Триумфот на Вучиќ во „културата на сиромаштијата“

04.04.2017 11:02
Триумфот на Вучиќ во „културата на сиромаштијата“

Надвор огномет, внатре трубачи и Додик. Така, и со речиси два милиони гласови во џебот, Александар Вучиќ како избран претседател излезе пред новинарите. Рече дека условите биле „сè само не лесни“, дека е важно што „победата е чиста како солза“, додека го надгласуваа повиците „Победа, победа!“ Следеше триумфален, но помирлив говор за „продолжување на тешката и напорна работа“ и суфицитот. Потоа се редеа коридори, возови, повисоки плати, па победникот го испраќаше Маршот на Дрина, па сепак продолжи да зборува, им се заблагодаруваше на Путин и Меркел и на низа други.

Надвор од Твитер – Вучиќ

Многу оспорувани истражувачи на јавното мислење беа во право – лесна победа на Вучиќ. Таму каде што лутаа – кај распоредот на првите придружници – убедливо „победи“ Саша Јанковиќ, следуваат Бели Прелетачевиќ и со слаби проценти Вук Јеремиќ, кој синоќа веројатно беше најразочараниот човек во Србија. Воислав Шешељ, Бошко Обрадовиќ и особено Саша Радуловиќ се далеку послаби отколку што мислеа. Дали после овој исход и податоците за слабата излезност, знаеме нешто што не знаевме и претходно?

„Вучиќ има голема поддршка, но има и ограничувања. Слабостите му се кај урбаните политики и кај помладите генерации“, наведува Ерик Горди, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон. „Но, неговата најголема слабост е што никогаш не научи да се однесува како државник туку и понатаму како млад лав на Српската радикална партија. Лидерите не се занимаваат со лажни плакати, нарко мафии, кавги во фиктивни авиони и слично, туку бараат консензус околу сериозните државни прашања“, вели тој за Дојче Веле.

Па, сепак, и таквиот Вучиќ им импонира на мнозинството граѓани – тоа веќе не може да се објасни само со наодите според кои заземал две третини од сите весници во предизборната кампања која во последните недели на секоја ограда во Србија го залепи бројот 6. „Делува како на луѓето навистина да им е подобро отколку што навистина е“, коментира за Дојче Веле социологот Алексеј Кишјухас од Филозофскиот Факултет во Нови Сад. Но, тоа, додава, не можат да го сфатат псевдоинтелектуалните кругови, напикани во својот меур на Твитер, каде сè се подготвуваше за последната битка во вториот круг.

„Треба одблиску да се погледне демографијата во која се крие одговорот“, вели Кишјухас и со тоа не мисли (само) на старото и необразовано население. „Повеќе се работи за неодоливоста на авторитарните тенденции во широките слоеви на општеството, на структурната недоверба во демократијата, на варијантите и шемите односно на преживувањето како модус операнди на демократското мнозинство во Србија. На таа несигурност и култура на сиромаштијата вешто удира Вучиќ. Со успешно претставување на себеси како доминантна фигура и фатум на Србија.“

Опозицијата на пресвртница

Вучиќ навистина и натаму ќе биде судбината на Србија, од први јуни, па најмалку до средината на 2022 година – како претседател. Како што и нагласи во победничкиот говор, посебни промени во политиката не треба да се очекуваат, па во наредните недели веројатно повеќе ќе ја удираме главата за тоа кој ќе биде Мирко на Вучиќ – како што Тадиќ го имаше Цветковиќ на чело на владата додека Милошевиќ го имаше Марјановиќ.

Но, што ќе прави опозицијата? Следната година следи битката за Белград во која шансите за рушење на напредњаците се далеку пореални, отколку на ниво на Републиката. Повеќето аналитичари се уверени дека Вучиќ повторно ќе одигра на предвремени парламентарни избори за со својот лик да го повлече Белград како што минатата година ја повлече Војводина. На што ќе личи тогаш опозициската сцена ако вчера една третина од опозицискиот колач отиде кај бившиот омбудсман без сопствена партија, а една петтина кај фиктивен лик – делумно зашто е забавен, а делумно во знак на протест?

„Опозициската јавност не ја води ниедна опозициска партија“, вели Горди. Сега, најсилниот меѓу слабите е Саша Јанковиќ и, како што смета овој професор, тој може понатаму да артикулира одредена енергија ако ја пречекори сопствената сенка – урбаната публика од поголемите градови и буржоазијата. И можеби ако ѝ се обрати и на дифузната публика на Бели Прелетачевиќ: „Помладата популација е завиена во Бело, но не знае зошто. Сè што ги обединува поборниците на Љубиша Прелетачевиќ е желбата да го отфрлат постоечкиот систем. Освен тоа, нема ништо: тоа движење не е ни лево, ни десно, ни револуционерно, не е ништо“, додава Горди.

Нарцисот десно од Вучиќ

Нашите соговорници се согласни во оценката дека десницата – ако за овие теоретски потреби оттаму го изземеме самиот Вучиќ – пропадна неодамна. Јеремиќ со размерно богата кампања пукаше на националните гласови и повеќепати истакна дека е единствениот што може да го победи Вучиќ зашто ги обединува либералниот и конзервативниот табор. Се покажа дека од тоа е оддалечен седум милји: „Јеремиќ само покажа дека има харизма на летва и дека е метеж на десницата. Зошто луѓето би гласале за Тома Николиќ со вистинска диплома?“, се прашува Кишјухас.

Во оценката е остар и Горди, кој во нарцисот од десницата ја гледа позитивната страна на изборите: „Ни старите неофашисти како Шешељ, ни младите неофашисти како Обрадовиќ, ни имитаторите на неофашистите како Јеремиќ не наидоа на симпатии кај публиката. И нема да наидат. Српското општество не е такво, колку и да изгледаше така за време на Милошевиќ. Но, луѓето забораваат дека Милошевиќ повремено глумеше социјалист.“

Ако докрај разгледаме една од омилените тези – дека ова впрочем беа избори за лидер на опозицијата – тогаш тој е избран во ликот на Саша Јанковиќ. Поддршката за него е далеку поголема од простиот збир на рејтинзите на партиите што го поддржаа. Можеби во наредните денови ќе даде одговор на прашањето што планира да направи со таа поддршка.

Извор: http://www.dw.com