Читателот како терен за политичка борба во книжевноста

07.04.2017 00:03
Читателот како терен за политичка борба во книжевноста

На постјугословенските книжевни полиња често може да се слушне повик за соочување со читателот, упатен од авторот на книжевното дело. Полесно е да се одговори што значи соочување, отколку кој е читател. Попрецизно – ако сакаме да дознаеме кој е читателот, прво мора да знаеме што е соочување. Како што сакам да покажам, соочувањето постои пред да постои читателот.

Значи, што значи соочување?

Значи дека како автори треба да пишуваме книжевно дело во кое нашите емоции, ставови и намери се неприкриени, на виделина, и притоа уште и да ја разоткриеме својата човечка ранливост. Не се прашуваме кој е автор и како се создаваат одредени емоции, ставови и намери, ниту како оваа ранливост, која е сведена на универзална човечност, функционира во однос на ранливоста на другите луѓе. Тие се укинати како такви со тоа што едно еднообразната човечност уште на прв потег е проектирана во аморфна надворешност.

Значи, се работи за крајно нарцисоиден социјален акт. Но, не е продуктивно да се задржуваме во рамки на поединечните повици за соочување. Многу е поважно разбирањето на условите кои ја овозможуваат нарцисоидноста (повторно, не вреди да навлегуваме во прашањето на индивидуалната нарцисоидност). Мислам дека основен услов за нејзиното постоење е митскиот статус на книжевноста во постјугословеските книжевни простори. Се претпоставува – не нужно сосема освестено – дека сè што се (само)нарекува книжевност, веќе е возвишено и легитимирано под закрила на тој мит. Во Словенија во еден период и во рамки на локалната интерпретација на постмодернизмот се појави тренд според кој декларативно во поезијата се наоѓало сè што во одреден момент на нејзиниот автор му се појавило во фокусот за време на пишувањето на песната – главно, банални секојдневни околности. Тоа номинално му служело на рушењето на митот на поезијата, но го репродуцирало тој мит во практиката.

Но, како воопшто да се дојде до можноста да пишуваме поезија во која внесуваме сè, и најважно, својата човечност? Прво треба да се имаат продукциски средства за создавање книжевност. Продукциските средства го обезбедуваат токму пишувањето за нашата човечност. А, ако ги диференцираме нештата, и ако погледнеме за каква човечност се работи, може да видиме дека се работи за постосоцијалистичка човечност на високата средна класа. Таа ги содржи сите типични елементи на класното искуство – нерешени односи спрема етаблираните родители, љубовни болки меѓу егзистенцијално обезбедени млади луѓе, етаблиран либерален активизам кој се очекува од детето од повисоката средна класа како значаен момент во растењето пред настапувањето на етаблираните функции, поврзани со државниот апарат, опишување на патувањата, кои се исто така важен елемент во одгледувањето на младиот писател од високата средна класа...

Значи, се работи за самореференцијална замка, во која се вртат митскиот статус на поезијата и пристапот до продукциските средства за пишување книжевност. Замката доведува до нарцисоидна универзализација. Знаеме дека нарцисоидноста самата по себе е самореференцијална. Во Словенија продукциските средства за пишување книжевност ги обезбедува мошне солидниот државен апарат (што самото по себе не е проблематично). На неколку години се појавува влада која сака некако да го осакати тој апарат. И тогаш почнуваат ламентации од книжевните кругови, кои се сведуваат на универзалното значење на книжевноста. Неодамна во словенечко списание можеше да се најде споредба меѓу неврохирургијата и културата, со неа и книжевноста (аналогијата дојде од страна на книжевна критичарка).

Оваа споредба одеше вака – ако владата сака да ги намали средствата за неврохирурзите, улиците би биле полни со луѓе кои протестираат, а кога станува збор за културата, тие луѓе ги нема. Значи, универзалниот, биолошки мозок овде е спореден со социјалниот мозок на словенечкиот книжевник во 2016 година. Секако, таа универзализација, која често станува и натурализација на постсоцијалистичкиот ум на високата средна класа, е една од причините зошто луѓето не излегуваат на улиците во одбрана на културата и книжевноста. Од сето тоа можеме да го заклучиме следното – читателот е проекција на опишаниот писател. Тој постои како фантазматска легитимација на пишувањето на групата, која има најлесен пристап до продукциските средства за пишување – што е, значи, главниот самореференцијален потег во овој комплекс.

Бидејќи оваа човечност е веќе легитимирана, таа во поезијата често се појавува во прозен облик – јазикот на таквата поезија не е поетски јазик, туку етаблиран јазик на прозата. Бидејќи субјектот на таа поезија е цел, завршен и општ, тој е во целосен склад со општиот облик на употреба на јазикот. А, за поетскиот јазик значајно е токму тоа што е не-цел, што оневозможува лесна комуникација и со тоа формирање инертни/општи места во јазикот. На тој начин и го попречува создавањето на опишаниот хегемониски комплекс писател-читател.

Според моето гледиште, во постјугословенските книжевни полиња еден против друг суштински стојат овие два вида поезија – кои се соочуваат во класната борба. Тоа не значи дека сите писатели од едната или другата страна се емпириски припадници на една или друга класа (како што покажавме, припадноста на класата симболички може да се обезбеди со самиот начин на пишување), како што исто така не значи дека Маркс емпириски потекнувал од работничката класа – тука класата е претставена како идеален тип со емпириска подлога. Исто така, ова не значи дека таа е ограничена на поезијата; поетскиот јазик се појавува и во прозата, а во нејзини рамки постојат некои аналогни формални проблеми и дистинкции.

Книжевноста, која се концентрира околу опишаниот механизам за проекција на читателот, првенствено функционира, со своите спецификации, во рамки на поединечни книжевни полиња, и во тоа е мошне аутистична, зашто и постсоцијалистичкиот субјект на средната класа – кој е главен репродуцент на еден облик национален идентитет – се воспоставува како специфичен, со диференциран национален идентитет.

Од друга страна, поезијата на помладите авторки и автори, која се занимава со прашањето на јазикот и аналогно на субјектот во поезијата, има многу заеднички потези во сите републики и (почнува да) формира едно наднационално постјугословенско книжевно поле.

Слики: Agustin Bejarano

Извор: http://proletter.me

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото