Ги подели сталинизмот, ги уништува неолиберализмот

05.07.2010 14:09
Kirgistan.jpg

Неколку недели пред нередите во кои е симнат од власта претседателот Курманбек Бакиев, во Киргистан е одржан референдум со кој привремената влада во земјата имаше намера да ја трансформира земјата во единствената парламентарна демократија во централна Азија. Иако Киргистан и другите четири тамошни поранешни советски републики вниманието на светските медиуми го привлекуваат само во ретки пригоди, сите тие се претседателски диктатури, па поупатените аналитичари сметаат дека можноста за судири, па и менување на границите, е извесна.

На почетокот на април во главниот град Бишек се случија протести против Бакиев, а поводот беа корупциските скандали и најавата за поскапувањето на режиските трошоци и горивата. Опозицијата и делови од војската ги поддржаа протестите, а оние кои беа лојални на Бакиев пукаа на демонстрантите и убија 95 лица. Бакиев ја напушти земјата и се засолни кај белорускиот диктатор Александар Лукашенко, додека опозицијата, на чело со поранешната соработничка на Бакиев, Роза Отумбаева, ја презеде власта. Два месеци подоцна ситуацијата повторно зовре во јужните градови Ош, Џалалабат и Баткен, упоришта на Бакиев, во кои поголемиот дел од жителите се етнички Узбеци. Убиени се околу 200 луѓе, главно Узбеци, а нивниот имот е ограбен. Според податоците на ООН раселени се околу 400.000 луѓе, а 75.000 тамошни Узбеци, околу десет проценти од нивната вкупна популација, пребегнаа во соседниот Узбекистан. Сегашната влада нема контрола врз југот на земјата, а референдумот за уставните промени е одржан наспроти фактот дека на сила е вонредната состојба и дека протераните жители немаа можност да гласаат.


Пауперизирани селани

Иако многу западни медиуми се приклонија кон објаснувањето дека тука станува збор за „вековна омраза“ меѓу двата народи, Киргизите и Узбеците, повеќе станува збор за борба меѓу политичките елити за власт. Улога имаат и социјалните и економските причини кои во еден дел се преклопуваат по етнички линии. Така нередите во јуни, судејќи по сè, ги организираа приврзаниците на Бакиев во обид да го осуетат референдумот и привремената влада, а во соработка со криминалните групи, главно трговци со дрога, на кои промената на владата би можела да им ги расипе бизнисите.

Но, проблемот на Киргистан се протега во далечното минато, при што советскиот државен инженеринг ги создаде темелите за подоцнежните етнички судири. Како што споменува Суриј Јигит од Универзитетот во Бишек, границите на средноазиските советски републики ги исцртал самиот Сталин во 1924 година, со цел различни турски народи да потпаднат под државна власт на други народи, па така Узбеците на југот завршиле во Киргистан. Киргистан со своите 5,5 милиони жители беше и остана најсиромашната држава во регионот, а на југот од земјата БДП е и двојно помал од националниот. Наспроти тоа, Узбеците во градовите ги следат стереотипи дека се финансиски подобро потковани заради своето лукавство и склоност кон мамење, иако нивниот социјален статус произлегува од фактот што со векови биле седентарен народ, а Киргизите биле номади. Заради одвоеноста на планинскиот ланец кој во еден дел од годината е непрооден, северњаците и во поновата историја биле под влијание на Европа и Русија, а јужњаците под влијание на Узбекистан и исламот. Узбеците како земјопоседници диспропорционално страдале по сталинистичкиот систем, зашто режимот им ја национализирал земјата, а токму распределбата на земјата беше причината за судирите кои се случија во летото 1990 година, со распадот на СССР.

Со доаѓањето на капитализмот многу Киргистанци го напуштија традиционалниот начин на живот и станаа неквалификувани работници во урбаните центри и во странство, па така парите кои ги испраќаат гастарбајтерите денес сочинува 40 отсто од националниот приход.

Власта по распадот на СССР ја презеде советскиот функционер Аскар Акаев, кој ја задушуваше опозицијата, медиумите и граѓанското општество. Петнаесет години подоцна во Киргистан се случи една од „револуциите“ кои низ поранешните советски републики ги организираа меѓународните невладини организации со поддршка на САД. Во таканаречената лале револуција исплива токму Бакиев, па едно време Киргистан градеше имиџ на единствена средноазиска држава по мерка на Западот, а за возврат добиваше великодушни донации и кредити. Како што пишува Балихар Сангхер, специјалист за средна Азија на британскиот Универзитет Кент, меѓународните финансиски институции по туторство на западните влади, на кои во средна Азија им беа потребни стабилни режими за да ги шират своите интереси, во Киргистан изведоа неолиберални реформи, пред сè земјоделски, и така селаните ги претворија во пауперизирани сиромаси во градовите. Само во Бишек има слам со 300.000 луѓе, кои во неодамнешните нереди видоа можност за грабеж на подобростоечките соседи.


Воени бази да, помош не

Заради сиромаштијата и слабоста, киргистанските власти веќе се години се обидуваат да стигнат под заштита на Русија и САД, и тоа со изнајмување територии за нивните воени бази. Така во околината на Бишек за наоѓа руска воена база, а после 11 септември база има и НАТО сојузот. Двете земји имаат намера да отворат и нови „противтерористички центри“ на југот од земјата, но не се одѕваа на повиците на привремената премиерка Роза Отунбаева да испратат помош за да се спречи насилството во Киргистан.

Според мислењето на аналитичарите, Русија го направи своето на тој начин што со кампањата против Бакиев и финансиската помош, ја поддржа привремената влада која него го симна од власта. Дури и ако Киргистан сега повторно е во сферата на интересите на Русија, тамошната привремена влада сè уште нема легитимитет ниту контрола врз југот на земјата, заради што меѓународните организации предупредуваат дека потенцијалните судири сè уште тлеат под привидното примирје.

* * *

Срцето на средна Азија го сочинува Ферганската долина, најплодниот и најгусто населен дел од регионот. Долината со своите 11 милиони жители од различни етнички групи е поделена меѓу три држави: на Киргистан му припаѓа планинскиот ланец Тјан Шен кој го опкружува, на Узбекистан самата долина, а на Таџикистан единствените пристапни патишта. Затоа тоа е најексплозивниот дел од регионот, зашто државите и локалните кланови можат да се борат за контролата над долината, која е на крстопатот на трговијата со дрога од Авганистан кон Европа и Русија, а е богата со нафта, плин, злато и уран. Воедно е и инкубатор на верскиот национализам во кој дејствуваат исламистичкото движење Хизб ут-Тахрир и Исламското движење на Узбекистан, кое е поврзано со талибанците и со Ал-Каеда. Некои аналитичари сметаат дека овие фактори, заедно со неодамнешното „откритие“ на минералните богатства во соседен Афганистан, би можеле дополнително да го дестабилизираат регионот.

Извор: novossti.com

ОкоБоли главаВицФото