ама молчам. После тргнуваме некаде и тие двајца одат пред мене. Сега таа носи долг фустан со два странични шлицови до гаќите. Се смеат и весели се, а јас одам зад нив и тонам во грд сив облак од внатрешен чад.

БЕБЕ

Во рацете држам малечко бебе. Страв ми е да не го повредам зашто не знам како треба да му го држам вратчето. Шестмесешче, така го викаат, а го викаат и половинче, оти има пола година. Голичко е. Надвор е зима и пробувам да го скријам во шал што го виткам околу половината и рамото. По пат бебето негде ми испаднало. Одам да го пронајдам, но мојот сопатник ми вели да не се секирам, дека ќе си си најдам друго.

ТАЈНО

Ме носи кај баба му. Одиме кај неа во спална, каде што мириса на нафталин. Ми ги соблекува фармерките до пола за така да се ебеме ама во последен момент ми го пика во уста и одеднаш сфаќаме дека баба му дошла, стои зад мене. Ми вика, еј, безвезе, ајде да бегаме, и ми ги навлекува некако фармерките. Лута сум му и истрчувам низ вратата, а тој по мене бос за да ми објасни дека не треба да му се лутам. Ме држи во ходникот, кој одекнува од неговиот глас. Сите шпиунки се зацрнуваат. Многу е добра баба ми, многу ме сака. Не знам зошто се врати, ме смирува, одамна е умрена.

ПРСТЕН

Влегувам во колата на мојот сопруг. Го отворам фиочето пред совозачкото седиште и наоѓам футрола од женски очила за сонце, што не е толку страшно. Ама наоѓам и женски прстен, целиот во мастило. Еј, земи си го и прстенов што го заборавила некоја женска, му велам и му го фрлам, а тој само немо стои и ме гледа.

ЛУЃЕ

Во див и драматичен пејзаж сме. Мојот сопруг ме вози на ски-санка. Се чувствувам убаво и сигурно со него, а пејзажот е снежен и чудесен. Ама пред нас се појавува една мечка. Не нè забележува, но му кажувам – види, мечка, сврти од овде. Тој врти, ама од другата страна се појавува волк. Тој веднаш го менува правецот со ски-санката. И во третиот правец се појавува друга мечка – рунтава, со бела грива. Не го фаќа паника. Сигурен е дека животните ќе си отидат. Ама додека ги чекаме да си заминат, се појавуваат неколку луѓе. По погледите им се гледа дека се луди. Истовремено гледаат и во нас, и низ нас. Џабе им зборуваме да си одат. Бавно тргнуваат кон нас. Готови сме. Знаеме дека сме готови.

Книгичката на Румена Бужаровска можете да ја купите на Темплум штандот на Саемот на книгата што се одржува на скопскиот саем од 04 до 10 април.

Слики: Mark Tansey

Слични содржини

Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото