„Влечењето за уши“ сепак не е добра идеја

06.04.2017 11:00
„Влечењето за уши“ сепак не е добра идеја

Ја разбирам и на некој начин и самиот ја преживувам нетрпеливоста на „огромната маса народ која се определи за реформи, слобода, демократија“, за луѓето за кои Љубомир Фрчкоски, во својата последна колумна, пишува дека не се „супермени да издржуваат вакво малтретирање и гледање со неверување во својата партија што таа прави воопшто, зошто не го земе она што ѝ припаѓа, за што ѝ изгласале победа“. Но, не се согласувам со неговата оценка дека „СДСМ може да ја воведе земјата во вистинска криза, ако продолжи да се фемка, да одолговлекува, да покажува знаци на процедурална заробеност и вкочанетост“.

Пред сè, мислам дека Фрчкоски го губи од видното поле фактот дека СДСМ има освоено 49 пратенички мандати и дека од албанските партии има поддршка само да се земе мандатот, по што дополнително ќе уследат сериозните преговори за формирање влада. Сигурен сум дека ДУИ и другите албански партии нема да учествуваат во сценариото што го предлага професорот и директно му порачува на СДСМ: „Вељаноски ќе го фатите за ушите немиени и ќе го тргнете од седалото, ќе ја востоличите легитимно новата собраниска постава“. И секако, не верувам дека една таква ризична операција ќе поддржи меѓународниот фактор.

Она што се случува во Собранието, за жал, не е „приватна журка“ на Трајко Вељаноски, туку добро осмислено сценарио за „легитимна“ окупација на парламентарната говорница. Рано предупредив СДСМ да не влегува во парламентот без јасен договор со ДУИ за новата влада и без јасен план како да се изведе тоа. Предупредив, зашто ми беше јасно, а се надевам дека сега на сите им е јасно, дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера мирно да ја предаде власта, а Македонија, пак, во овој момент не може да ризикува судир што неизбежно ќе ја загрози нејзината безбедност.

Што да се прави сега? Ништо друго, освен да се исцрпат сите можности што се чинеа како добра перспектива пред СДСМ да донесе одлука да бара продолжување на конститутивната седница. Планот, каков и да е, треба да се исполни до крај. Во таа смисла, граѓаните што ги поддржаа СДСМ и Заев на изборите, треба да покажат малку поголема трпеливост и малку поголема доверба во лидерот кој сепак успеа режимот на Груевски да го доведе во безизлез.

И уште нешто, драги мои. Сочувајте ги нервите за периодот што доаѓа. Мирниот трансфер на власта ќе биде мирен ако биде предмет на јавни или можеби дури и тајни преговори, чија цел ќе биде на диктаторот Груевски сепак да му се овозможи помалку или повеќе безбедно да ја напушти власта. Другата опција е да се степаме и да се влечеме за уши. А по секоја тепачка, пак мора да се преговара. Откако претходно ќе се пребројат залудните жртви.

Извор: Плусинфо, 5.04.2017
Слика: Александар Дојранлиев