Круг

05.04.2017 01:24
Круг

Ги ставив сите хартии повторно во пликот и тргнав. Сега одев пешки, го знаев правецот, но не ги знаев сите можни пречки и скршнувања. Колку ќе трае овој премин, не знам точно. Можеби шест месеци, можеби една година, а можеби повеќе. А можеби и многу пократко, зашто и покрај сета грижа, јас не можам да го предвидам сосема точно крајот. Ги имав предвид врвовите што сум ги поминал: Магаро, Мал Турчин, Лиска, Пирибег, Син Врв, Скакало, Тудока, Тумба, Трапезица, Пескови, Црн Камен, Царево Гумно, Џинибег и сега остануваат уште мал број, мислам многу мал. Ќе треба ногавиците на панталоните да ги свиткам како во онаа песна на Елиот што ја наоѓам цитирана:

I grow old… I grow old…
I shall wear the bottoms of my trousers rolled.

Се наведнав и навистина ги подзапрегнав панталоните. Видов модрици и сини набрекнати вени на нозете. Знам, стапалата ми беа подисушени и многу рамни. Сега тоа го чувствував во одењето. Ја држев ташната со раката со флеки, оние старечки флеки кои ми се имаа уште поодамна појавено и на лицето. Има многу време откога лекарките во дерматолошката ординација „Анчевски“ еднаш делум ми ги отстранија, но тие пак се појавуваат или на истото или на ново место. Сега повеќе се познаваат зашто лицето ми станува побледо и виснато. Изгледа каротидите ми се затнати од наслаги, како што се затнуваат водоводните цевки, та сега тешко дишам и многу заборавам. Ми доаѓа на саемот некој најблизок човек да му потпишам книга, го гледам, се мислам, а потоа му велам, на кое име? Не доаѓа кислород до мозокот, мојот драг мозок кој толкупати ме имаше издадено во донесувањето правилни решенија во животот. Од десното уво ми стрчат долги влакна, од ноздрите исто така, левата веѓа се извиткала нагоре како жица за миење садови. Во почетокот на староста, кога одев на бербер за потстрижување, ќе ме прашаа: А ушите, веѓите, да ги средиме? Јас во себе офнував, а подоцна веќе не, не можеш постојано да офкаш. Последните години веќе знаев дека е некако забрането да се гледа во убави жени. Ми се случуваше да го сторам тоа и реакцијата секогаш беше насмевка. Никоја не ми рече, абре што гледаш, магаре едно, ама тоа, таа насмевка, беше истото, само поинаков израз, друга форма.

А планинава е убава, целата веќе жолтее. Ги влечам нозете по испаднатите лисја и наместа по џумки трева. Се искачив веќе и минав еден преслап хоризонтално, потоа таму една суводолица како некоја засушена рана, потоа свртив пак право нагоре. Но не бев сигурен дали ќе сретнам некое шумско патче. На една чистинка, видов човек со голема најлон кеса во рацете. Береше печурки, вргањ. Со една плетена црна фанела и три дена неизбричен. Се изненадив, но помислив дека е добро што можам да се распрашам. Тој, пак, се изненади уште повеќе од мене. Се зачуди што јас не берам печурки, есенва сите берат печурки, има откуп, а јас онака, бадијала, се искачувам пругоре, па уште со актен ташна во раката. Тој се исправи. И јас застанав. Добро ми дојде малата пауза за одмор, и се погледнавме.

„За Маказар“, му велам. „Дали е Маказар во оваа насока?“
„Маказар е преку“, ми вели тој, „само стрмно е“.
И стои со еден огромен вргањ во раката.
„Директно ќе ти биде потешко“, продолжи натаму, „стрмно е. Можеш да одиш по еден стар шумски пат што ја заобоколува шумата“.
Јас молчев. Одам директно, си велам во себе.
„А колку време ќе ми треба?“, го прашувам.
Тој крева раменици. Не знае, нормално.

Јас му кимнав со главата во знак на поздрав и тргнав. Тој ме гледаше како ми се лизгаат чевлите по лисјата од шумата. Градски чевли. Гледав дека ме смета за чуден и за будала, што одам бадијала и не собирам печурки. Гранките ми се пикаат в очи, ташната ми зафаќа по стеблата. Нема чиста патека, има нешто што дава правец, ваквиот правец секој го знае, си мислам, само зависи кој како и кој кога би преминал побрзо или побавно, потешко или полесно. Одев така, ми се чини, долго. Една тишина. Зошто толкава тишина? Се слуша само кркорењето на моите гради, како да се гушам.

Небото кое беше азур, почнуваше да ја менува бојата и како да слегуваше подолу. Во крајна линија, го имав сигурниот правец, а од другата страна на планината ми беа познати сите поединости, секој дол, секој рид, секое дрво, вкусот на плодовите. Имав некој план во животот, но во тој план не беше нацртана секоја бука и секоја бразда. Колку да се борев да држам правец, свесно или според околностите, скршнував на различни страни. Не беше нацртана баш оваа шума, но јас бев барем толку умен, што можев да претпоставам дека ќе наидам на неа или на слична на неа, и дека во еден момент, сепак, ќе ја преминам.

Во еден миг се свртев за да го видам патот што го поминав, да видам колку сум изодил, и блиску зад мене ги видов жената и мажот, двајцата сопатници од возот. Тие сè уште не ме напуштаат. Јасно ми беше дека не планинарат или не берат печурки, туку дека се тука каде што сум јас, со мене, ако не и веќе сосема во мене, по сиот пат.
До пладнето, се искачив на Гол Камен. Рид.

Сега знаев во која насока одам. Легнав да здивнам. Во краткиот полусон, навален од слабост, се преметкуваа во мене часови и години, времиња на живи и на мртви: татко ми што ја остави нивата која, како шагринска кожа, се смалуваше, како што се смалуваше неговиот живот; мајка ми, со петлето в рака. Ми го даде за него гулаб да разменам, иако петлето тогаш за нас беше храна, а гулабот убавина бесцелна; некој оган пукоти, пламенот се крева, тупка како со темни вокали, се вие со затворен говор во себе, има таму, вели патникот, некој заробен во шумата, сред жолти кристали; аголниот камен на куќата урнат од бурата на небото и низ сета таа бура мислата на татка – како сега ќе живееме без поткрепата. Протестните собири против незаконитостите на власта во Ејпокс, оној состанок што го опишував на Комисијата за лустрација, карактерите; ликовниот изглед, кориците, на моите книги; ликот на жена ми на која ѝ велам: Последното што остана, тебе ти го дадов, залак леб во устата, грутка љубов во срцето! И сред сето тоа одново внукот кој ме прашува: Дали, дедо, кога беше мал имаше телевизор, CD и мобилка и мојот одговор дека сум немал, освен другари многу и мајка, која ми дувнува на раната кога ме боли и сестрите за утеха. И куче дали сум имал, ме прашува внукот, и јас радосно му велам, дека имав, Кардаш, другар верен. И, во полусон, сред уморот, слушам како самиот во себе ги рецитирам стиховите за кучето на Одисеј:

Тогаш пак, кога го сетил Одисеја дека е близу
мафтал с`опашката тој и ги соборил обете уши,
не могол самиот веќе на стопанот свој да му пријде.
Овој, пак, кога го виде си избриса од страна солзa
лесно, од Евмеја скришем...


Сега, кога го минав ридот, полесно се спуштив надолу кон Маказар. Од височината, селото се гледаше многу чисто, сложено како потковица околу ритчето на средината. Се спуштив баш на тоа ритче, до училиштето, на еден од неговите ѕидови, нагризани од влага и од ʼрѓа, ги видов таблите на паднатите борци од Маказар во војните за слобода, училиштето наполнето со сено, вратата од големата сала на училиштето на чија бина некогаш ги рецитирав оние стихови: Прилепско поле, тепсија рамно! Земја да фрлиш, алтан ќе најдеш! И инсистирањето на наставникот на она а со акцент. Повторува тој: àлтан, àлтан ќе најдеш!

Тука се допреа почетокот и крајот.

Извор: Круг, Слово, Скопје, 2017.
Слики: Дејна Такер

ОкоБоли главаВицФото