Нокаутот на Доналд Туск

04.04.2017 23:23
Нокаутот на Доналд Туск

Не постои нормален човек кој би го издржал на нозе страшниот политички аперкат на Доналд Туск содржан во пораката до Иванов: „најдете решение на кризата базирано на демократските принципи, пристојноста и здравиот разум и кога ќе го најдете можете да ни се обратите за поддршка од наша страна!“

Иванов, се разбира, не спаѓа во таа категорија. Никој не може да ја нокаутира вреќата што виси во боксерската академија на Груевски. Тој не може да падне во несвест. Иванов не е критериум. Добро е тоа што беше категоричен во ставот дека ќе се глупира до крај затоа што со таа декларација тој пред Европа дефинитивно се отпиша себеси и својата политичка групација како фактор на решавањето на кризата врз база на „демократските принципи, пристојноста и здравиот разум“. Како таков мора, без одложување, да биде отфрлен и од новото парламентарно мнозинство и од целокупната демократска јавност во Македонија. Дури и во својата одлепена форма тој од денеска не е повеќе ниту таканаречен претседател.

За разлика од него, поентата на Туск ќе влезе, верувам, во учебниците за дипломатија и политичка историја: таква елеганција, префинетост и строгост, истовремено, таква концентрација од политички значења и оценки, во толку малку зборови, во вака деликатна ситуација, тоа за мене, навистина е политичка етида од бетовенски маштаб.

Демократија, пристојност и здрав разум!

Тие работи не му фалат само на Хорхе!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Александар Дојранлиев