„Отпечатоци врз коцки мраз“ - второ дополнето издание

07.04.2017 14:20
„Отпечатоци врз коцки мраз“ - второ дополнето издание

Издавачката куќа Темплум објави второ и дополнето издание на книгата „Отпечатоци врз коцки мраз“, збирка куси-куси раскази од Живко Грозданоски. Книгата е достапна на саемот на книга на штандот на Темплум.

Во продолжение, пренесуваме дел од новите раскази во книгата.

 

Раѓање

Во последно време често се фаќам себеси како чекорам, лежам или седам со стиснати заби. Како да се напрегам да се родам.

Здив

Девојката застана пред нас, ја намести флејтата на усните и почна да изведува композиција од некој класичен автор. Tаа свиреше, јас занесено гледав во неа, но, ни нејзината мелодија, ни нејзината убавина, ни нејзиниот поглед не ми оставија толку силен впечаток како оние кратки паузи кога таа земаше здив, за да продолжи да свири. Сѐ беше во ред: чекорот со кој дојде, поклонувањето, фустанот, ставот... сепак, сите тие нешта како да не беа ништо повеќе од придружни елементи на она бесценето јадро што требаше да ѝ се пренесе на публиката: оние кратки делови од секундата сместени помеѓу два грозда ноти, кога таа, чиниш за миг излегувајќи од под вода, се подисправуваше и го испушташе оној брз, отсечен звук – најприродното, најсоголеното, најискреното, највистинското нешто од сиот нејзин настап.

Приод

Пред малку му пријдов на татко ми и го прашав дали може да провери случајно да не имам раска во окото. Што сѐ не правиме ние луѓето понекогаш за да се приближиме едни до други.

Прелом

Се наоѓам во полулегната положба на креветот, со прекрстени нозе и боси стапала. Чекам да се случи нешто. При едно кратко, сосема ненамерно движење, малиот прст од левото стапало се допира со малиот прст од десното. Се обидувам да го замислам тоа како преломен момент во историјата на човештвото.

Кола

Оддалеку гледаме како по џадето минува коњ со запрежна кола. Во неа има стар, речиси распаднат креденец, и една млада жена. Крај колата чекорат црномурест човек и дете. Според начинот на кој коњот ја зафрла главата нанапред, и според звукот на неговите копита може да се заклучи дека тој е стар и непоткован, и затоа едвај ја влече колата, иако патот не е угорница. Човекот се потпира на колата и тоа остава впечаток дека ја турка. Сѐ на сѐ, одамна не сум видел толку обична и убава љубов кон жена и животно.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Живот
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото