Светска банка: две третини од младите во Македонија се функционално неписмени

07.04.2017 04:09
Светска банка: две третини од младите во Македонија се функционално неписмени

Во најновиот економски извештај на Светска банка за Западен Балкан се посочува дека во Македонија две третини од младата популација е функционално неписмена. Односно, од 70 земји во светот, Македонија се наоѓа на 68. позиција, пред Косово и Доминиканска Република, според овој податок.

Функционалната неписменост подразбира дека лицето умее да чита, пишува и зборува со ограничени и основни вештини, и дека нема основно познавање на работење на компјутер, како и разговорно познавање на некој од светските јазици.

Според извештајот, во последните години во Македонија работната сила се намалува и таа на крајот од 2016 година го достигнала нивото од 2012 година, а процесот на намалување на младата работна сила започна од 2008 година.

„Состојбата на влошување на човечкиот капитал на пазарот на трудот негативно влијае врз растот. Дополнително, во Македонија 40 отсто од населението не е вклучено на пазарот на трудот, постои голем процент на невработеност кај младата популација и тренд на долгорочна невработеност кај населението. Најниска стапка на запишани деца во основно образование“, посочи Бојан Шингов од Светска банка, на денешната презентација на извештајот.

Извор: Утрински весник, 6.04.2017
Слика: Пауло Зербато