Тројца архитекти од Каталонија се добитници на Прицкеровата награда за архитектура за 2017

04.04.2017 01:52
Тројца архитекти од Каталонија се добитници на Прицкеровата награда за архитектура за 2017

Добитници на наградата Прицкер, која се смета за Нобелова награда во архитектурата, годинава се тројца архитекти од каталонското студио „RCR Arquitectes“ во Шпанија.

Невообичаено за наградата Прицкер која им досега им се доделуваше на архитекти-ѕвезди за нивните монументални градби, годинашните добитници се архитекти што три децении „тивко“ работеле на подобрување на средината во која живеат и работат.

Рафаел Аранда, Карме Пигем и Рамон Вилалта го основале студиото во 1988 година, во гратчето Олот и главно градат во својот регион, на североистокот на Шпанија. Реномето го стекнале благодарение на проекти кои се особено чувствителни кон локалниот контекст, коишто со големо внимание ги вклопуваат во околината, вешто користејќи материјали што се поигруваат со светлината, сенките, масата и фрагилноста.

Винарија изградена во Паламос, 2007.

„Тие покажаа како единството на материјалите може да понуди неверојатна сила и едноставност на градбите“, изјави австралискиот архитект Глен Муркат, претседател на жири комисијата за наградата Прицкер.

„Соработката на овие тројца архитекти резултира со бескомпромисна архитектура на поетско ниво, ги претставува безвременските дела кои се одраз на почитта кон минатото, истовремено проектирајќи ја сегашноста и иднината“.

La Lira Theater Public Open Space

„Секогаш настојувавме да побегнеме од помодноста и од создавање на архитектура сместена во точно одреден момент. Веруваме дека архитектурата е конструкција и мора да биде добро направена. Само така ќе биде трајна.“, вели Рамон Вилалта во интервју за весникот „Ел Паис“.

Триото архитекти работи во некогашна леарница што ја пренамениле додавајќи ѝ на „лушпата“ од тули челик и метални површини што некаде се груби, а некаде полирани. Работат заедно на една голема маса што самите ја дизајнирале, во канцеларијата се шетаат во домашни папучи и полека добиваат култен статус.

Атлетската патека Tussols-Basil, 2000.

Нивните проекти се исклучително прецизни, а се зборува дека своите клиенти ги обврзуваат со договор дека никогаш нема да ги менуваат нивните објекти, самите признаваат дека понекогаш одат во екстреми и самите го дизајнираат и мебелот затоа што не им се допаѓа тоа што се нуди на пазарот.

 Историчарот на архитектурата Вилијам Куртис, кој е и автор на монографијата за тројцата архитекти, тврди дека тие се меѓу најдобрите архитекти на денешнината, ги избегнуваат ексцесите и меѓународниот „систем на ѕвезди“, што од архитектите прави т.н. икони. Нивната работа ја евоцира архитектурата на Мис ван дер Рое, скулптурите на Ричард Сера и се движи помеѓу каталонскиот модернизам и јапонските зен градини.

Детската градинка El Petit Comte Kindergarten, Besalú, 2010.

Во изминатите неколку години тие изградија два проекти надвор од нивната вообичаена зона на градба. Се работи за два објекти во Франција.

Изборот на ова трио што е силно вкоренето во локалниот контекст и вешто ги одбегнува светлата на меѓународната сцена, ветува добра насока за Прицкеровата награда.

Иако ова признание ќе им донесе голем број покани за меѓународна соработка, малку е веројатно дека Аранда, Пигем и Вилалта ќе го променат досегашниот начин на работа.

Soulages Museum, Родез, Франција, 2014.

Извор: Pogledaj.to / The Guardian